1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Евангелието на Трамп

19 јануари 2024

Кои би биле последиците за Америка, но и за целиот свет, од евентуална нова победа на Доналд Трамп и негово враќање во Белата куќа по претседателските избори во ноември? Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4bRPc
Доналд Трамп го започна патот за враќање во Белата куќа
Доналд Трамп го започна патот за враќање во Белата куќаФотографија: Andrew Harnik/AP/picture alliance

14 јуни 1946, Господ фрли поглед од горе надолу и кон рајот кој тој го создаде, и кажа: „Имам потреба од чувар. Така Господ ни го даде Трамп“.

Со овие зборови почнува видеото кое го најавува Трамп на веќе сите изборни митинзи. Месијанска инвеститура, со цел да ја спаси Земјата од политичкиот и морален колапс. Трае некои три минути видеото, каде се наброени сите доблести на „помазаниот“ од Бога, сите негови човечки авантури, семејни односи, до меѓународните ривали од кои Трамп треба да го спаси светот.

За волја на вистината „лавината“ Трамп на внатрепартиските избори во Ајова постигна рекордна победа не само благодарение на евангелистите и „Евангелието на Доналд“, туку ги прегази ривалите затоа што беше гласан од речиси сите: независни, студенти, жени, високообразовани, буквално сите оние на чии гласови се надеваа противкандидатите, Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис и поранешната американска амбасадорка во ОН Ники Хејли. Трамп освоил 53 отсто од гласовите во Ајова, ДеСантис 21 отсто, а Хејли 19 отсто, така надминувајќи ја психолошката граница од над половина од гласовите.

Нема што да се прави, Доналд Трамп - „тече низ вените на Америка“ - да употребиме наслов од славното дело на американскиот поет и писател, Вилијам Карлос Вилијамс.

Со оваа демонстративна победа „The Donald“ ја започнува изборната трка која веќе се навестува како триумфална, барем кај републиканците, а којзнае, утре можеби и за Белата куќа. Се разбира, државата од каде потекнува Џон Вејн, не ја претставува целата земја и падот во излезноста може да звучи како аларм, кој лесно се објаснува со поларните температури за време на гласањето, но ќе биде исклучително тешко дека Ники и Рон ќе можат да го загрозат кон кандидатската номинација.

„Трамп 2 - Одмаздата“

Сега трката за Белата куќа делува дека ќе доживее реприза помеѓу Трамп и Бајден, и пораката на тајкунот од Ајова ги загрижува Демократите. Иако, за верување е дека Џо го посакува токму тоа, затоа што така може да игра на картата застрашување со изходот од 2016-та, и конечно да се обиде да ја обедини и мобилизира својата коалиција од 2020-та, ужасната од можноста да го гледа филмот „Трамп 2 - Одмаздата!“ 

Доналд Трамп им се обраќа на приврзениците по победата на внатрепартиските републикански избори за претседателски кандидат во Де Моин, Ајова
Доналд Трамп им се обраќа на приврзениците по победата на внатрепартиските републикански избори за претседателски кандидат во Де Моин, АјоваФотографија: UPI Photo/IMAGO

За волја на вистината точно е дека половина од Републиканците не го сакаат, но оваа група е поделена на половина помеѓу Хејли и ДеСантис, потврдувајќи дека немаат јасна идеја околу алтернативата на Трамп, а уште помалку имаат сила таа волја да ја наметнат. Не случајно Трамп, во својот победнички говор, избра да биде широкоград: „Време е да се обединиме, за да се соочиме со проблемите на Америка“. Така им порача на партиските другари дека внатрепартиските избори се завршени и бескорисно е да се трошат дополнителни ресурси и енергии. Помирувачкиот тон пак, му служеше да испрати порака до независниот и умерениот електорат, како и за да го намали обвинувањето на Џо Бајден дека е закана по демократијата. Бајден од своја страна ја искористи победата на Трамп за да ги поттикне своите поддржувачи: „Трамп е на пат кон освојување на номинацијата. Тоа значи дека треба уште повеќе да ги засукаме ракавите“. Штета за Бајден што според последните сондажи, доколку денес би се гласало, би изгубил не само од Трамп, туку од сите три републикански кандидати. Чисто да добиеме слика од каде почнува борбата за Бајден.

Но, главното прашање со кое сакам тука да се позанимаваме е кои би биле последиците за Америка, но и за целиот свет, од евентуална нова победа на Доналд Трамп и негово враќање во Белата куќа после изборите во ноември?

Неколку идеи околу што би можело да биде веќе имаме. Со Трамп секако би се вратил и акронимот „МАГА“, односно, „Make America Great Again“, политика и популизам кој ја зароби Америка во една автархична логика, градуално отргнувајќи ја земјата од сите геополитички сценарија, демонстрирајќи еден изгубен интерес за задачите на светската сила број 1 или во најмала рака третирајќи ги меѓународните односи на еден површен и личен начин. Како на пример пријателството со Путин, една опасна леснотија која рускиот Цар ја искористи за да го ослабне НАТО одвнатре. Не случајно, додека Трамп беше претседател, Путин не си дозволи да изврши инвазија врз Украина, од проста причина што немаше потреба за тоа, Трамп му ја вршеше неговата работа. За еднаш кога сфати дека Трамп нема повеќе да владее, да се врати на своите империјалистички планови.

Инстант реваншизам

Подеднакво е веројатно дека Трамп ќе застане на страната на европските десничари или израелските јастреби, кои не случајно, инсистираат во своето оддржување на војната барем до крајот на ноември, за кога се надеваат дека токму победата на Трамп може да им обезбеди поддршка за продолжување на „воените“ дејствија.

Америка затворена во својата „чаура“, е нешто што само би произвело повеќе проблеми за САД, но и за целиот меѓународен поредок. Јасно е дека во минатото, на светот, особено од 70-тите наваму, му пречеше фазата на американскиот империјализам. Но, преоѓањето од фазата на империјализам, во фазата на автархија и изолација, би претставувала вистинска траума за светот, секако највеќе западниот, и би довело до кулминација на меѓународниот хаос и крах на актуелниот поредок. Веќе сите меѓународни институции делуваат безначајно и препуштени на хаосот, но со Трамп тие грижи би станале уште поголеми, затоа што веќе кажа дека НАТО е мртва, дека членот 5 за заемна одбрана не вреди пет пари, дека Европа не треба да очекува американска помош и одбрана.

Но, погрешно е да се мисли и дека Трамп 2 би бил обичен дупликат на неговата прва администрација. Не, овој пат големиот популист не би номинирал мејнстрим министри, индустријалци, екс-генерали, туку бесни послушници и извршители на неговата и ничија друга волја. Луѓе кои беспоговорно би ги извршувале неговите наредби во внатрешната и надворешна политика, подготвени да се откажат од секаков компромис со опозицијата и светот. 

Реваншизмот кон политичките противници и републиканските „предавници“ би бил инстантен, збогатен со кампањи против емиграцијата, абортусот, правата на жените, како и налудничави и анахрони идеи за поделба на светот во сфери на интерес, со Русија на Путин и Кина на Кси, така напуштајќи ги сојузниците во Украина, Европа или остатокот од светот.

Две Америки - заколнати непријатели

Европа особено ќе се соочи со егзистенцијален предизвик. НАТО без САД би можел да функционира, САД би можел навистина да ја напушти Алијансата?! Веројатно да, но Европа во кратко време би морала да ја промени природата на политичките и безбедносни односи со САД, додека во исто време да ја забрза својата федерализација, заедничка одбрана и надворешна политика. Ресурси за тоа постојат, прашање е дали се има волја?!

Тоа што е сигурно е дека без американска поддршка, Европа ќе го добие Путин во срцето на континентот, можеби наострен кон Балтикот или некој друг дел, можеби Полска, оставена без античката гаранција за сојузничка одбрана од НАТО.

Азијатските и африканските земји, од Црвеното море под опсада на шиитските Хути следбеници на Иран, до Јужното кинеско море со опколен Тајван, би биле оставени на милост и немилост на Кина, решена да ги потчини без американска поддршка.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

Одмаздата на Трамп ќе биде сурова кон самата земја, разочарувајќи ги принципите на татковците-основачи, кои настрана политиката, верувале дека Уставот и граѓанските институции се светина. Во својот последен говор пред да биде убиен, на крајот на сецесионистичката војна, Абрахам Линколн ќе побара од музичкиот бенд да ја отсвират баладата „Дикси“ на поразените јужначки Конфедеративци, во знак на помирување и реконструкција помеѓу Американците.

Дух и култура на помирување кои денес се изгубени. Денеска двете Америки на Трамп и Бајден наликуваат на заколнати непријатели, на сите теми, од права, економија, идеали, до иднина и политики. Едната затворена и во потрага по непријатели, другата која гледа напред во потреба по сојузници за оддржување. Ајова го награди бесот и жедтта за освета на Трамп, можеби заразувајќи го и остатокот од Америка. Но, тоа што ќе следи од денес до крајот на 2024-та, се однесува и ќе влијае врз сите нас подеднакво, верувале или не верувале во „Евангелието на Трамп“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи