1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија со нови корона-правила за наесен

Рајнхард Клебер
8 септември 2022

Владеачката коалиција во Германија долго време се усогласуваше околу промените на законот за заштита од инфекции. Бундестагот денеска со големо мнозинство гласови ги изгласа новите правила.

https://p.dw.com/p/4GbOp
Доколку Бундесратот ги одобри законските измени на крајот на следната недела, правилата ќе стапат на сила на 1 октомври
Доколку Бундесратот ги одобри законските измени на крајот на следната недела, правилата ќе стапат на сила на 1 октомвриФотографија: Michael Gstettenbauer/IMAGO

Во поединечно гласање, 386 од 702 пратеници гласаа за предлогот на сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах, додека 313 пратеници гласаа против. Тројца пратеници беа воздржани. Опозицијата го одби владиниот предлог, но не успеа со своите барања. Доколку Бундесратот ги одобри законските измени на крајот на следната недела, правилата ќе стапат на сила на 1 октомври. Тие потоа ќе важат до 7 април 2023 година.

Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах во дебатата за предлог законот рече дека Германија со новите правила е добро опремена против евентуален нов корона-бран. „Наесен ќе ја имаме ситуацијата под контрола“, смета тој. Со подобри вакцини и лекови, значително повеќе податоци за состојбата со инфекцијата и изменетиот Закон за заштита од инфекции, ќе може да се реагира на секој можен развој на пандемијата, уверува Лаутербах.

Голема слобода за сојузните покраини

На сојузно ниво се планирани малку основни заштитни мерки. Сојузните покраини ќе одлучуваат за сите понатамошни чекори во зависност од развојот на ситуацијата со инфекцијата. Маските ФФП2 од октомври ќе бидат задолжителни во здравството, како и во возовите и автобусите на долги релации. Патниците во авионите, од друга страна, веќе не мора да носат маски. Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ја критикуваа како несфатлива оваа промена, која владеачката коалиција ја воведе дури во текот на процесот на носење на измените на законот.

Од октомври покраините можат, но не мора, да носат прописи за носење маски во јавно достапни затворени простории, како што се ресторани, институции, спортски сали или театри. Доколку постои ризик од преоптоварување на здравствениот систем или критичната инфраструктура, покраините може да наметнат построги правила за носење маски и тестирање, како и барања за држење растојание и рестрикции за настани.

Училиштата и градинките треба да останат отворени. Во случај наставата со физичко присуство, поради висока инциденција, да мора да се прекине доколку не се носат маски, тогаш тие треба да бидат задолжителни на наставата за децата од петто одделение нагоре.

Министрите Марко Бушман (л.) и Карл Лаутербах
Министрите Марко Бушман (л.) и Карл ЛаутербахФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Бушман зборува за „умерени мерки“

Сојузниот министер за правда Марко Бушман, кој го подготви предлог законот заедно со Лаутербах, нагласи дека во иднина ќе се гарантира повисок безбедносен стандард во болниците и домовите за стари лица на национално ниво. Тоа е разумно, бидејќи најранливите луѓе мора да бидат заштитени од инфекција, додава тој. Бушман уште нагласи дека се доволни умерени мерки. Во измените на законот „нема локдауни, затворања на компании, затворања на училишта, или забрани за демонстрации“. Сепак, речиси сите експерти очекуваат влошување на ситуацијата со инфекцијата, па државата мора да биде способна да дејствува, потенцира министерот за правда.

- повеќе: Германија: Во првата половина од годинава им истекол рокот на 3,9 милиони вакцини против Ковид

Контраветер од опозицијата

Опозицијата остро го критикуваше предлогот. Портпаролот за здравствено-политички прашања на пратеничката група на Унијата, Тино Зорге, ја обвини владеачката коалиција за технички недостатоци. На премногу места, законот остава отворено под кои услови покраините треба да ги применуваат или заострат мерките за контрола на инфекцијата. Политичарот на ЦДУ ја повика владата и да ја укине задолжителната вакцинација против корона во здравството, затоа што веќе не била оправдана: „Не можеме да си дозволиме недостаток на персонал“, нагласи Зорге. Правилото за задолжителна вакцинација завршува на крајот на годината.

- повеќе: Огромни штети од измами со корона-тестови во Германија

Катрин Воглер од Левица ги критикуваше новите правила како неверодостојни. Неколку пратеници на деснопопулистичката АфД ја повикаа владеачката коалиција да им ја врати на луѓето „слободата и личната одговорност“.