1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Газа: Што би се случило по евентуално соборување на Хамас?

Керстен Книп
28 октомври 2023

Израелската армија се подготвува за копнена офанзива во Појасот Газа и соборување на Хамас. Но, како би се одвивале работите натаму? Постојат различни сценарија, ниедно не е едноставно.

https://p.dw.com/p/4Y3ID
Израелската војска во близина на границата со Појасот Газа
Израелската војска во близина на границата со Појасот ГазаФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Уште сега се поставува прашањето: каква би била политичката управа на Појасот Газа во иднина по  од Израел форсираното уништување на Хамас  и терористичките структури на организацијата? Израелците уште немаат официјален одговор, а не е ниту сигурно дали овојпат, за разлика од порано, навистина би им успеало  комплетно елиминирање на Хамас.

Едно е сигурно, вели Михаел Милштајн, поранешен припадник на израелската воена разузнавачка служба а денес научен соработник во Центарот Моше Дајан на Универзитетот Тел Авив: вакуум во власта не може и не смее да има. „Брзо повлекување по уништувањето на режимот на Хамас би создал вакуум, кој би го пополниле анархија и радикални исламистички групи.“ 

Дека политички вакуум може да привлече уште порадикални сили, покажа примерот со Авганистан, каде т.н. Исламска држава ги искористи ноторните слабости на владините институции за свои цели и по преземањето на власта од страна на талибанците. Дури и Иран, со своите ноторни антиизраелски уништувачки фантазии, може да искористи вакуум во власта и да се обиде со нови методи да придобие дури и нови сојузници по евентуалната загуба на досегашните „партнери“ како Хамас и Исламски џихад и да создаде нова трајна закана за Израел.

Како во овие околности би изгледал новиот поредок во Појасот Газа? Милштајн гледа повеќе опции – но сите се проблематични. Штефан Штетер, политиколог на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, има исто мислење.

Демонстрација на приврзаниците на Хамас во Појасот Газа, 2022 година
Демонстрација на приврзаниците на Хамас во Појасот Газа, 2022 година Фотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Сценарио 1: Израел повторно да го контролира Појасот Газа

Можно сценарио би било Израел, како и до 2005 година, повторно самиот директно  воено да го контролира Појасот Газа,  односно враќање на Израел како окупаторска сила во Газа. Ваков чекор би провоцирал нов вооружен отпор, а би имал и фатални влијанија врз рамнотежата во регионот, вели политикологот Штетен за ДВ. „Во Израел тогаш повторно би се јавиле гласови за населување на Појасот Газа, што е вода на водениците на оние кои сакаат разгорување на израелско-палестинскиот конфликт.“

Освен тоа, окупаторска сила, барем теоретски според меѓународното право, има и обврски кон окупираното население, што Израел самиот ќе треба да ги преземе и кои финансиски ќе ги надминат сите можности на земјата, вели Штетен. А Израел е економски погоден и од самиот напад на Хамас на 7 октомври. Израел не може да преземе ваков чекор веројатно при политички отпор на сојузниците, пред сѐ САД. Таков чекор значително би ги оптоварил и односите со арапските земји, со кои или веќе постојат мировни договори или такви се планираат. „Затоа, ваков чекор сметам за малку веројатен“, вели Штетен. Неодамна во врска со ова сценарио реномираниот политички магазин „Форинг аферс“ укажа уште на овој проблем: „Израел би станал затворска дирекција и би владеел со огромен затворски логор (со каков што Газа одамна е споредувана).“

Махмуд Абас Палестинци
Под присок: Махмуд Абас, претседателот на Палестинските автономни властиФотографија: Palestinian Presidency /Handout/AA/picture alliance

Сценарио 2: Преземање на власта од страна на Палестинските автономни власти

Алтернативно, и Палестинските автономни власти (ПА) би можеле да се вратат во Појасот Газа и да го управуваат. Овој план има пред сѐ една слабост, вели израелскиот експерт Милштајн: ПА раководени од Махмуд Абас и натаму дејствуваат како влада со претседател и премиер во Западниот Брег, но фактички контролираат само еден мал дел. Во најголем дел власта во палестинската област ја има Израел.

ПА и партијата на Махмуд Абас, Фатах, во Западниот Брег се исклучително непопуларни, граѓаните постојано протестираат против корупцијата и недоволната владина ефективност. На ПА им се префрла и недоволен демократски легитимитет – последните претседателски избори беа во 2005 година, оттогаш Абас владее де факто како „вечен“ палестински шеф без валидна изборна потврда. Додека во западните земји во последно време го критикуваат  поради антисемитски изјави и недоволна дистанцираност од теророт на Хамас, во Западниот Брег многу Палестинци го обвинуваат за недоволна цврстина и одлучност кон окупаторскиот Израел. Но, во многу идни сценарија за Појасот Газа, ПА би играле важна улога, вели експертот Штетен.

Сценарио 3: Комбинирана палестинска цивилна управа

Подобра, но потешка опција би била мешана палестинска цивилна управа, смета безбедносниот експерт Милштајн. Таа би била составена од различни претставници на палестинската јавност, меѓу кои градоначалници, и би имала тесни врски со ПА. Ваков модел би можел да биде поддржан на пример од Египет, САД, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, смета тој. Но, треба да се има во вид дека ваков поредок е со кратка стабилност, иако „би бил подобар од сите други алтернативи.“

Израелски одмазднички воени напади врз позиции на Хамас во Појасот Газа, октомври 2023
Израелски одмазднички воени напади врз позиции на Хамас во Појасот Газа, октомври 2023 Фотографија: Ariel Schalit/AP/picture allianceIsr

Сценарио 4: Управа од страна на ОН

Теоретски, и ОН би можеле да преземат управување со конфликтен регион по пораз на една од конфликтните страни, вели Штефен Штетен, укажувајќи на соодветни поранешни модели, на пример во Косово и Источен Тимор. „Во Појасот Газа тоа меѓутоа не е реалистично. Таму би било многу потешко, ако не и невозможно, зашто овој конфликт е премногу во фокусот на светската јавност. Евентуална улога на западни држави би била гледана многу критички“, аргументира политикологот. Освен тоа, би се поставило тешкото прашање на соодветен мандат на ОН.

Сценарио 5: Управа од страна на арапски земји

Истражувачот на конфликти Штетен би преферирал друго сценарио: арапските држави да ја преземат  управата со Појасот Газа  заедно со Палестинските автономни власти.

„Тоа би било во интерес на одделни арапски земји и од други причини, имено на оние кои имаат силни задршки кон Муслиманското братство, чиј огранок е Хамас. Египет презеде акции против Муслиманското братство, исто и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати," вели Штетен. 

Дури иако службената реторика во споменатите земји, водена од антиизраелско расположение меѓу населението, моментално ја нагасува солидарноста со Палестинците и страдањата на палестинското цивилно население:  „Поразот на Хамас во Ријад и Каиро веројатно не би бил нерадо гледан“, смета Штетен.

Во такво сценарио, според него, Палестинците можеби би можеле да бидат уверени дека нивните темелни интереси – национално самоопределување и решение во вид на две држави, не се загрозени. „Но, за тоа се потребни комбинирани сили, во соработка и со Западот и ОН“, вели Штетен. Важна би била и финансиска поддршка. Овој модел не само што би понудил перспектива за Палестинците, туку би донел и поголема сигурност за Израел, смета политикологот.

Но, со оглед на моменталната ескалација со неколку илјади мртви, се чини нејасно дали и по која цена дури и арапските држави кои имаат официјални односи со Израел актуелно се спремни да преземат ризик од таква мисија и можен сопствен неуспех. Таков модел, вели Штетен, може да игра улога на среднорочен план.