Германија: Мерц - кандидат за канцелар на демохристијаните
17 септември 2024Утрината во јавноста протече вест дека на состанокот на партиските лидери на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и на Христијанско-социјалната унија(ЦСУ), е одлучено кој ќе биде кандидат за канцелар на демохристијаните и со тоа главен конкурент на актуелниот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц на изборите за Бундестагот наредната година во септември.
На пладне, на набрзина свиканата пресконференција, се потврдија овие гласини. „Канцеларското прашање е решено: тоа ќе биде Фридрих Мерц“, изјави претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер.
Цел: смена на актуелната влада
Баварскиот премиер објасни дека главната цел на заедничката кампања на ЦДУ/ЦСУ е победа на изборите и завршување на работата на сегашната социјалдемократско-зелено-либерална влада на Олаф Шолц. „Сега најважната задача е да ја замениме катастрофалната политика на владата на Олаф Шолц... сакаме да влееме надеж кај граѓаните на Германија дека Германија може подобро“, рече Зедер.
„Фридрих Мерц ја има мојата целосна поддршка и ова не го кажувам неволно, туку со целото мое срце. Станува збор и за мојата лична почит која ја имам кон мојот колега Мерц“, рече Зедер, алудирајќи на приказните за вечната конкуренција меѓу ЦДУ и помалата ЦСУ за тоа кој ќе ги води германските демохристијани на парламентарните избори.
„Ние сме различни, но се согласуваме дека Германија треба да се извлече од проблемите“, рече потоа Фридрих Мерц, заблагодарувајќи му се на Зедер за неговата поддршка.
Во понеделникот, Хендрик Вист, премиерот на најнаселената покраина Северна Рајна-Вестфалија, се повлече од неофицијалната трка за номинација, поддржувајќи го Мерц.
Пред последните избори (2021 година), Унијата одлучи кандидат за канцелар да биде неубедливиот тогашен шеф на ЦДУ, Армин Лашет, кој беше поразен од Олаф Шолц, актуелниот канцелар. Сојузните избори ќе се одржат на 28 септември 2025 година.
Политичките противници Мерц и Меркел
Фридрих Мерц, е роден во 1955 година во Брилон во Западна Германија, во семејство на угледни правници, е познат како претставник на поконзервативното крило на ЦДУ, а неговото политичко минато беше обележано со длабок конфликт со тогашниот претседател на ЦДУ и со канцеларката Ангела Меркел, поради што извесен период се повлече од политиката.
Мерц повеќепати, особено во последните месеци во кои во Германија интензивно разговара за неуспесите во миграциската политика, се огради од миграциската политика на Ангела Меркел, па дури и се извини за нејзиното отворање на границите за бегалците во 2015 година.