1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно масовен предупредувачки штрајк во Германија

СН/агенции | АРД
21 април 2023

Штрајкот на неколку германски аеродроми, започнат вчера, денеска е дополнително засилен, од рано изутрина не сообраќаат ниту возовите, а се штрајкува и на неколку други аеродроми.

https://p.dw.com/p/4QNjT
Предупредувачки штрајк повторно го парализира железничкиот сообраќај во Германија
Предупредувачки штрајк повторно го парализира железничкиот сообраќај во ГерманијаФотографија: Jochen Eckel/picture alliance

Синдикатот за железници и транспорт (ЕВГ) утрината од 3 до 11 часот повторно го блокира железничкиот сообраќај ширум Германија, барајќи зголемување на платите за 12 проценти, управата на Дојче бан нуди 5 проценти. Најавени се големи ограничувања во меѓуградскиот и регионалниот железнички сообраќај

Кој ќе штрајкува, а кој не?

Вработените во меѓуградските, регионалните и локалните возови и шинобуси стапија во штрајк откако синдикатот ги повика сите свои членови во Германската железница (DB) и во 50 други автобуски и железнички компании да се приклучат на штрајкот. На штрајкот во различни делови на Германија се приклучија и вработените на приватните железнички компании од групацијата „Трансдев“.

Метро линиите и многу автобуски линии, меѓутоа, не би требало да бидат погодени од штрајкот. Но, доколку вработените во Германските железници одговорни за сигнализацијата и за инфраструктурата што ја користат другите железнички компании одлучат да штрајкуваат, тогаш ќе мора да застанат и возовите на другите компании.

Во Хамбург работат метрото и автобусите на таа компанија, но од штрајкот се погодени и брзите градски шинобуси (S-Bahn) и во Хамбург и во другите градови.

Во метрополите како Минхен, метрото работи, како и автобусите и трамваите на минхенската транспортна компанија (MVG), но во тој град се запрени и градските возови. Исто така, во прекин е сообраќајот на различни регионални автобуски линии.

Колку трае штрајкот?

Предупредувачкиот штрајк започна денеска, на 21 април, во 03:00 часот утрината и продолжува до 11:00 часот. Германските железници објавија дека меѓуградските возови не сообраќаат до 13 часот. Дополнително, во исто време во прекин е и регионалниот железнички сообраќај на оваа компанија.

Германската железница (DB) објавија дека по завршувањето на предупредувачкиот штрајк „што е можно поскоро и што е можно повеќе линии ќе започнат да функционираат според вообичаениот возен ред“. Но, во соопштението се додава и дека на одредени ограничувања во сообраќајот мора да се смета и во попладневните часови.

Од 13 часот постепено ќе почне да се воспоставува железничкиот сообраќај, но нормализирањето може да потрае, бидејќи ниту вработените ниту возовите нема да бидат таму каде што треба да бидат според возниот ред во тој момент. Менаџерот на Германските железници Мартин Цајлер рече: „Секој кој е во можност да го испланира своето патување поинаку треба да го стори тоа“.

Дали се погодени сите сообраќајни области?

Синдикатот Вер.ди, независно од предупредувачките штрајкови на железницата, за вчера и денеска најави предупредувачки штрајкови во секторите на контрола на летање, контрола на патниците и товарот, како и во сервисната служба на аеродромите во Келн/ Бон, Диселдорф и Хамбург. Патниците мора да сметаат на бројни откажувања на летови. Синдикатот предупреди дека „поради штрајкот може да се очекува подолго време на чекање, како и откажување на некои летови“.

Аеродромот во Диселдорф е еден од најголемите германски аеродроми и е погоден од штрајкот, како и аеродромите во Хамбург и Келн/Бон, а синдикатот повика на штрајк и во Штутгарт. Другите големи аеродроми, како Франкфурт и Минхен, работат нормално. Сепак, и тие ќе ги почувствуваат последиците од предупредувачките штрајкови, да речеме на летовите во рамките на Германија.

Синдикатот ЕВГ нагласи дека паралелниот штрајк со синдикатот Вер.ди се случил случајно, бидејќи синдикатите не се договориле за тоа.

Аеродромот во Хамбург: Ден на откажани летови
Аеродромот во Хамбург: Ден на откажани летовиФотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

Ќе има ли уште штрајкови?

Можни се натамошни штрајкови. Синдикатот ЕВГ е во втор круг преговори со околу 50 сообраќајни претпријатија. Следната средба со претставници на Германската железница е договорена за вторник, 25 април. Доколку тогаш не се постигне договор, најверојатно ќе биде закажана нова средба за крајот на мај. Тоа време му е потребно на синдикатот за преговори со други компании. Синдикатот неодамна јасно стави до знаење дека предупредувачки штрајкови меѓу разговорите се сосема можни.

Синдикатот Вер.ди, пак, утре, 22 април, разговара со претставници на општините и сојузните власти за можноста за посредување во спорот меѓу синдикатите и работодавачите во државните и општинските служби. Доколку не се постигне договор, тогаш може да дојде до изјаснување на членството за неограничени штрајкови.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема