1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Столтенберг: На Украинците им снемува муниција

ЖА
14 март 2024

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, до земјите - членки упати енергичен апел за поголема воена поддршка на Украина.

https://p.dw.com/p/4dW6K
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТОФотографија: Kenzo TribouillardAFP/Getty Images

„На Украинците не им  снемува храброст, ним им снемува муниција“, изјави Јенс Столтенберг денеска во Брисел при презентирањето на својот годишен извештај за 2023 година. Тој апелираше да се искористи можноста на Украина заеднички да и` се обезбеди тоа што и` недостига за да може успешно да се  одбрани од агресорот Русија,  и тоа итно, инсистирајќи на зголемени издатоци за одбраната.

„Сите сојузници  треба да брцнат длабоко во џебот и итно да испорачуваат", порача Столтенберг, повикувајќи се на анкета на НАТО, според која две третини од населението во членките на Алијансата поддржуваат натамошна помош за Украина.

Секој ден одолговлекување на фронтот има своја цена. „Тоа е решавачки момент. Би била тешка историска грешка да му се дозволи на  Путин да победи“, истакна Столтенберг. „За нас би било многу опасно доколку дозволиме авторитарните водачи како шефот на Кремљ да ги остваруваат своите желби по пат на сила“, рече Столтенберг.

„Потребно е за одбраната да се издвојуваат повеќе од два проценти од БДП заради отстранување на постојните дефицити и предизвиците на загрозениот светски безбедносен поредок", стои во неговиот извештај.

На самитот во Вилнус,  НАТО членките  се обврзаа на инвестирање најмалку два проценти од својот БДП, а според Столтенберг, во меѓувреме обврската ја исполнуваат две третини од 32 земји.

Во тековнава година и Германија ја достигна пропишаната НАТО минимална граница со 2,1 процент од својот бруто општествен производ.

САД со години инсистираат Европејците да вршат поголеми вложувања во своите војски.  Веројатниот кандидат за претседателска функција Доналд Трамп  се закани дека нема да им помогне на сојузниците со ниски воени вложувања во случај на напад.