ДУИ контра Пендаровски за казината
14 февруари 2024Одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот за игрите на среќа предизвика незадоволство кај Демократската унија за интеграција (ДУИ). Партијата на Али Ахмети оцени дека ваквата одлука е за „жалење“ и најави дека нема да се предаде во битката за оддалечување на казината на 500 метри од училиштата.
Пендаровски одлуката да не го потпише указот ја образложи со несоодветната употреба на европското знаменце. Тој ги повика пратениците пак да почнат дебата за ова прашање, но во редовна законодавна постапка.
„Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Но, Пендаровски од Тетово денеска порача дека ЕУ сериозно укажува на злоупотреба на можноста со европско знаменце и по кратка постапка да се носат закони, како што беше направено во областа на игри на среќа. Во однос на обвинувањата од ДУИ дека „непотпишувањето на законот е приказни за мали деца“, порача дека не смее да се повторува ваквиот начин на носење на закони.
„Јас не мислам дека писмен допис од Брисел за кого било тука во земја кандидат која преговара за членство во ЕУ може да се каже дека е приказна за мали деца. Според мене, тоа е сериозно укажување кое не би смеело како однесување да го повторуваме понатаму“, рече Пендаровски. Според него, пред еден месец од Брисел пристигнало писмо до Владата за законот со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема. Меѓутоа, пратениците сепак го усвоиле.
„Доверба фрлена во корпа за отпадоци“
Собранието на седницата одржана на 7 февруари го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и за забавните игри, што предизвика незадоволство кај обложувалниците и казината.
„Опозицијата две години по ред го блокираше законот за оддалечување на казината и обложувалниците од нашите училишта и деца. Сите ги знаеме нивните мотиви. По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа законот, кој го поздравија сите граѓани, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите останати, а посебно мајките со пораки ‘ни ги спасивте децата’, како и здруженијата против коцкање“, порачуваат од партијата на Ахмети.
Тие сметаат дека „Стево Пендаровски ја фрлил во корпа за отпадоци“ довербата на пратениците и граѓаните кои го поддржаа, како и битката за отстранување на казината и обложувалниците од училиштата и децата, за двојно зголемување на даноците и зголемување на буџетските приходи и отежнување на процедурите за отворање и проширување на индустријата. Тој ја одбра страната на обложувалниците и казината, порача партијата, која што е дел од владината коалиција.
Законските измени за игрите на среќа со месеци ја брануваат јавноста. Полемиката се водеше меѓу различни здруженија - едните притискаа за затворање на коцкарниците и обложувалниците и нивно дислоцирање што подалеку од училиштата. Други, пак, бараа да се заштити секторот кој сметаат дека е „најголемиот работодавец“ во земјата.
Движењето „Анти коцкање“ неколкупати организираше протести за отстранување на објектите на игрите на среќа од населените места. Но, од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ беа окарактеризирани како „група за играње на црно“, која делува како огранок на една владејачка партија која јавно се критикува дека има бизнис интерес да поминат законските измени на Законот за игри на среќа во ваква форма.
Со масовни протести против законот
Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ ја поздравија одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот.
„Ова е уште една потврда дека одлуката да се гласа законот по скратена постапка и под знамето на ЕУ немаше правна основа и беше во спротивност со принципите на демократскиот процес и учеството на јавноста. Го повикуваме Собранието, сите пратеници, сите политички партии и чинители да се вразумат и конечно да се отвори јавна расправа за овој важен закон. Ајде заедно да донесеме европски закон кој вистински ќе ги штити интересите на граѓаните“, се вели во соопштението од АСОМ.
Оттаму посочуваат дека доколку повторно има обид за носење на законот со сила, ќе организираат масовни протести.