1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц и неговата АфД-дилема

25 јули 2023

Демохристијаните во Германија официјално отфрлаат соработка со десните популисти. Но, лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц сега предизвика иритации со едно свое интервју. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/4ULD0
Symbolbild | CDU AFD
Фотографија: picture-alliance/dpa/ZB

Ако трезвено се погледнат бројките, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот лидер Фридрих Мерц би можеле да бидат задоволни. Во актуелното истражување на јавното мислење Дојчландтренд, тие, како и во последните месеци, се на врвот. Заедно со баварската сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ), партиите на Унијата имаат доверба на 28 проценти од избирачите.

Со ваков резултат, конзервативците би победиле на сојузните избори во 2021 година и најверојатно би останале во владата. Но, со оглед на постигнатиот послаб резултат, тие завршија во опозиција и очигледно мака мачат со оваа улога.

ЦДУ владееше 52 години

Бидејќи за ЦДУ е прилично ретко чувство да не го дава канцеларот, или како во случајот со Ангела Меркел- канцеларката, која на власт беше 16 години. Од основањето на Сојузна Република Германија во 1949 година, партијата владеела 52 од вкупно 74 години. Конрад Аденауер, Хелмут Кол и до неодамна Ангела Меркел ја обликуваа германската политика. Фридрих Мерц, кој беше избран за претседател на партијата во јануари 2022 година, би сакал да ги следи нивните стапки.

Ангела Меркел и Фридрих Мерц во 2002 година
Ангела Меркел и Фридрих Мерц во 2002 годинаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Следните сојузни избори ќе се одржат во 2025 година, но кој ќе биде кандидат за канцелар на Унијата е сè уште отворено. Ако прашањето требаше да се разјасни сега, шансите за Фридрих Мерц можеби ќе беа лоши. Причина: неговиот цик-цак курс во односот кон деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД). Во анкетите, десните популисти се сѐ поблиску до Унијата. Моментално имаат доверба од околу 20 проценти.

Соработка со АфД на општинско ниво?

Лидерот на ЦДУ во ТВ-интервју пред неколку дена продолжи да ја отфрла соработката со АфД во германскиот Бундестаг или во покраинските парламенти, но не и во градовите и општините. „Ако таму биде избран окружен управник, градоначалник кој припаѓа на АфД“, вели Мерц, „тогаш се подразбира дека ќе бараме начини да продолжиме да работиме заедно во овој град“.

Со овие реченици, Фридрих Мерц предизвика противење и бес кај другите партии. Само шефицата на АфД, Алис Вајдел, се израдува и на Твитер напиша: „ЦДУ нема да може да избегне укинување на бесмислената забрана за контакт со АфД“. Нејзината партија, вели Вајдел, останува подготвена за соработка.

Дали ќе опстои одлуката за некомпатибилност?

Всушност, на својот сојузен партиски конгрес во 2018 година, ЦДУ одлучи со кого нема да соработува под никакви околности: „Германската ЦДУ отфрла коалиции и слични форми на соработка и со партијата Левица и со Алтернатива за Германија“.

Сепак, примерот на политичката ситуација во покраината Тирингија покажува колку е тешко да се исполни ваквата заложба. Во оваа сојузна покраина, ЦДУ толерира малцинска влада на Левицата од 2019 година, која коалицира со Социјалдемократите (СПД) и Зелените. Тирингија, без гласовите на демохристијаните, на пример, не можеше да донесе покраински буџет.

Фридрих Мерц на партиски конгрес на ЦДУ во септември 2022 година
Фридрих Мерц на партиски конгрес на ЦДУ во септември 2022 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Реакцијата на ЦДУ на убиството на Валтер Либке

Истата година, во Хесен беше убиен политичарот на ЦДУ, Валтер Либке. Тој беше убиен од десничарски екстремист кој во меѓувреме е осуден. Под влијание и на ова убиство, сојузното претседателство на партијата ја потврди одлуката за некомпатибилност. „Секој оној во ЦДУ којшто се залага за зближување, па дури и за соработка со АфД, мора да знае дека се приближува кон партија која свесно толерира десноекстремни идеи, антисемитизам и расизам во своите редови.“ ЦДУ отфрла каква било коалиција или слични форми на соработка со АфД.

Кога Фридрих Мерц се кандидираше за претседател на ЦДУ на почетокот на 2022 година, тој категорично се огради од десничарските популисти: „Со мене ќе има заштитен ѕид кон АфД“. А во февруари 2023 година, сојузното партиско претседателство донесе одлука за постапка за исклучување од партијата на поранешниот претседател на Служжбата за заштита на Уставот, Ханс-Георг Масен: „ЦДУ не е десноекстремна и ние не се приближуваме кон АфД“, рече тогаш лидерот на партијата, кој во тој момент беше на функцијата една година.

Колку е принципиелен Фридрих Мерц?

Но, по најновите изјави на Мерц, се зголемуваат сомневањата за тоа колку тој навистина е сериозен во врска со неговото оградување од политичката конкуренција од екстремната десница. За збор се јавија и двајца високи политичари на Унијата кои сакаат да бидат реизбрани за покраински премиер во октомври 2023 година.

Баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ) на Твитер напиша дека АфД е „антидемократска, десноекстремна и предизвикува поделби во нашето општество“. Тоа не е компатибилно со вредностите на неговата партија, оценува Зедер. И премиерот на Хесен, Борис Рајн (ЦДУ) на телевизијата ЗДФ истакна дека АфД е „десноекстремен тест“ за заштитата на уставот и дека нејзината младинска организација Млада Алтернатива (ЈА) била класифицирана како „сигурно десноекстремна“. 

Разбирање за лидерот на партијата

Меѓутоа Рајн, кому за разлика од Зедер досега не му се припишуваат амбиции за кандидатура за канцелар, изрази и разбирање за Фридрих Мерц. Рајн вели дека не го разбирал Мерц како тој да се залага за вистинска соработка со АфД на локално ниво, туку Мерц веројатно сакал да каже дека во случај на избор на градоначалник од АфД на локално ниво „не може да се исклучи да се зборува и со такви луѓе“.

Во меѓувреме има два такви случаи: на крајот на јуни, за првпат беше избран окружен управник од АфД во покраината Тирингија, а на почетокот на јули градоначалник во Саксонија-Анхалт. Двата настана повторно поттикнаа дебати за тоа зошто десните популисти добиваат на сила и што другите партии би можеле да направат во врска со тоа.

„Заклучоците на ЦДУ важат“

Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, одлучи да направи разлика помеѓу сојузното и покраинското ниво на власт од една страна и општинското ниво од друга страна. Набргу по неговите контроверзни реченици на телевизискиот ударен термин во неделата, тој потоа самиот си ги релативизираше своите зборови:

„Уште еднаш да биде јасно, а јас никогаш не го кажав тоа поинаку: заклучоците на ЦДУ важат“, објасни Мерц. „И на локално ниво нема да има соработка меѓу ЦДУ и АфД.“