1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и марихуаната - секоја земја со различни казни

Биргит Радац | АРД
17 септември 2022

Претставници на земјите-членки на Европската Унија се собраа во Прага да разговараат за канабисот. Ставовите на одделни земји од Унијата за ова се сосема различни.

https://p.dw.com/p/4GkPu
канабис
На европскиот пазар сѐ повеќе има синтетички канабис, кој може да доведе до срцев удар, бессознание и психозаФотографија: Katerina Solovyeva/Zoonar/picture alliance

На еден паркинг, полскиот рапер Мата ужива додека пуши џоинт. Станува збор за сцена од спотот за песната „Патоинтелигенција“. Досега, повеќе од 60 милиони луѓе го погледнале видеото на Јутјуб. 

22-годишниот рапер, чие вистинско име е Михал Матчак, на крајот на јануари бил фатен со 1,5 грама марихуана. Полицијата ја пребарала неговата куќа, а тој и неговиот пријател ноќта ја минале во притвор. Според полскиот закон, му се заканува затворска казна до три години.

Полска има строга политика на сузбивање на сите видови наркотици. Поседувањето, одгледувањето и консумирањето марихуана е кривично дело. Сепак, случајот на раперот поттикна дебата за односот кон лесните дроги во Полска. Најголем број од луѓето кои реагираа, меѓу кои и политичари од Левицата и Граѓанската платформа, бараат либерализација на законот. Од друга страна, има и такви, како Јануш Ковалски од десничарската партија Солидарна полска, кои бараат уште построги закони.

Сосема поинаку е во Холандија, Естонија, Чешка, Португалија и Шпанија. Секој кој таму сака да купи и консумира марихуана, може да биде сигурен дека нема да биде кривично гонет. Во Холандија, продажбата на канабис во таканаречените кофишопови беше дозволена уште во 1970-тите. Сепак, тоа никогаш не беше целосно регулирано, па се појавија проблеми - нелегалните дилери на дрога ја искористија можноста да тргуваат со кокаин.

Португалија како пример

Добар пример за декриминализација на употребата на канабис е всушност Португалија. Од 2001 година, пушењето џоинт не е казниво, па дури и инјектирањето дрога. Количеството е точно одредено. Кој ќе биде фатен со десет дневни дози од по 2,5 грама марихуана - само плаќа казна, но не добива кривична пријава.

Португалија инвестира во борбата против зависноста од дрога, земјата формираше комисии составени од правници, социјални работници и психолози, се водат дискусии со корисници за конзумирањето наркотици. 

Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дрога (ЕМЦДДА) е со седиште во Лисабон. Во неговиот актуелен извештај се наведува дека на европскиот пазар има сѐ повеќе  синтетички канабис, кој може да доведе до срцев удар, бессознание и психоза. Легализацијата на канабисот низ Европската Унија може да ја оневозможи трговијата со нечиста трева, велат поборниците за либерализација.

Германија протест канабис
Протест во Берлин за целосна легализација на канабисотФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Пазарот на канабис станува покомплексен

Белгија е една од земјите кои прогледуваат низ прсти кога станува збор за консумирањето канабис. Секој што ќе биде фатен со мало количество канабис за лична употреба - до три грама - или кој одгледува едно растение, ризикува да му биде одземено тоа што ќе биде пронајдено кај него и да добие казна од 25 евра. 

Во Белгија, но и во други земји процвета концептот на „Cannabis Social Clubs“ – социјални, некомерцијални клубови кои овозможуваат заедничко садење и одгледување на коноп во сали. Растенијата се користат за медицински цели, но и како лесни дроги. Секој член има право на само едно растение. 

Иницијаторите ја користат легалната сива зона, бидејќи одгледувањето коноп кој не содржи повеќе од 0,2 отсто психоактивен тетрахидроканабиол (ТХЦ) не е регулирано со закон. Така, продавниците кои продаваат производи кои ја содржат само втората главна супстанција на растението - канабидиол (CBD), никнуваат како печурки по дожд и во Брисел и на други места.

Бум на производството на медицинска марихуана

Либерален имиџ, строга политика 

И покрај својот прогресивен имиџ, Шведска е целосно нетолерантна кон наркотици. Поседувањето и најмало количество канабис е кривично дело. Според извештајот од 2014 година, употребата на канабис во Шведска е пораспространета отколку во Португалија, каде што беше декриминализиран уште во 2001 година. 

Други истражувања покажуваат дека потрошувачката на канабис во Шведска исто така расте, но таа е помала отколку во другите европски земји. Според статистичките податоци на шведските здравствени институции, минатата година 2,6 отсто од граѓаните на возраст меѓу 16 и 84 години изјавиле дека консумирале канабис во изминатите 12 месеци. 

Познавачите на состојбите во Италија очекуваат дека по изборите во септември прилично прогресивната политика кон консумирањето канабис ќе забележи назадување. Додуша, нема конкретни индиции во програмите на десничарските партии како што се Лега Норд или Браќа на Италија, кои би укажале на порестриктивна политика доколку победат, но лидерот на Лега Норд, Матео Салвини, и жената на чело на Браќа на Италија, Џорџа Мелони, веќе најавија дека ќе излезат на барикадите ако на дневен ред се најде целосната легализација на канабисот.