Можеби патот на Македонија кон ЕУ ќе запре со неизгласување на уставните промени, но тендерските игри на патот кон Европската унија никогаш нема да запрат. Министерството за надворешни работи, каде министер е кадар на ДУИ, ѝ даде на фирмата Еуровиа тендер од 1,8 милиони евра за да ја реновираат салата „Борис Трајковски“ за министерскиот состанок на ОБСЕ. И дотука нема ништо чудно да не експлодираше информацијата дека Еуровиа е еден од поголемите финансиери на ДУИ со донација од 70 илјади евра, односно 40 илјади лична донација од сопственикот Ељмедин Адеми и 30 илјади донација од касата на фирмата.
Парадоксот од оваа тендерска приказна е уште поголем ако се знае дека ОБСЕ е меѓународна организација чии принципи се изградба на демократски институции, одржување на слободни и транспарентни избори, човекови права, медиумски слободи и најважното - владеење на правото. Тендерот од 1,8 милиони евра што го доби фирмата донатор на ДУИ се коси најмалку со два принципа на ОБСЕ: демократските институции и владеењето на правото. Ако МНР беше институција која води сметка за тие принципи, фирмата Еуровиа немаше да го добие тендерот. Затоа што тоа потсетува на смртоносната комбинација за секоја држава наречена „кеш за влијание“.
Но оваа штетна општествена и криминална појава е толку многу игнорирана во Македонија, што никој веќе и не ја посочува како кочница во воспоставувањето на владеење на правото. Поразително е што ниту премиерот ниту министерот за надворешни работи не се обидоа да го погледнат случајот низ таа призма.
Освен тоа, третирањето како партиско чекмеџе на државниот буџет, кој го полнат граѓаните, ја отапува острицата на владината кампања за продолжување на преговорите за членство во ЕУ која треба да финишира со промена на Уставот. Скандалот со овој тендер уште еднаш потврдува дека за да стигнеме до ЕУ треба да ја направиме главната реформа – на нашата свест за тоа дека партиите и партиските интереси треба да се држат подалеку од институциите. И дека институциите треба да бидат сервис на граѓаните, а не на партии и поединци.
Катаргејт како поука
Пред само неколку месеци во Европскиот парламент избувна скандалот Катаргејт, во кој имаше апсења и притвор за поранешни и сегашни европратеници, шефови на невладини организации кои примале пари од Катар и Мароко за да влијаат на политиките на ЕУ кон овие земји. Во центарот на скандалот беше грчката европратеничка Ева Каили која била честа гостинка во Катар, каде примала кеш за да возврати со влијание во Брисел. Фактот дека од инволвираните во случајот „говореле“ парите од Катар, а не реалната политика, беше доволен да се поведе истрага. ЕУ се тресеше неколку месеци од овој скандал, но имаше доблест да го признае и да се соочи со последиците и со критиките.
Катаргејт во основа покажа дека ниту една држава и ниту една институција не е имуна на корупцијата, но во однос на тоа како се справуваат со случаите кои ќе ги откријат, Македонија е со светлосни години назад и се труди да ги скрие под тепих наместо да ги истражува и искоренува. Кешот и политиката кај нас се во монструозна симбиоза која е толку раширена што тврдењето на премиерот и министерот дека е задоволена законската форма со фирмата Еуровиа е само циничен обид да се задушат аргументите за местење на тендер од 1,8 милиони евра.
Игрите со тендерите не се само сега, туку се присутни со децении наназад. Тие се најзначајниот извор на корупција во државата, најсилната пумпа за испумпување на буџетски пари и најефикасниот инструмент за порамнување на сметките меѓу партиските финансиери и политичарите. Анализата што ја направи Центарот за граѓански комуникации на пример покажа дека минатата година во општините биле склучени договори со 1184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на осум фирми. На врвот, според вкупната вредност на договорите, е снабдувачот со електрична енергија Енерџи деливери солушнс од Скопје, со вредност на договорите од околу 10 милиони евра.
Бирото за јавни набавки, пак, во извештајот за ризиците за 2022 година наведува дека е присутна појавата на чести промени на почетокот или на потребите на јавните набавки, како и промени на годишните планови за јавни набавки што создава услови да се синхронизирааат тендерите со посакуваната фирма изведувач. На листата на установи и државни органи кои правеле такви интервенции се и Врховниот суд и Уставниот суд, кои според дејноста што ја вршат треба да бидат беспрекорни во почитувањето на законите.
Цела Македонија со црвени знаменца
Клиничките центри, училиштата, општините, инспекторатите, Електрани на Северна Македонија се исто така посочени како проблематични во јавните набавки. Бирото за јавни набавки посочува и потенцијални манипулации преку измени на огласите и тендерската документација. МВР, на пример, минатата година од 186 постапки имале дури 128 измени и дополнувања, а Министерството за одбрана од 279 постапки имале 162 такви интервенции. На таа листа се повторно Електрани на Северна Македонија, Царина, општина Битола и.т.н.
Тендерите се местат и со бодувањето, како и со поставување услови кои може да ги исполни само еден понудувач. Бирото за јавни набавки во својот извештај за ризиците во 2022 наведува дека во ЕУ се смета за алармантен податок ако процентот на тендери на кои се јавил само еден понудувач е над 20 отсто. Во Македонија, според тој извештај, лани овој плафон го пробиле дури 20 топ државни органи и институции, од кои некои се на самиот врв на државата како Министерството за финансии, каде тој процент бил 39,53, МРТ - 37,50 проценти, Државна лотарија - 38,98%, Клиниката за кардиологија - 37,25%, тетовската болница - 43,27%, општина Аеродром - 39,58 проценти и други.
Обемниот извештај на Бирото за јавни набавки за 2022-ра не остава простор за сомневање дека црвеното знаменце, кое е знак за опасност од изигрување на тендерите, може да се стави речиси на секоја институција во државата. Некаде тоа е случај и поради незнаење, вели извештајот, но кој е подготвен да верува во тоа кога на еклатантни примери за наместени тендери највисоки државни раководители одговараат дека не е прекршен законот. Оттука и тврдењето на премиерот и на министерот за надворешни работи дека немало фаворизирање на фирмата Еуровиа изгледа несериозно. Дури и да се почитувани законските рамки во овој случај, процедурата при огласувањето и бодувањето во тендерската постапка нудат широка лепеза на чекори со кои злоупотребата може да се покрие со одредбите од законот.
Манипулирањето со тендерите е најчесто под радарот на јавноста, освен во случаи кога алармира фирма која изгубила во наддавањето, но е голема невидлива пречка кон ЕУ. Очекувањата се дека состојбата ќе се поправи во текот на преговорите за членство, но фактот дека нашите тендераши го усовршија начинот како да ги стават злоупотребите во законски рамки, обесхрабрува секаква надеж дека државата ќе воспостави цврст заштитен механизам од појавата „кеш за влијание“.