1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Елдорадото на фотоволтаици го „стопи“ увозот на струја

ДТЗ
17 април 2023

Традиционално набавуваме околу 30% струја за сите потрошувачи. Денес енергетската зависност е намалена, увезуваме само околу 11%, а и домашното производство е зголемено“, вели Марко Бислимоски

https://p.dw.com/p/4Q43w
Portugal Wasserstoff aus Sonne und Meer | Enercoutim

Елдорадото на фотоволтаици во Северна Македонија ги минимизираше сметките за струја на компаниите, а го „стопи“ и увозот на струја. „Традиционално набавуваме околу 30% струја за сите потрошувачи : индустријата, малото стопанство. Денес енергетската зависност е намалена, увезуваме само околу 11%, а и домашното производство е зголемено во последните месеци“, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за ДВ. 

За петнаесет месеци, ова регулаторно тело има издадено лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за вкупна инсталирана моќност од 191,6 MW , со која може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница.

„Ние сме генерално народ кој додека нѐ не стигне криза, ништо не менуваме и навистина умееме кризите да ги претвораме во можност. Енергетската криза не извади сите од комфор зоната, па високите цени ги натераа менаџерите парите да ги инвестираат во фотоволтаици. Затоа што без енергетика нема економија. А, без добра цена на струја, има само лоша конкурентност“, вели за ДВ првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.

Марко Бислимоски
Бислимоски оценува дека сонцето обезбеди енергетска независност на земјата и ја загарантира иднината.Фотографија: DW/K. Delimitov

Кризата претворена во можност

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција со поранешниот генерален директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на 6 април информираше дека во услови на енергетска криза компанијата во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.

„Планирано беше да набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност. Уште еден позитивен податок, во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, за 80% го зголемивме производство на струја. ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh (22.933 MWh) електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години“, рече Ковачевски.

Во последниве шест- седум месеци, земјата успешно се справуваше со кризата, а тоа според надлежните се должи на зголеменото домашно производство на електрична енергија, но и на благата зима. „Тој тренд на зголемување на домашното производство е поизразен и во првите три месеци од годината за вкупните потреби на електрична енергија околу 88,5 проценти ги обезбедуваме од домашно производство, а увозот за целокупни потреби на електрична енергија, не само за регулиран пазар, е 11,5 проценти и такви бројки мислам дека немало во последниве 20 години“, вели Бислимоски. 

Соларни керамиди наместо фотоволтаични панели

Секој ден по една лиценца

Оценката на надлежните е дека земјата веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Интересот за инвестиции во обновливи извори постојано расне. Само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во Северна Македонија има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија.

Регулаторната комисија за енергетика минатата година секој ден издаваше по една лиценца. „Од 1 јануари 2022 година до 31 март 2023 година имаме издадено лиценци на 400 централи за производство на струја од обновливи извори. И тоа не е постапка за месечен автобуски билет, туку бара анализа на подготвеност да се вклучите во електроенергетскиот крвоток. Денес, се гледа ефектот“, вели Бислимоски.

Само за три месеци се издадени 170 лиценци, за разлика од лани кога се издадени 267 лиценци. Оваа година, од РКЕ очекуваат да биде рекордна во Македонија во однос на новоизградени производни капацитети за електрична енергија.

Бислимоски оценува дека сонцето обезбеди енергетска независност на земјата и ја загарантира иднината.

фотоволтаици
Регулаторната комисија за енергетика минатата година секој ден издаваше по една лиценца за фотоволтаициФотографија: Privat

Ќе има ли евтина тарифа?

РКЕ ја разгледува можноста да се воведе дневна евтина тарифа, но тоа би можело да се реализира доколку се применува концептот за купување електрична енергија кога е најевтина. Фотоволтаиците ја „буткаат“ цената на струјата со што се создава простор да се врати евтината дневна тафира. 

Тоа го потврдува и првиот човек на РКЕ. Бислимоски вели дека фотоволтаиците ја менуваат цената на електричната енергија, која повеќе не е најскапа во текот на денот, туку варира и токму ова треба да го искористат ЕСМ и ЕВН хоум, доколку има потреба, електрична енергија да ја купуваат во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима.

Воведувањето дневна евтина тарифа би значело намалување од пет отсто на просечната цена на домаќинствата. Доколку се донесе ваква одлука, таа ќе почне да важи од 1 јули оваа година, кога се носи и одлука за цената на струјата. Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден. 

„На почетокот на 2023 година имаме порелаксирана ситуација од аспект на намалување на цените и на електричната енергија и на природниот гас и да се надеваме дека тие трендови ќе продолжат со цел да имаме далеку постабилна ситуација“, вели Бислимоски.