Изјавата на Блерим Беџети за доушништвото помеѓу Изет Меџити и Зоран Заев во уривањето на ДУИ првично ја третирав како изјава на политичар која треба да се земе со многу сол и многу повеќе недоверба. Се додека самиот Изет Меџити јасно и гласно и со чудна аура на самопофалност не ја потврди блискоста со екс-премиерот, која се чини дека подолго време била троа подискретна и поинтимна отколку вернооста кон партискиот лидер Али Ахмети.
Самата размена на пацки на релација Беџети-Меџити не би заслужила особено внимание. Од друга страна, многу нешта кои на нашата политичка сцена беа нејасни, чудни и најчесто мистериозни, станаа полесно разбирливи по полемиката на релација Сарај-Чаир. Како коцкичка која недостасуваше во мозаикот и исцртување на непријатната вистина за и околу ДУИ. Вистина во која судирот меѓу Артан Груби и Изет Меџити е само разоткривање на гниењето на една партија и на еден лидер отуѓен од реалноста.
Во основа, кавгата Артан-Изет е медиумски интересна за сеирџиите, но духовно и тематски таа е само современа епизода на константата уште од времето на Авел и Каин т.е. Хабил и Ќабил, античките трагедии, Шекспировите драми и кинематографските прикази на Фредо Корлеоне во Пузо/де Палма триологијата „Кум”. Со таа разлика што во верзијата на ДУИ, станува збор за судир Фредо против Фредо, соочување на духовни близнаци, ифрит лути кон ликот отспротива кој ги потсетува – на себе.
Судир на суети
Од дневно политичка точка гледано, тешко е да не се согласите со наводите и аргументите на Изет Меџити за Артан Груби. Од контекстуална и историска гледна точка, тешко е да не се потсетите дека се што Изет го тврди за Артан денес е безмалку истото што пред дваесетина година некои други интегристи го тврдеа за Изет. Вистината дека Артан ја има превземно партијата од Ахмети е на исто рамниште како и вистината дека токму Изет го измисли, креира, наметна и промовира Артан Груби за да елиминира други реални или параноично-замислени ривали на неговата семоќ во Чаир и ДУИ. Генезата на скарадноста на медиумската вулгарност, умисленост, фалбаџијство на Груби единствено може да се разбере кога се стави во паралела со пост-изборната фалшлива триумфалана речитост на Меџити. Оттаму, бескомпромисната жестина во пресметката помеѓу нив двајца не се должи на диаметрално спротивни карактери и концепти, туку на непомирливост на идентичности од истата школа на чаирски фолиранти.
Фаќањето или заземањето страни во тој судир на суети е пропуштена шанса да се разбере длабинската причина за тегобните последици по ДУИ поради фаталните политики на Али Ахмети. Кој, да беше троа помалку зафатен со Соравија, навреме ќе можеше да ја увиди репризата на ПДП кој му се одвива пред очи. Ахмети, за разлика од сардисаните Невзат Халили и безмилосно саботираниот Абдурахман Алити, со сета своја умисленост и лекомисленост стана активен соучесник, а не опонент, на политиките за расцеп во сопствената партија. Причино-последично илустрирано низ потсетување дека Сали Бериша беше инциијалниот клуч за разбивање на ПДП, за да подоцна “употребливите албанчиња на Бранко” од Гостивар, Тетово и Арачиново станаа последователните сатрапи на Абдурахман Алити. Ќе треба време за да Али Ахмети увиди дека во занесот на одбрана од Курти не ја разбра навреме – уште во 2016 година – политиката на Еди Рама во разбивање на кохезијата во ДУИ преку триото Арифи-Меџити-Бејта. Подоцна надградено и проширено со од Ахмети лично обезбедениот упад на СДСМ и ВМРО во ДУИ преку Изет Меџити и Артан Груби.
Некаде пред година дена, Ахмети во една прилика ја илустрираше несреќната судбина на Катица Јанева користејќи ја старата албанска поговорка дека „алчноста го убива чојството на мажот” (sic!). Настрана чудната, трансџедерска апликација на поговорката, се чини дека Ахмети е љубител на народни мудрости со кои се рафрлува пред микрофони, но не сосема ги разбира и користи во реалноста. Неговата наклонетост кон Груби контра Меџити е новост на денешнциата, но доколку се потсетиме на почетоците на ДУИ ќе се присетиме дека навреме истиот пристап го користеше и во фаворизирање на Меџити (“храбро момче кои само што почна да се бричи”) во судирите со Беќир Асани и особено со традиционалните интелектуални кругови во Скопје кои претходеа на ДУИ. Алчноста на Ахмети тогаш се отсликуваше низ патолошката омраза кон се што е урбано и современо, секој кој со мачните искуства од 80-тите и 90-тите ја загрозуваше неговата неприкосновеност на „нов Скендербег”. Тогаш Меџити беше само актер кој итромански ја разбираше, искористуваше и хранеше провинциската глад на лидерот за слава. Времето течеше, нештата се менуваа, а некогашниот марксист оз Зајаc полека ги откриваше доблестите на капитализмот. Груби беше само актерот кој навреме ја препозна провинциската глад на лидерот за пари и го хранеше со малку пари, малку повеќе пари и пари над се друго. Алчноста на Али ја проголта фамата за Ахмети, а ДУИ падна врз сопствениот меч.
Подлабоки последици
Потсетувањето од Беџети и признанието на Меџити за шурувањето со Заев отвара многу прашања и една потврда. Дека водството на Ахмети е релативно, додека пак активностите на најблиските сопартијци било повеќе наслонето врз доушништво од Мала Речица кон надвор од Мала Речица. Доскорешните дилеми за врските на Груби со Мијалков и Груевски, сега се надополнуваат со врските на Меџити со Заев и Мицкоски, посредно и со интересите на олигархијата. Онаа позната по наводни тајни средби низ скопски периферии.
Невзат и Абдурахман ја знаеја пакосната игра на нивно детронизирање, но достоинствено и чесно се повлекоа од политиката, но никогаш од верноста кон народот. Ахмети ја нема таа сила во себе. Да ја имаше, навреме ќе се оградеше од лесните совети на Рама и навреме ќе се откажеше од Груби и Меџити, во пакет. Неговата изведба во испорачување на наредбата за де-командатизација и модернизација на ДУИ наместо да донесе до освежување со современост и професионалност, заврши во мизерна кавга помеѓу псевдо-модернисти и псевдо-патриоти. Но за разлика од Халили, Алити и Арбен Џафери кои ја напуштија политиката но си ги сочуваа имиџите, Ахмети допрва треба да се избори за спас на сопствениот образ и историска роља од сопствените политички синови од Чаир.
Тензијата Меџити-Груби сега се префрла во кабинетите на власта. Мотивите за кавгата се навистина мотивирани од егоизам, љубомора и приватна пизма, но последиците се подлабоки. Мицкоски се воздигна врз бранот на анти-Грубизам потпомогнат од Меџити, но секој обид да борбата за коруција ја докаже преку Груби паѓа во вода во часот на прифаќање на номинациите на Меџити и Таравари во извршната власт.Сем доколку не ги искористи истите како негативен аргумент за оправдување на именувањата на Николовски или Мисајловски. Порано или подоцна, Мицкоски ќе се соочи со контроверзноста помеѓу пред-избораната експлоатација и пост-изборната компромитација. Особено што и Блерим Беџети и Садула Дураку со неколку штури, но смислено прецизно датирани изјави ги исцртаа слабите точки на „опозицискиот лидер” со најкус опозиционен стаж во историјата на Македонија. И историјат на ендемска блискост (или зависност) со СДСМ.
Ослободувачка новост за Албанците
За крај, најбитното. Поразот на Груби во Чаир и дебаклот на Меџити ширум Македонија е парцијална демонстрација на најголемиот дебакл – оној на таканаречената политичка школа на Ахмети отсликана низ овие два соработници од највисока доверба. И тоа е навистина добра, за Албанците ослободувачка новост на растоварување од една лажна, арогантна и есенцијално глупава умисла низ која грст маалски аналфабети, платени рекламери и македонско-албански олигарси сакаа да лабилното его на еден човек ја стават над националната свест и совест. Ослободувањето на Албанците од умисленоста на Али Ахмети ја враќа внатрешната кохезија, додека пак дебаклот на Груби-Меџити во самата ДУИ отвара простор за нови, свежи, некомпромитирани и вистински образовани млади и амбициозни кадри. Впрочем, среде сите Чаирски клановски антагонизми, среде сета таа омраза и ривалство на групациите Груби-Меџити, единствената тенка, тивка но моќна линија која пакосно ги обединуваше раскараните фракции беше споделениот антагонизам кон новото поколение на образовани и политички созреани партиски кадри надвор од школата на Ахмети и интригите на СДСМ и ВМРО. Познавајќи ги двете матрици на идентичен бекграунд, прашање на време е кога навидум непомирливите Изет и Артан повторно ќе се најдат на иста страна и во братски помирлива прегратка против ривалите на вистинската претставителност на Албанците отспротива. До тогаш, Мицкоски ќе залажува дека „ова ДУИ на Изет не е она ДУИ на Али” а Изет реципрочно терцира дека „ова ВМРО на Христијан не е она ВМРО на Груевски”.
Со Груби, од ДУИ испари интеграцијата по терк на Груевски и Заев и левичарската пародија на едно општество за сите. Со Меџити, од ДУИ испари клан-клерикалната мимикрија на патриотизмот по терк на олигарсите на Заев и Мицкоски и десничарската везија на едно општество за сите. Поуката од судирот Меџити – Груби може да биде искористена за лутење и карање. Но тоа е губење време со приватни кавги. Вистинската поука е да новите генерации од нив извлечат поука како популарноста да се максимизира во полезност, наместо да популизмот го исцрпат за егоизам. И во тоа е можеби последната можност на Ахмети да пред членството и Албанците се искупи за сопствените грешки.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.