Германската економија трага по стратегија против рецесијата
22 февруари 2024Не е ништо ново дека на германската економија лошо и оди. Зигфрид Русвурм, претседател на Сојузното здружение на германската индустрија, уште во јануари рече дека „во споредба во најголемиот дел други големи индустриски земји, нашата уште повеќе заостанува. Не гледаме никакви шанси за брзо опоравување во 2024 година“.
Сепак, многумина не очекуваа дека сојузната влада прогнозите за економскиот раст во 2024 толку значително ќе ги ревидира – од 1,3 на 0,2 отсто. „Прилично сме изненадени“, вели Алмут Балер од Институтот за економски истражувања РВИ во Есен.
Има и добри нешта…
Некои работи сепак бележат позитивен развој. Инфлацијата се намали и од просечните 5,9 проценти минатата година, годинава се очекуват 2,8 проценти, според Извештајот на владата. „Инфлацијата можеме да ја зауздаме“, оптимистички порача министерот за финансии, Линднер, во Бундестагот. Позитивно е и тоа што пазарот сега е стабилен. Во Германија работат 46 милиони лица, а годинава се очекува зголемување на вработеноста. Платите пораснаа, па луѓето имаа и пари да трошат и да ја поттикнат економијата.
Но, тоа не го прават во мерката во која се очекуваше и порадо штедат. Неизвесноста е преголема, критикува и Балер и за тоа ја обвинува политиката. „Многумина се надеваа дека нештата ќе се поправат ако се дадат јасни насоки за управување со енергетската транзиција и предизвиците од иднината“, вели тој.
Постојан спор меѓу Хабек и Линднер
Коалициските партнери Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Либералите (ФДП) досега не успеаја да дадат јасен правец. Секогаш има спорови, посебно меѓу министерот за економија Хабек од Зелените и министерот за финансии Линднер од Либералите. И обајцата се согласуваат дека е загрозена конкурентноста на Германија како деловна локација. На претставувањето на годишниот извештај во Берлин, Хабек зборуваше за „исклучително предизвикувачка ситуација“. Но, додека Линднер бара даночни олеснувања за компаниите, Хабек сака посебен инвестициски фонд финансиран од задолжување. Линднер одбива. Хабек избегнува јавно да го коментира спорот. Сега е поважно да се зафатат со рееформските проекти кои ги договори владата и во тој поглед владее „голема одлучност“. „Работата мора да се заврши, без обѕири на тоа дали ќе се донесе одлука за натамошни даночни олеснувања“, се вели.
Проблем број 1: недостаток на работници
Германија страда од структурни проблеми кои со години се таложеле. Прво и најважно, Хабек гледа недостиг од работна сила што уште повеќе ќе се влошува во претстојните години и ќе го забави растот. „Потребно ни е сето знаење и вештини, сите раце и умови, сите таленти и способности“, вели Хабек.
Тоа што е потребно, смета тој, е повеќе образование, подобри можности за жените и подобар поттик за старите луѓе доброволно да работат подолго. Но, и повеќе миграција на квалификувана работна сила и подобра интеграција на бегалците на пазарот на трудот.
Прашањето е „кои сме ние како Германија? И можам да ви кажам дека ако сите тие луѓе не ги гледаме како партнери, пријатели и Германци, тогаш економијата ќе пропадне.“
Обновливите извори на енергија масовно треба да се прошират, а индустриските процеси преку субвенции да станат климатски неутрални. Непотребната бирократија треба да се намали, а ако е неопходна дополнителна бирократија треба да се води сметка за пропорционалноста.
Треба да се прошират економските односи со другите земји, да се создадат повеќе достапни станови и да се модернизира сообраќајната инфраструктура. За 2024 се планирани инвестиции од вкупно 70 милијарди евра. Освен тоа, има уште и 49 милијарди евра од климатските фондови.
Многу непотребни закони
Не се само компаниите што со интерес ќе следат дали владата постигнала се што најавува. Коалицијата е далеку од својата цел за изградба на 400 илјади станови годишно. Нсамалувањето на бирократијата најавено уште од стапувањето на функциите, не напредува. „Имаме многу непотребни закони, ако ги укинеме ништо нема да се изгуби со тоа“, вели Клеменс Фист од ИФО институтот за економски истражувања во Минхен. За тоа се криви и претходните влади. „Но, имаме огромно зголемување на оптоварувањата, експлозија на планската економија и интервенционизам кој ја оптоварува економијата“, додава тој.
Дали енергијата наскоро ќе биде повторно достапна? Министерот за економија Хабек гледа трошка надеж кога се работи за цената на енергијата. Гасот и како резултат на тоа и струјата, се значително поефтини. „Цените на енергијата уште не се на ниво кое го посакуваме, но побрзо и позначително се намалуваа отколку што можевме да очекуваме пред неколку месеци.“
На кој му треба многу енергија - нека оди во странство
Но, дали е тоа доволно за опстанок во меѓународната конкуренција? Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања се сомнева во тоа. „Краткорочно ништо нема да се смени на фактот дека трошоците за енергија во Германија ќе останат значително повисоки отколку во други економии кои не биле толку зависни од рускиот гас и нафта“, вели Фрачер.
Тој смета дека финансиската поддршка за компаниите кои користат огромни количини енергија е погрешен пристап. „Трансформација значи дека не можете да ги зацементирате постоечките структури, туку мора да дозволите промени. Не е така лошо ако некои енергетски интензивни компании си го преселат производството во сранство“, смета Фрачер.