Една година од експлозиите на Северен тек - многу шпекулации
26 септември 2023Дваесет и шести септември 2022 година, два часот по полноќ - сеизмичките станици во Данска, Шведска и Германија регистрираат слаб потрес. Во исто време, вработените во операторот со гасоводот Северен тек регистрираат остар пад на притисокот во гасоводот долг 1.200 километри, којшто ги поврзува Русија и Германија. Наскоро станува јасно: три од четирите краци на гасоводот Северен тек се кренати во воздух. Уништен е централен елемент на германската и европската енергетска инфраструктура.
Остри први реакции
Тука завршуваат сигурните сознанија. Потоа се отвора мноштво претпоставки, шпекулации и сомневања. Веднаш по нападот, многумина го вперија прстот кон Москва. Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак на Твитер (денес Х) напиша: „Големото 'протекување гас' на Северен тек 1 не е ништо друго освен терористички напад испланиран од Русија и акт на агресија кон ЕУ.“
Официјалните изјави се остри: „Секое намерно нарушување на активната европска енергетска инфраструктура е неприфатливо и ќе доведе до најостри можни реакции“, твитна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Но, и една година по експлозиите на морското дно, сѐ уште официјално не е јасно кој стои зад нападите на гасоводите. Истраги се водат во Германија, Шведска и Данска.Но, во јавноста стигнуваат многу малку од резултатите од истрагите. Дотолку повеќе очите се вперени во информациите што ги објавуваат истражувачките новинари.
Траги до Украина
Во март 2023 година, германски истражувачки тим предизвика возбуда со истражување според кое има траги кои укажуваат на Украина. Притоа, централна улога има 15-метарската јахта за едрење „Андромеда“. Според истражувањето на радиодифузниот сервис АРД и весникот „Цајт“, на 6 септември 2022 година, речиси три недели пред нападите, пет мажи и една жена испловиле на јахта за едрење од пристаништето Варнеминде на Балтичкото Море . Иследници на Сојузната криминалистичка служба на јахтата нашле траги од експлозив - истиот експлозив кој е пронајден и на дното на Балтичкото Море.
На почетокот на јуни, во „Вашингтон пост“ се појавува извештај кој ја поддржува оваа верзија. Според него, европските и американските тајни служби уште во јуни 2022 година биле предупредени за планови на украински командоси за напад на гасоводите „Северен тек“. Разузнавачките информации се детални: Конкретно се зборува за шест лица, за нуркачи, за јахта. Според „Вашингтон пост“, командосите биле подредени директно на највисокиот украински армиски офицер, генералот Валериј Залужниј. Украинскиот претседател Володимир Зеленски меѓутоа не бил информиран за плановите.
По опсежно истражување на крајот на август, истражувачки тим од над 20 луѓе од германскиот магазин „Шпигел“ и телевизијата ЗДФ, исто така, дојдоа до заклучок: „Трагите водат во една насока - кон Украина“. Дел од тимот беше и Волф Видман-Шмит. Новинарот за ДВ потврди: „Иследниците не нашле ништо што би можело да докаже дека Русија би можела да стои зад нападот, а уште помалку дека САД би можеле да стојат зад нападот. Воопшто нема докази за тоа“.
Во февруари, легендарниот американски репортер Сејмур Херш во нашироко пренесен извештај се посомнева дека САД стојат зад експлозијата на гасоводот. Против деталните описи на Херш зборува тоа дека американскиот репортер го засновал својот извештај само на еден и тоа анонимен извор.
Мотиви во Москва и Вашингтон
Сепак, Херш укажа на изјавите на американскиот претседател Џо Бајден за време на инаугуративната посета на канцеларот Олаф Шолц на Вашингтон, на почетокот на февруари 2022 година, пред рускиот напад врз Украина. Бајден пред новинарите рече: „Ако Русија изврши инвазија, Северен тек 2 веќе нема да постои. Ќе ставиме крај на тоа.“ Слични изјави дадоа и други врвни американски политичари.
Германско-руското енергетско партнерство беше трн в око на САД долго пред војната во Украина - исто како што беше за Украина и другите европски земји. Вашингтон долго време се обидуваше да ја спречи изградбата на Северен тек 2 и значително ја одложи преку санкции.
Но, и Русија можеше да има мотив за уништување на гасоводот, затоа што руската компанија Гаспром во летото 2022 година веќе го запре транспортот на гас преку Северен тек 1 - и со тоа ги прекрши своите договорни обврски за испорака. Тоа би ја отворило вратата за барања за регрес од западните партнери. Поради уништувањето на гасоводот, Гаспром сега може да се повика на „виша сила“- и барањата за регрес ќе бидат невалидни.
Според меѓународното право - воено злосторство
Според меѓународното право, нападот на Северен тек би бил незаконски дури и во рамки на воен конфликт, објаснува за ДВ експертот за меѓународно право од Бон, Штефан Талмон. „Гасоводите Северен тек се проект за цивилен инфраструктурен проект. Според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, уништувањето на цивилната инфраструктура не е само кршење на меѓународното право, туку дури и воено злосторство.“
Сепак, нејасно е дали некогаш ќе дојде до судски процес. Канцеларот Олаф Шолц во врска со нападите на Северен тек е за водење судски процес во Германија. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер се надева дека Сојузниот јавен обвинител ќе најде доволно докази за да ги обвини сторителите. Но, со оглед на индициите дека можеби биле одговорни украинските сили, берлинскиот истражувачки новинар Видман-Шмит има сосема различни искуства кога се среќава со владини претставници: нему му се чини како тие да сакаат да ја избегнат темата. „Мислам дека тие не можат едноставно да отфрлат такво сериозно злосторство. Но, исто така, не можат да ја прекинат поддршката за Украина во војната против Русија. Тоа не е опција. Така, сите овде во Берлин го избегнуваат прашањето за последиците најдобро што можат.“
Во меѓувреме, шведското јавно обвинителство најави дека ќе ја заврши истрагата до крајот на годинава. Резултатите се очекуваат со нетрпеливост.