1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ за Македонија: Корупција од името на ЕУ

БГ
18 октомври 2023

По скандалот на Клиниката за Онкологија и измените на Кривичниот закон, германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг констатира дека владината корупција се прикрива зад знамето на ЕУ.

https://p.dw.com/p/4Xftx
Премиер Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски на трибина „Ние сме Европа!“ Фотографија: Government of North Macedonia

Луѓето во Северна Македонија се навикнати на фактот дека корупцијата е постојано зло во нивната земја. Но, она што го откри неделникот „Фокус“ во август годинава, беше скандалозно дури и за тамошните стандарди, пишува весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг во воведот на текстот со наслов: „Корупција од името на ЕУ“. 

„Според истражувањето со кое, во меѓувреме се занимава и правосудството“, пишува понатаму ФАЦ, „на Клиниката за Онкологија во Скопје, наводно, биле систематски крадени скапи лекови и продавани на црниот пазар. За таа цел биле пронаоѓани фиктивни пациенти, на кои им се пресметувало лекување. На дел од вистинските пациенти им било давано плацебо, многумина починале. Во други случаи, семејствата на пациентите морале да ги купуваат лековите на црниот пазар, иако, согласно здравственото осигурување тие за нив требало да бидат бесплатни.“ 

Досега, пишува ФАЦ, формално е осомничена само една медицинска сестра, но сомнежот е дека таа не може да биде единствениот виновник. 

Анкетна комисија Собрание
Анкетна комисија за скандалот на Клиниката за ОнкологијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Овие откритија, наведува германскиот весник, само ја засилуваат праксата која се забележуваше и претходно:

„Секој што треба да се подложи на важна медицинска процедура порадо ќе ги искористи последните заштеди или ќе земе кредит, за лекување во странство, отколку да се изложи на домашниот здравствен систем."

Неисполнето ветување 

Но, и без оглед на овој скандал, ФАЦ коментира дека едно нешто може да се заклучи:
„Ветувањето на социјалдемократите при преземањето на владата во 2017 година, за одлучна битка со корупцијата, не е исполнето."

„Заев вети дека ќе расчисти со коруптивното наследство на неговиот претходник Груевски. Но, тешко ќе најдете некој во Северна Македонија кој смета дека ова ветување е исполнето. Напротив, мнозинството смета дека корупцијата на едната страна е заменета со корупцијата на другата“, пишува ФАЦ

Зоран Заев Никола Груевски
Поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски

Разликата, според весникот, е само во придружната реторика:
„Груевски се претставуваше како тврд националист и ‘патриот'. Владејачките Социјалдемократи и нивните партнери од албанската етничка заедница се претставуваат како ‘про-европски' и целосно ја насочуваат својата политика кон членство во ЕУ“. 

ЕУ против злоупотребата 

Како дополнителен пример во таа насока, ФАЦ ги наведува и измените во Кривичниот закон од септември годинава, со кои беа укинати или намалени казните за злоупотреба на службената должност.
„Претседателот Стево цможеше да го искористи своето право на вето, но тој веднаш ги потпиша измените. Но, ЕУ се спротивстави на обидот да биде злоупотребена од владата и претседателот како изговор за внатрешнополитички злоупотреби кои претставуваат назадување во борбата против корупцијата.

„(...) Корупција од името на ЕУ, така може да се опише политиката на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот тим“, констатира ФАЦ и го цитира поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров:
„Никола Груевски го вееше македонското знаме, за да ги прикрие корупцијата и киднапирањето на државните институции. Актуелната влада го вее европското знаме, за да го прави истото“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема