1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада демантира дека се крати помошта за Украина

ЕМФ | агенции
19 август 2024

Германската влада ги демантира тврдењата дека воената помош за Украина треба да биде ограничена, односно лимитирана од финансиски причини.

https://p.dw.com/p/4jcql
Ирис-Т системи за противвоздушна одбрана
Во Украина до крајот на годинава треба да бидат доставени уште четири Ирис-Т системи за противвоздушна одбранаФотографија: Diehl Defence/abaca/picture alliance

Помош за Украина ќе се дава „сѐ додека тоа е неопходно“, изјави денеска (19.08) во Берлин заменик портпаролот на германската влада Волфганг Бихнер. Со тоа тој ги демантираше информациите дека наредната година нема да има на располагање повеќе буџетски средства за таа намена од веќе планираните четири милијарди евра. „Ништо не се менува во нашата посветеност и решителност“, тврди Бихнер. Портпаролот на владата ги нарече „неславни“ шпекулациите дека владата наводно сакала да испрати сигнал пред покраинските избори во источна Германија дека исплатите за помош за Украина ќе бидат ограничени. Инсинуација е да се тврди дека Украина треба да добие помала поддршка „поради некој внатрешнополитички аспект“, потенцира Бихнер.

Во Украина до крајот на годинава треба да бидат доставени уште четири Ирис-Т системи за противвоздушна одбрана, 16 панцерхаубици, 10 тенкови Леопард, борбени дронови и повеќе илјади парчиња артилерија и тенковска муниција.

Министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) претходно во писмо до министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) и министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелени) напиша дека „нови мерки“ со обврските за плаќање треба да се преземат само доколку „се обезбеди финансирање“ во буџетските планови за оваа и за наредните години.

Во тековната година, Германија обезбедува речиси 7,5 милијарди евра за воена поддршка за Украина, а за наредната 2025 година се предвидени 4 милијарди евра. Сепак, средствата може да се зголемат во Бундестагот, како што тоа беше случај за 2024 година.