Германија-Турција: Сто години дипломатски односи
24 април 2024Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер е во посета на Турција, прва од почетокот на неговиот мандат во 2017 година. Времето на посетата не е случајно. Со него се потсетува на воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји пред сто години.
Во далечната 1924 година, и Турската Република и Германскиот Рајх имаа нов почеток: двете држави беа на губитничката страна како сојузници по Првата светска војна, и како резултат на тоа мораа да отстапат територии - Турција дури загуби големо царство - и двете држави ја укинаа монархијата. Во Германија, Вајмарската Република го зазеде местото на царството.
Но, внатрешната промена во Турција беше многу поголема: основачот на земјата, Кемал Ататурк, сакаше секуларна, европски ориентирана Турција. Калифатот и шеријатот од Османлиското Царство беа заменети со западни правни системи.
Двете држави претходнички, Османлиското Царство и Германскиот Рајх, исто така одржуваа блиски дипломатски, воени и трговски односи. Неколку месеци по основањето на Турската Република во 1923 година, на тоа се надоврзаа повторно воспоставени дипломатски врски и беше склучен договор за пријателство.
Но, Берлин не го сфати тоа особено сериозно во тоа време, вели историчарот и експерт за Турција, Расим Марц: „И покрај обновувањето во 1924 година, Вајмарската Република, опфатена со криза, сè до 1930-тите не им придава големо политичко значење на дипломатските односи со младата Република Турција“, пишува тој за ДВ. Но, „високиот углед на Германија во Турција остана непроменет“.
Турција - прибежиште за прогонетите од нацистичкиот режим
Поглавје во германско-турските односи што денес често се заборава беше егзилот на неколку стотици прогонети Германци во Турција за време на нацистичката ера. Турција тогаш беше неутрална во однос на надворешната политика.
„Турција под Ататурк стана прибежиште за многу прогонети академици. На Турската Република ѝ требаа висококвалификувани луѓе“, вели Расим Марц. Меѓу нив беше и политичарот од СПД, а подоцна и градоначалник на Берлин, Ернст Ројтер, економистот и политичар Фриц Баде, композиторот Пол Хиндемит и многу други. Тие „значително беа вклучени во натамошното градење на државата врз основа на европскиот модел“.
Турски мигранти во Германија
До денес, веројатно ниту една одлука немала толку трајно влијание врз односите како склучувањето на договорот за вработување турски работници во Сојузна Република Германија во 1961 година. Според германското Министерство за надворешни работи, како резултат на договорот во Германија од Турција дошле околу 876.000 луѓе. На пример, тие работеа во рударството, во автомобилската индустрија и отвораа продавници. Многумина ги донесоа своите семејства со себе и останаа засекогаш. Денес во Германија живеат околу три милиони луѓе со турски корени.
Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер му оддаде почест на нивното достигнување уште на почетокот на својата посета на Турција, на историска локација: многу од регрутираните Турци се качија на возовите за Германија на железничката станица Сиркеџи во Истанбул. „Тие помогнаа да се изгради нашата земја, ја направија силна и припаѓаат во срцето на нашето општество“, рече Штајнмајер.
Влошување на односите во мандатот на Ердоган
Откако Реџеп Таип Ердоган стана претседател на Турција, односите сѐ повеќе се влошуваат. Ердоган презеде остри мерки против политичките противници, особено по обидот за државен удар во 2016 година. Германската влада постојано ја осудува ситуацијата со човековите права во Турција, германскиот амбасадор постојано е повикуван на разговор во турското МНР. Знак на тензиите е што пред актуелната посета на Штајнмајер, во Турција цели 10 години не бил ниту еден германски сојузен претседател.
Ердоган ја трансформира земјата и надворешнополитички - и, според мислењето на Расим Марц, со тоа го погаѓа нервот на своите сонародници: „Турција под претседателот Ердоган веќе две децении се стреми кон водечките нации во светот. Визијата за политичка и воена голема сила Турција во 21 век се зацврсти во општеството, како кај академската и политичката елита на земјата, така и меѓу припадниците на армијата или бизнис-магнатите, без разлика дали се од владиниот камп или опозицијата.“
За Ердоган, Хамас е ослободителна организација
Ставот на Ердоган кон исламистичкиот Хамас во Појасот Газа е особено експлозивен за германската политика. Ердоган го бранеше масакрот на Хамас врз Израелците на 7 октомври и го опиша Хамас како ослободителна организација. Од друга страна, безбедноста на Израел - и покрај сите германски критики за акциите на Израел во Појасот Газа - е официјален германски „државен резон“. Како да сака да ги засили разликите, Ердоган непосредно пред доаѓањето на Штајнмајер се сретна со шефот на Хамас. Исмаил Ханија.
Германскиот претседател, за време на посетата на Истанбул, се соочи и со демонстранти кои протестираа против политиката на Германија кон Израел.
ЕУ-преговорите со Турција се замрзнати
Германско-турските односи одамна се вградени во односите на Турција со целата ЕУ. Турција е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Но, всушност, пристапните преговори одамна се замрзнати, меѓу другото и како последица на тврдиот внатрешен и надворешнополитички курс на Ердоган.
Канцеларката Ангела Меркел беше релативно претпазлива кон Турција, меѓу другото и затоа што Анкара итно ѝ беше потребна за време на бегалската криза во 2015/16 година. Политичарите во актуелната германска влада предводена од СПД, под раководна палка на канцеларот Олаф Шолц, се појасни во акцентирање на проблемите.
Ова не наидува на добар прием кај турското раководство, вели Расим Марц: „Германија загуби значително влијание во Анкара по ерата на Ангела Меркел. Несогласувањата меѓу двете земји станаа очигледни за време на последната посета на министерката за надворешни работи Аналена Бербок (во јули 2022 година). Историчарот и експерт за Турција, Расим Марц смета дека заживување на преговорите за пристапување во ЕУ „во моментов не е на повидок“.
Нов почеток?
Надежта на германската влада лежи во турското граѓанско општество и турската опозиција. Партијата на Ердоган, АКП, претрпе пораз на локалните избори пред неколку недели. Наместо тоа, триумфираше најголемата опозициска партија во земјата, ЦХП. Нивна голема надеж, и како можен иден претседател, е градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.
Германскиот претседател за време на својата посета се сретна со него пред да разговара со Ердоган. Знак дека Берлин се надева на политички промени и уште еден нов почеток во турско-германските односи.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик