Работници има, треба само да се плати повеќе?
25 февруари 2023Чевлар во Бон-Бад Годесберг се жали дека неговите деца не сакаат да го преземат занаетот и порадо сакаат да студираат. Тој смета дека е невозможно да најде чирак. Потковувач од хиподромот во близина вели дека се обидувал да го вработи неговиот практикант откако завршила обуката, но тој не сакал. Да се најде нов кандидат за таа работа, според него, е многу тешко. Соседот кој работи за голем концерн перманентно бара специјалисти од областа на ИТ. Насекаде во кафулињата во Бон висат табли со натпис „Се бара персонал”.
„Многу компании се акутно погодени од недостигот на стручна работна сила“, се вели од Министерството за економија. „Повеќе од 50% од компаниите таму ја гледаат најголемата опасност за развојот на нивните бизниси”.
Веќе сега во многу компании недостига соодветен персонал и таквата ситуација уште повеќе ќе се влошува. Во претстојните години генерациите кои добиваа повеќе деца ќе заминат во пензија. Па така, според Институтот за истражување на пазарот на труд и професии, до 2035 година во Германија ќе недостигаат седум милиони стручњаци.
Рекордна вработеност и намалени плати
Дали навистина во Германија има премалку стручна работна сила? Економистот специјализиран за пазарот на труд Симон Јегер, кој го води Институтот за иднина на работата во Бон, вели - не:
„Против недостигот на стручна работна сила зборува фактот дека во Германија имаме рекордна вработеност. Вработени се околу 46 милиони лица, колку никогаш досега.” Помладите лица се генерално подобро обучени отколку оние кои заминуваат во пензија. Тој посочува и на тоа дека платите во Германија реално се многу паднати, односно околу 5,7 проценти минатата година. „А, тоа не соодветствува на тезата дека факторот работна сила е станат екстремно кнап”. Во пазарна економија цената се формира според побарувачката и понудата и кога нешто е кнап во понуда, цената генерално му е повисока.
Има неискористен потенцијал на стручна сила
Во Германија некои рамковни услови се поставени така што има домашни резерви на работна сила кои не се користат, смета Јегер, кој во 2016 година докторирал на реномираниот универзитет Харвард во САД и до минатата година предавал на Институтот за технологија во Масачусетс.
Јегер посочува на т.н. „тивка резерва”. Тоа се луѓе „кои можеби сакаат да работат, но немаат пристап до пазарот на трудот. Или пак работат само половина работно време, а под други услови би работеле и со полно работно време”.
„Во Германија и одредени даночни олеснувања за брачни партнери придонесуваат еден од партнерите да не почне со работа, или пак да не прифаќа дополнителна работа“, вели Јегер.
Подобра понуда за чување на децата или пофлексибилно работно време би можело да придонесе одредени лица да се активираат на пазарот на трудот. Од оние вработени кои имаат 20-часовна работна недела, 11% велат дека би сакале да работат и повеќе, објавуваат од Сојузната агенција за вработување. Тоа најчесто не е можно поради чувањето деца или лица во семејството на кои им е потребна нега. Шефицата на управниот одбор на Сојузната агенција за вработување, Андреа Налес, сака во фокусот да ги задржи и повозрасните лица кои се наоѓаат кратко пред пензионирање. „Преку еден милион луѓе се подготвени да продолжат да работат”, вели Налес. Многумина имаат интерес да придонесуваат со работа со скратено работно време, така што работодавците се на потег да најдат креативни решенија за тоа.
Каде да се користат ресурсите?
„Во мојот роден град Бон има убав пример со една фризерка, која исто како и другите барала кандидати за чираци”, раскажува Јегер. Кога понудила дека може да работат и само четири дена во неделата, одеднаш изборот бил многу голем.
Тоа важи и за многу други бранши, смета Јегер. Докажано е дека на пример повеќе од 200 илјади негуватели кои сега работат во други бранши, би биле подготвени да се вратат на првичната професија доколку се подобрат платите и условите за работа.
„Тоа значи дека на крај прашањето за наводниот недостиг на стручна сила е прашање на ресурсите кои се кнап. Навистина немаме неограничен број на луѓе за вработување, но имаме толку колку што не сме имале никогаш досега. И прашањето е дали овој кнап ресурс сакаме да го искористиме”, вели Јегер.
„Компаниите мора радикално да ги променат своите понуди за уредувањето на работното и слободното време. Тие мора да се натпреваруваат за луѓето кои стојат на располагање”, вели и Штефан Шајбле од Управниот одбор на консултантската фирма Роланд Бергер. „Оној работодавач што уште не разбрал дека мора да инвестира во својот персонал, ќе има големи потешкотии”.
Нема да може без доселеници
Министерот за труд Хубертус Хајл (СПД) е убеден дека домашниот потенцијал сепак не е доволен за да ја покрие потребата од стручна сила во иднина. „Дури и да ги искористиме сите домашни расположливи сили,сепак ни е потребна миграција од дополнителни квалификувани лица за да функционира нашата економија”, вели Хајл.
Експерти за пазарот на труд сметаат дека за да се затвори недостигот на стручна сила во земјата е потребно нето доселување од 400 илјади лица годишно. Досега насочената миграција заради вработување од трети земји е ограничена на максимум 60 илјади лица годишно.
Германија е атрактивна земја за доселеници
Германија и натаму е многу атрактивна локација, вели Јегер. „Кога ги прашуваат луѓето во кои земји сакаат да се иселат, Германија редовно е на врвот на листата, покрај САД, неколку други европски земји и Нов Зеланд.” Секако дека јазикот е проблем во споредба со земјите каде што се зборува со англиски. „Но, ние имаме и предности како земја во која владее правната држава и има стабилен политички систем. Такви фактори се за долгорочната перспектива за доселеници многу важни”.
Мигрантите го анализираат и нивото на платите и потенцијалниот животен стандард што би можеле да го достигнат во земјата за доселување. И тие внимаваат дали во земјата што ќе ја изберат се добредојдени и дали може да станат нивни државјани.
За да се поттикне култура на добредојденост, од корист е на луѓето кои живеат во Германија да им се објасни дека доселувањето за нив носи додадена вредност. Поттик за доселување е да се дебирократизира Законот за доселување. Доселувањето може да се олесни ако лица кои сакаат да мигрираат добијат понуда за работа од германска фирма која за своите вработени има тарифен договор. Тоа на други фирми кои во странство се во потрага по работна сила ќе им даде поттик во Германија да преговараат за тарифни договори. Од тоа профитираат и оние кои веќе живеат во Германија.