1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија стигна до рекордни 84,3 милиони жители

БГ /дпа
19 јануари 2023

Во Германија, во минатата 2022 година, повторно повеќе луѓе починале одошто се родиле. Но, бројот на населението порасна до рекордна бројка. Причината за тоа се големите кризи и конфликти во светот.

https://p.dw.com/p/4MQrK
Германија Население
Населението во Германија се зголемува благодарение на доселувањетоФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Помалку деца се родиле, повеќе луѓе починале, но доселувањето е на рекордно ниво: Севкупно, на крајот на минатата година, Германија имала рекорден број на население од 84,3 милиони.

„Со тоа, на крајот на годината во земјата живееле повеќе луѓе од било кога“, објави Сојузниот завод за статистика (Дестатис) врз основа на прелиминарни податоци.

Според проценките, во земјата се доселиле меѓу 1,42 и 1,45 милиони луѓе повеќе одошто се отселиле во странство. Тоа е најголемо нето доселување во земјата откако се води таа статистика од 1950 година.

„Освен големото доселување на воени бегалци од Украина, зголемено е доселувањето и на лица од други националности“, објаснуваат статистичарите.

Притоа, бројот на новородените повторно е опаднат, а бројката на починати изминатата година била зголемена. Севкупно, од крајот на 2021 до крајот на 2022, населението во земјата се зголемило за 1,1 милиони жители.

Во трите децении од повторното обединување на Германија, населението во земјата претежно растеше - со исклучок на 1998 година, како и на периодот од 2003 до 2010. Растот сепак произлегуваше речиси исклучиво од фактот што повеќе луѓе се беа доселиле одошто се отселиле.

„Без нето доселувањето, населението ќе се намалуваше уште од 1972 година, бидејќи од таа година повеќе луѓе умираат одошто се раѓаат во Германија секоја година“, велат од Дестатис. 

Германија старее! 

Конкретно, во 2022 за седум проценти се намалил бројот на новородени во однос на 2021 година, и таа бројка изнесува околу 740 илјади. Од друга страна, бројот на умрени пораснал за четири проценти, и минатата година изнесувал 1,06 милиони луѓе. 

„Сѐ е можно ако си упорен“

„Германија старее“, вели Себастијан Клисенер од Институтот за истражување на населението, и објаснува дека поради намалениот наталитет ќе следуваат големи предизвици на пазарот на работната сила, пензискиот и здравствениот систем во следните 10 години.

Најголемиот дел од ново доселените се бегалци од војните во Сирија, Авганистан и Ирак (во периодот 2015-2016), како и од војната во Украина. Но бројни се и имигрантите од ЕУ членките Романија, Бугарија и Полска.

Од крајот на 2014 година до средината на 2022 година, бројот на жители со странско државјанство во Германија се зголемил за речиси 4,5 милиони луѓе, а истовремено, бројот на лица со германско државјанство се намалил за 1,5 милиони луѓе.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи