Двојните избори - тест и за партиите и за медиумите
30 јануари 2024Изборите во мај се клучни за европската иднина на Северна Македонија. Одговорност за изборниот процес имаат и политичките партии, но и медиумски актери, кои треба да известуваат на отворен и непристрасен начин, со цел на јавноста да и бидат достапни точни информации. Вакви пораки испрати денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, кој имаше средба со техничкиот премиер, Талат Џафери, а учествуваше и на настан на којшто стана збор за зајакнување на јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор.
Претстојните избори се од исклучителна важност за иднината на Македонија, бидејќи тие ќе го одредат текот на движење и напредок во следниот период. Техничкиот преиер Талат Џафери, кој ќе биде на чело на Владата која во наредните 100 дена треба да учествува во организирањето на фер и демократски изборен процес, се обврза дека овој владин состав ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост, да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија во насока на забрзана европска интеграција. ЕУ, пак, потврди дека ќе ги подржи активностите на ОДИХР во обезбедување набљудувачка мисија и спроведување фер и демократски двојни избори, со оглед дека напролет Македонија ќе избира и нов претседател и нов парламент.
Одговорноста на медиумите
Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека во изборниот период важно е сите медиумски актери да известуваат на отворен и непристрасен начин, со цел на јавноста да и бидат достапни точни информации. Кандидатите на политичките партии треба да бидат презентирани на јасен начин и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација да бидат решени на брз и законски начин.
„Северна Македонија е во изборна година, и особено важно е сите медиумски актери да известуваат за изборите на отворен, непристрасен начин, со цел точни информации да бидат достапни на јавноста“, вели Гир.
На денешниот промотивен настан „Важноста на функционирањето на Јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“ што се одржа во Скопје, евроамбасадорот рече дека постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија.
Во Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија беше наведено дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на финансиската стабилност и независност како на медиумскиот регулатор, така и на јавниот радиодифузен сервис. Во Извештајот се упатуваат и критики за неизвесноста на развојот на овие две институции како резултат на привремени мерки кои се усвојуваат од година за година, а оваа ситуација продолжува и во 2024 година.
„Потребно е обезбедување отчетност, посочување на погрешно постапување и информирање со точни и навремени информации на јавноста. Ова особено важи за јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, кои постојат во медиумска средина која денес брзо се менува. Постојат разни закани денес, кои се незамисливи за луѓето од пред една генерација. Ова се должи на интернетот и социјалните медиуми, како и на новите технологии“, вели Гир.
Демократијата и новинарството
Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер вели дека јавното информирање игра голема улога за демократијата во едно општество. „Демократијата и новинарството се надополнуваат едни со други. Денес можеме да кажеме дека имаме добро новинарство, но и соочување со големи предизвици. Младите луѓе денес се информираат од социјалните мрежи, кои најчесто не нудат квалитетни информации, а сепак го занемаруваат јавниот радидифузен сервис. Потребно е да има повеќе дебати околу важноста и значењето на јавниот сервис. Јавниот сервис исто така така треба да се прилагодува на постојаните промени кои се случуваат во современото општество“, рече Дрекслер.
Според неа, слободата на известување ја зацврстува демократијата во општеството. За време на изборната година во Северна Македонија, одговорноста на медиумите е многу поголема.
Амбасадорката посочи дека медиумите треба точно да известуваат, врз основа на проверка на факти, да пласираат веродостојни и релевантни информации до јавноста. Медиумите, како што рече, треба да придонесуваат кон зацврстување на демократијата во текот на изборниот процес.