1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го стега ременот - усвоена програма за штедење

10 јануари 2024

Германија ќе мора да штеди во 2024 година: и покрај протестите, постепено се укинуваат субвенциите за дизелот за земјоделците, се воведуваат даноци за авионски билети и се заоструваат правилата за социјална помош.

https://p.dw.com/p/4b213
германското Сојузно министерство за финансии
Влез во зградата на германското Сојузно министерство за финансииФотографија: Hannes P. Albert/dpa/picture alliance

Германската федерална влада постигна договор за дополнителни мерки за штедење за да се намали товарот на буџетот за 2024 година. Во предлог-законот за финансирање на буџетот, меѓу другото, се опфатени и спорното намалување на субвенциите за дизелот за земјоделците, повисоките даноци за авиосообраќајот и построгите санкции во делот на социјалната помош за невработените.

Тие мерки за штедење се неопходни затоа што, според претходната одлука на Сојузниот уставен суд, владата мора да го надомести финансискиот недостиг од околу 30 милијарди евра во основниот буџет, како и во Фондот за клима и трансформација.

Се укинуваат субвенциите за дизел за земјоделците

Од мај се зголемуваат даноците на авионските билети. Во зависност од крајната дестинација на патувањето, тоа треба да се зголеми за речиси една петтина - на 15,53 до 70,83 евра по патник. На сите патници кои заминуваат од германските аеродроми ќе им се наплаќа такса на билети. Доплатата ќе треба да ја платат авиокомпаниите, но ќе можат да ја префрлат на патниците. Врз основа на тоа, владата во Берлин годинава очекува дополнителен приход од околу 400 милиони евра.

Владата остана и на одлуката за многу контроверзното намалување на субвенциите во земјоделскиот сектор - и покрај протестите на земјоделците. Станува збор за постепено укинување на даночните олеснувања за дизелот. „Тоа е посебен придонес за намалување на субвенциите кои и штетат на климата“, се наведува во предлогот на Владата. Досега земјоделците можеа да добијат делумен поврат на енергетскиот данок на дизелот, со надокнада од 21,48 центи за литар.

Протест на фармери, Берлин
Протест на фармерите во Берлин на 8 јануари 2023 година.Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Владејачката германска коалиција всушност првично имаше намера веднаш и целосно да ја укине оваа помош, која беше дадена од 1951 година. Засегнатите земјоделци и компании од аграрниот сектор сега добија повеќе време да се приспособат. Годинава стапката на олеснување ќе се намали за 40 отсто, а во 2025 и 2026 година за дополнителни 30 отсто. Од 2026 година тие субвенции повеќе не треба да постојат. Минатата недела владејачката коалиција се откажа од првично планираното укинување на даночните ослободувања за земјоделските машини.

Кратење на парите за граѓаните

Кабинетот даде зелено светло и за планираното намалување на социјалната помош за невработените, т.н. „Бургергелд“ . Заводите за вработување во иднина ќе можат целосно, но најмногу два месеца да им ги укинат поволностите на невработените кои упорно одбиваат да започнат со работа.

Се очекува оваа регулатива да донесе заштеда од околу 170 милиони евра годишно - 150 милиони за сојузната влада и 20 милиони за општините. Истовремено не треба да не се укинува помошта дадена за домување и парно.

Покрај тоа, се укинува и т.н бонус за социјална помош од 75 евра месечно, кој е воведен за доквалификација на невработените. Се очекува тоа да донесе дополнителна заштеда од сто милиони евра. Обуката за стекнување професионална диплома ќе продолжи да се поддржува со 150 евра месечно.

Одлука за буџетот најверојатно во јануари

Откако Владата донесе одлука за мерките за штедење, на потег е германскиот парламент. Владата очекува буџетот прво да биде одобрен во јануари во Бундестагот, а потоа на седницата на 2 февруари во Бундесратот, советот на германските покраини. Дотогаш на сила е т.н привремено управување со буџетот.