ЕУ планира брза постапка за барателите на азил на границите
9 јуни 202327-те министри за внатрешни работи на ЕУ дискутираа цел ден во четвртокот (8.06) во Луксембург со цел да постигнат пробив во договорот околу со години подготвуваната реформа на постапката за азил и регулирањето на миграцијата.Шведската претседавачка со Советот, Марија Малмер Стенегард, трипати ја прекинуваше седницата заради промена на текстовите на одбиените документи од делегациите.
На крајот, согласност постигнаа поголемите ЕУ-членки како Германија и Италија, но не и помалите. Конечната одлука не беше донесена едногласно, туку со квалификувано мнозинство од членките на Унијата, кои репрезентираат најмалку 63 проценти од населението на ЕУ. Против гласаа Унгарија и Полска, одбивајќи и натаму да се придржуваат кон заедничките миграциски правила.
Прифаќање бегалци или плаќање
Национал-конзервативниот полски министер за внатрешни работи Мариуш Камински, на пример, најави дека Полска нема да плаќа никаква отштета во фондовите на ЕУ за неприфатените бегалци. Таа отштета, која изнесува 20.000 евра по барател на азил, треба да биде уплатувана доколку одделна земја не прифати онолку бегалци колку што фактички би била во можност според бројот на своето население.
Експертката за миграција Хелена Хан од тинк-тенкот Европски политички центар се сомнева дека новиот систем ќе оди глатко: „Видовме дека до крајот постоеше отпор кај одделни членки, вклучувајќи ја и Полска, со образложение дека овие трошоци се превисоки. Затоа, ќе мора да очекуваме поголема опозиција.“
Малку шанси при квота за признат азил од 20 проценти
Без оглед на масивната опозиција против „задолжителната солидарност“ со најоптоварените држави Грција, Италија, Кипар и Малта, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер заклучокот во Луксембург го смета за „историска“ одлука, чие донесување никому не му беше лесно. Фезер на крајот даде согласност за спроведување брза постапка за азил на надворешните граници на ЕУ, спорна во рамките на германската владејачка коалиција од СПД, Зелените и Либералите.
Постапката за утврдување на правото на азил на границата предвидува во рок од 12 недели да се детектираат барателите на азил кои очигледно немаат шанса да го добијат, зашто доаѓаат од релативно безбедни земји. Тоа важи за сите земји кај кои стапката на признат азил во ЕУ се наоѓа под 20 проценти, на пример Пакистан, Албанија и некои африкански држави.
Депортација во трети земји
Новата регулатива овозможува луѓето кои ќе бидат одбиени во постапката водена на граница, брзо да бидат вратени во нивните татковини или депортирани во трети земји. Дали тие трети земји се адекватни за депортирање, во иднина државите кои го вршат одбивањето, односно Грција и Италија, ќе можат сами да одлучуваат, нема веќе да постои обврзувачка ЕУ-листа.
Граничната постапка вклучува и семејства со деца и малолетници без придружба, што германските Зелени жестоко го критикуваат. Во завршниот протокол од Луксембург, министерката Ненси Фезер истакна дека и натаму ќе се залага за правата на децата и исклучоци, но дали тоа ќе биде доволно за коалицискиот партнер во Берлин, не е јасно.
40.000 места за почеток
Заради спроведување на граничната постапка треба да бидат подигнати нови, половично затворени кампови во земјите каде пристигнуваат најмногу бегалци, Грција и Италија, кои бегалските организации, но и германските Зелени и дел од СПД ги гледаат како недозволиви затвори. Италија даде согласност за новата регулатива дури откако во жилавите преговори беше драстично намален бројчениот капацитет за овие гранични постапки. Од шведскиот предлог за 120.000 места годишно, на крајот беше усвоена бројка од 40.000, односно една третина. Согласно на тоа е намален и бројот на луѓе кои останатите членки од ЕУ треба да ги прифатат од Грција и Италија во рамките на „релокацијата“ на мигрантите од логорите. На ваквото „релоцирање“ на барателите на азил кои имаат шанса да го добијат, во моментов се спремни само Германија, Португалија, Ирска и Луксембург.
Останатите членки на ЕУ кои нема да прифаќаат бегалци, ќе мора да плаќаат одредена сума во посебен ЕУ-фонд од кој ќе се финансира граничната заштита и останатите издатоци поврзани со миграцијата.
Без гранична постапка за мнозинството бегалци
Најголемите групи бегалци, оние од Сирија и Авганистан, не се засегнати од новите правила, зашто квотата за признат азил кај нив е над 50 проценти, за нив и натаму ќе важи „нормалната постапка“. Тоа значи, тие ќе бидат регистрирани во Грција или Италија и продолжуваат натаму, најчесто во Германија. Оваа „секундарна миграција“, која всушност е илегална според законите на ЕУ, но е постојана пракса, речиси ќе остане недопрена од новите мачно договорени правила. Државите, како и досега, само ветија дека ќе се трудат да ги примаат назад бегалците кои првпат се регистрирани кај нив.
Спорно дејство
Целта на реформата е намалување на бројот на пристигнати баратели на азил во ЕУ, кој во последните години бележи силно зголемување. Во 2022 година за азил аплицирале 850.000 луѓе. Дипломати од ЕУ истакнуваат дека новата регулатива треба да има одвратувачко дејство. Унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер се сомнева меѓутоа во соодветни ефекти. Тој се залага за подобра заштита на надворешните граници на ЕУ, за разлика од германската министерка Фејзер, која опстојува на „отворени граници“.
Експертката за миграција Хелена Хан советува итно барање нови консензуси и подобра координација. „Ако не дојде до тоа, ќе бидеме сведоци веројатно на повеќе слики од она што постои денес“, вели таа. Нередови постапки, растечки бројки – системот кој сега постои, веќе не функционира, констатираше австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.
По заедничкиот заклучок на земјите-членки, следуваат преговори со Европскиот парламент, а целта е до изборите за Европскиот парламент во јуни следната година да биде усвоен целиот пакет законски предлози за миграција и азил. Воените бегалци од Украина не се засегнати од новите правила, тие уживаат и натаму вонредна заштита врз основа на друга регулатива.