1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два масакра за два дена: Србија е збунета и беспомошна

Немања Рујевиќ
5 мај 2023

Уште едно масовно убиство во Србија - само еден ден по крвопролевањето во белградско училиште. Земјата тагува и бара објаснувања.

https://p.dw.com/p/4Qww0
Белград тага цвеќе
Цвеќиња и играчки како израз на тага и во знак на сеќавање на жртвите од масакрот во училиштето во БелградФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

„Некој мора да е одговорен“, вели човек во едно белградско кафуле. „А сепак, трагедии како оваа се случуваат насекаде низ светот.“

И тој, какo и цела Србија, нагаѓа околу причините што ѝ донесоа голема катастрофа на земјата. Тоа е единствената тема на разговор, се мешаат тагата и гневот. Белград, метропола позната по ноќниот живот и уличната врева, стана значително потивок.

Сè уште во шок од крвопролевањето во едно белградско училиште во средата (3.04), земјата денеска (5.05) се разбуди со вести за нов масакр. Осум мртви, десетици повредени, некои во животна опасност.

Насилникот, кој во меѓувреме е уапсен, Урош Б. (21), син на армиски потполковник, вчеравечер пукал од автоматско оружје во селото Орашје, педесетина километри јужно од Белград. Првите жртви биле претежно млади луѓе кои правеле вечерен пикник со скара и пиво до селското училиште.

Б. убил и други луѓе во две соседни села и побегнал. Сторителот беше уапсен во централна Србија дури изутринава, по голема полициска операција во која беа вклучени антитерористички единици, кучиња трагачи и хеликоптери.

Полиција Србија
Полицијата го уапси осомничениот напаѓач во три села Урош Б. дури изутринава (5.05.2023)Фотографија: Armin Durgut/AP Photo/picture alliance

Србија е земја со најмногу легално и нелегално оружје по глава на жител во Европа, од кое голем дел остана во приватна сопственост по југословенските војни во 1990-тите. Семејното насилство и криминалот од банди цутат.

Но, вакви убиства се исклучително ретки. Два масакра за два дена? Многу луѓе што ќе ги сретнете на улица стануваат речиси суеверни со оглед на трагедијата.

Потрага по објаснувања

Во средата 13-годишниот Коста К. уби осум свои соученици и еден училишен чувар. Крвавото злосторство - одамна планирано и извршено со легално оружје на таткото - се случи во белградскиот кварт Врачар, каде живеат добростоечки фамилии од средна класа.

Илјадници луѓе од средата се собираат пред училиштето, положувајќи бели цвеќиња и палејќи свеќи.

Србија Белград тага
Србија е во шокФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

„Српското општество е длабоко трауматизирано и истовремено и вооружено, и тоа повеќе од три децении“, вели уредникот на белградскиот неделник „Време“, Момир Турудиќ. „Би рекол дури и дека е чудо што претходно немавме вакви ѕверства“.

Искусниот новинар е вознемирен што земјата дури и во вакви времиња е длабоко политички поделена.

Недолго по масакрот во училиштето, политичарите, новинарите и интелектуалците почнаа да се наддаваат со шпекулации во медиумите и социјалните мрежи.

За некои - вклучително и некои министри - за сè се виновни „западните вредности“, или видео игрите и вртењето грб на традицијата. За останатите, одговорна е автократската влада и постојаната агитација во таблоидните медиуми. Третите, пак, ја обвинуваат ноторната наклонетост кон Русија или токму овие традиционални вредности.

„Наместо тивко да тагуваме, повторно се занимаваме со агресија и политички игри. Речиси можеше да се претпостави дека во таква атмосфера ќе дојде некој кој ќе повтори такво нешто“, изјави Турудиќ за ДВ.

Белград тага училиште
Илјадници луѓе од средата се собираат пред училиштето, положувајќи бели цвеќиња и палејќи свеќиФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Треба да се заострат законите за оружје

Денеска пред новинарите повторно излезе семоќниот претседател Александар Вучиќ. Тој единаесет години владее со балканската земја со железна рака и ги држи медиумите на краток поводник.

Вучиќ го опиша крвопролевањето во три села како „тероризам“ и „напад врз целата држава“, иако сѐ уште не се наведува причина за тоа. Според она што досега е познато, сторителот немал политички мотиви, туку по приватна расправија неселективно пукал кон луѓето.

„Веќе нема да ја види светлината на денот“, вети Вучиќ, кој се презентираше како енергичен татко на нацијата.

Србија претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Вучиќ ветува: Ќе ја разоружаме СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Според неговата желба возраста за кривична одговорност треба да се намали од 14 на 12 години. Планирани се повеќе таканаречени училишни полицајци, редовни тестови за дрога за деца и блокирање на некои онлајн содржини.

Законите за оружје треба да се заострат - до 12 години затвор за поседување нелегално оружје. „Ќе ја разоружаме Србија“, вети Претседателот.

Многумина се скептични дека поголема репресија ќе биде од помош. „Би било добро да се слушаат експертите и да не се смислуваат такви мерки преку ноќ“, вели новинарот Турудиќ.

„Благо речено, несоодветно е што власта и опозицијата сега си дозволуваат политичка битка со обвинувања и избрзани заклучоци“, вели тој.

Од денеска во Србија има тридневна национална жалост. Дали оваа недела ќе поттикне национална катарза и самокритика на политичкиот и медиумскиот систем? Се чини дека никој не верува во тоа.