Франција: Опозицијата ја собори владата на Барние
4 декември 2024Владата на Франција е соборена со гласање недоверба. За предлогот за недоверба на левичарската опозиција во средата вечерта во Националното собрание гласаа 331 од 574 пратеници, а ќе беа доволни 288 гласови. Премиерот Мишел Барние го поврза усвојувањето на социјалниот буџет со гласање за доверба.
Тоа е прв пат од 1962 година француската влада да падне поради гласање на недоверба. Барние, кој беше назначен во септември, станува премиер со најкраток мандат во поновата историја на Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон сега мора да именува нов премиер. Нови избори не може да се одржат најрано до јули 2025 година.
Мишел Барние се обиде да го протурка буџетот за штедење користејќи уставен трик (член 49.3), без консултација со парламентот. Два табора, ултралевичарските и десничарските популисти, одговорија со гласање недоверба.
Непосредно пред можниот пад на неговата влада преку гласање недоверба, францускиот премиер Мишел Барние апелираше на „одговорност“ на пратениците. „Последиците од ова гласање ја надминуваат содржината на социјалниот буџет, бидејќи тоа може да ги запре активностите на владата“, предупреди Барние. Ова претставува „момент на вистината“, нагласи тој. „Вие ја држите иднината на Французите во ваши раце."
Социјалниот буџет - чие усвојување тој го поврза со гласање за доверба – е „најдобриот можен компромис“. „Сега е време да се имплементира“, побара тој. Социјалниот буџет е исто така одговор на должничкиот товар на Франција. Само каматата изнесува 60 милиони евра годишно, повеќе од буџетот за одбрана. Доколку владата не го изгласа буџетот, тоа ќе значи намалување на куповната моќ за Французите. Околу 18 милиони од нив би требало да очекуваат повисоки даноци. Освен тоа, би било невозможно ангажирање на дополнителни безбедносни сили, аргументираше Барние, кој истакна надеж дека секој пратеник е свесен за тежината на неговиот глас.
Но, десничарските популисти го поддржаа предлогот за недоверба на левичарската опозиција, со што мандатот на Барние заврши по само три месеци. Ова и се заканува на Франција со нова политичка криза.
Владата сега ќе биде на функција само како вршител на должноста. Макрон потоа ќе треба да назначи нов премиер. Претседателот беше во државна посета на Саудиска Арабија во последните денови и не се очекуваше да се врати во Париз до вечерва. За иден шеф на владата се споменува името на министерот за одбрана Себастиен Лекорну, кој е близок до Макрон.