1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСловенија

Фон дер Лајен во посета на поплавените области во Словенија

ЕМФ | агенции
9 август 2023

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, денеска ќе ја посети Словенија за да изрази солидарност со земјата по поплавите.

https://p.dw.com/p/4Uw5Z
Словенија | поплави
Разурнат мост во Страње, во близина на Камник, СловенијаФотографија: Luka Dakskobler/SOPA/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (9.09) ќе ја посети Словенија за да изрази солидарност со земјата по поплавите и да разговара за средствата и начините за обнова по катастрофата, соопшти ЕК во Брисел.

Според кабинетот на словенечкиот премиер Роберт Голоб, Фон дер Лајен би требало да ги надлета најлошо погодените подрачја на северот на земјата. Премиерот сака политичарката од Брисел да добие впечатлива слика за катастрофата, се вели од кабинетот на Голоб.

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен ќе изрази солидарност со СловенијаФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Поради големите дождови, реките во Словенија минатата недела се излеаја од коритата. Поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикаа огромни штети. Евакуирани се села, под вода се патишта и железнички пруги, десетици мостови се разурнати, а на реката Мура пукна и брана. Премиерот Голоб првично ја процени штетата на најмалку 500 милиони евра, а во последните негови изјави зборува за штета од повеќе милијарди евра.

Во меѓувреме, соработници на германската Служба за техничка помош (ТХВ) почнаа со работа во регионот погоден од катастрофата. Во текот на оваа недела се очекува пристигнување и на ТХВ-експерти за мостови. Помош пристигнува и од Австрија, Чешка, Унгарија, Франција и други земји.

Словенија | поплави
Штетите по поплавите се огромниФотографија: Rosie Birchard/DW

Македонската влада вчера донесе одлука за испраќање војници во хуманитарна операција во Словенија. Војниците кои ќе заминат во Словенија се дел од 2. пешадиски баталјон од 1. пешадиска бригада, четата АБХО, инженерскиот баталјон, ренџерскиот баталјон и логистичката база. Дел од нив беа ангажирани во справување со поплавите во Северна Македонија пред седум години, а припадниците од четата АБХО беа дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, во рамките на словенечкиот контингент.