ЕК оценува како ќе се одрази таксата за транзит на руски гас
31 октомври 2023Давачката од 20 лева (10 евра) за мегават/час за транзит на рускиот гас низ Бугарија, е нејзина национална мерка и не е поврзана со санкциите што ги воведе ЕУ против Русија поради војната во Украина, соопшти вчера портпаролот на Европската Комисија, Tим Мекфи.
„Досега ЕУ воведе 11 пакети санкции против Русија. Рестриктивните енергетски мерки влијаат на нафтата и јагленот, но не и на увозот на гас“, објасни портпаролот.
Тој ја потврди дека Бугарија води разговори со Европската комисија за новововедената енергетска давачка,но, кажа дека се водат разговори и со засегнатите држави од таа мерка - Србија, Унгарија и Северна Македонија, кои добиваат гас низ трасата што поминува низ Бугарија.
„Европската комисија ја зеде предвид оваа неодамна активирана мерка која влијае на увозот на гас. Ние сме во близок контакт со Бугарија и со потенцијално погодените земји за да ги оцениме и да разговараме за можните ефекти од оваа мерка“, рече портпаролот на ЕК.
Не даде други детали, со оглед дека за прашањето сѐ уште се разговара, но потврди дека воведената мерка е „национална“ и не е поврзана со европската политика кон Русија.
„Таксите наметнати од Бугарија за транзит на руски гас кон Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа Бугарија ќе одлучи каде ќе одат парите од нив“, нагласи портпаролот на ЕК.
Национална мерка во „дух“ на европското право
Ова е во спротивност со минатонеделната изјава на бугарскиот премиер Николај Денков. Коментирајќи ја одлуката на бугарскиот претседател Радев, кој ја оспори енергетската давачка пред Уставниот суд, Денков тврдеше дека таа не е во спротивност со заедничката европска политика и дека е можно приходите од давачката кои се проценуваат на над 2,5 милијарди лева годишно, да одат во европскиот буџет.
Радев во иницијативата до Уставниот суд наведе дека не е јасна правната природа на новововедената давачка - дали таа претставува данок, такса или царинска давачка, и дека со неа се прекршени и Уставот и правото на ЕУ, кое бара во трговијата меѓу државите членки да не се наметнуваат такси со ефекти еквивалентни на царински.
Денков го тврдеше спротивното.
„Нема противречност, бидејќи знаете дека има заедничка директива која оди токму во таа насока. Конкретните давачки се целосно во духот на таа директива. Тие не се во спротивност со европското право. Таксата можеби треба да оди во европскиот буџет, бидејќи таа има значење на надворешна царина за ЕУ“, коментираше Денков.
За опасноста да бидат покренати арбитражни постапка против Бугарија поради наметнатата давачка, бугарскиот премиер искоментира дека секој има право да покрене арбитражен предмет.
„Прашањето е - дали го кршиме законот? Одговорот е не. Дали одговараме на заедничката европска политика? Одговорот е да. Дали одговараме на интересите на режимот на Путин? Не“, порача Денков.
Тој тврдеше дека целта на давачката не е зголемување на цената на гасот за соседните земји, туку намалување на профитот на руски „Гаспром".
Не ја оспоруваме таксата, туку количините
И додека во Софија траат внатрешнополитички критики околу (не)исправноста на одлуката, Северна Македонија, Србија и Унгарија се во исчекување да се рачисти маглата околу ова прашање.
Мерката е воведена од 13-ти октомври, а согласно со законските барања веќе на 10-ти ноември увозниците на руски гас и операторите на мрежите за пренос и дистрибуција на гас треба да ги пријават на царина количините руски природен гас што се увезени или транспортирани низ Бугарија во октомври. До 14 ноември треба да се платат доспеаните 20 лева за секој мегават/час.
Засега нема реакција од „Гаспром“ за воведената енергетска давачка и не е јасно дали руската компанија има намера да ја плати. Министерот за финансии Асен Василев изјави дека на субјектите им биле дадени упатства како да ги пријават количествата руски гас. Според него, само „Гаспром“ ќе биде обврзан да ја плати предметната такса, а ако компанијата одбие да плати, ќе се активираат нејзините финансиски гаранции според договорите што ги има во Бугарија, или нејзините средства, какви што според медиумите, „Гаспром“ немал во Бугарија.
Македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши, во неколку наврати повторува дека Македонија не ја оспорува воведената такса, туку количините што му се загарантирани на „Гаспром“ во однос на гасоводот со РСМ.
„За нас не е спорна таксата. Мислиме дека сме уценети со тоа што воведуваат такса за ‘Гаспром’, што не ја оспоруваме, но воедно им даваат на ‘Гаспром’ можност да закупат преносни количини до 2030 година“, рече Бектеши.
Затоа Македонија бара да се ослободат количини за да може преку слободен пазар да бара други извори за снабдување со гас.
„Бараме да се ослободат количините за да можеме да се снабдуваме од други извори како што се снабдуваме со 180 милиони нормални метри кубни азербејџански гас и со ЛНГ што доаѓа од САД“, рече Бектеши минатата недела.