1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Наликува на војна во врвот на државата

Даниел Смилов
15 мај 2023

Последните случувања во Бугарија изгледаат како војна меѓу организирани криминални групи во врвот на државата. Гешев има слаба рака, но ако реши да оди до крај, може да повлече многумина со себе. Анализа на Даниел Смилов

https://p.dw.com/p/4RMub
Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев
Бугарскиот јавен обвинител Иван ГешевФотографија: BGNES

Неделата започна бурно со прес-конференција на главниот обвинител Иван Гешев и непосредна реакција од Бојко Борисов. Гешев со своето појавување покажува дека нема да дозволи да биде доброволна жртва во процесот на политичка „рехабилитација“ на коалицијата ГЕРБ-ДПС: 

- Тој употреби зборови како „политичко ѓубре во парламентот“, кои се доволни за негово отстранување од Јавното обвинителство. Не дека има потреба од нови и дополнителни причини за ова (двајца министри за правда веќе доставија бројни причини до Јавното обвинителство), но отвореното кршење на етичкиот кодекс од страна на високиот функционер ја издава неговата желба за тотална војна; 

- На прес-конференцијата имаше и директни закани од Иван Гешев до Бојко Борисов, изненадувачки прашања до другиот, до неодамна политички покровител - ДПС, како и најави во мафијашки стил. Стана јасно дека „Барселона гејт“ (сомнежи за перење пари во Шпанија од страна на високи бугарски политички функционери, н.з.) и другите случаи се под директна команда на Гешев - нивното движење во која било насока зависи од него како главен обвинител. Со ова се побива тезата за немешање на јавниот обвинител во конкретни случаи; 

- Информациите на Гешев за тоа кој кому се заканувал и уценувал во Јавното обвинителство и во  повисоките судии се основа за поведување процесни дејствија. Во моментов работите остануваат на ниво на прво предупредување и закана од јавниот обвинител. 
 

Освојувањето 

Оваа прес-конференција, како и однесувањето на Јавното обвинителство по политичката одлука на ГЕРБ-ДПС за смена на Иван Гешев, многу јасно го демонстрираат освојувањето на правосудниот систем и особено на обвинителството. 

Бојко Борисов
Бојко Борисов рече дека е изненаден од обвинувањата на ГешевФотографија: Nadezhda Peeva/BGNES

Политичките покровители - ГЕРБ-ДПС - изгледа сакаат да се ослободат од „инструментот“ кој веќе им е непријатен. Но, „инструментот“ не се дава, а за тоа има институционални гаранции. Сепак, многу кажува тоа што буквално неколку часа откако Марија Габриел изјави дека ќе бара смена на главниот обвинител, во истата насока се придвижи и колегиумот на обвинителството. Оваа синхронизација ја открива политичката/партиска боја на раководството на правосудниот систем, што исто така води до недостаток на непристрасност во постапувањето по предметите.

За жал, сите овие настани, како и „атентатот“ врз Гешев - личат на војна меѓу организирани криминални групи во државниот врв. И најверојатно се работи за токму таква војна. Гешев има слаба рака во тоа, но ако реши да оди до крај, може да повлече многу луѓе со себе. Оваа прес-конференција беше со цел да ги разберат неговите намери. Најлошо за Бугарија би било двата табора некако да се договорат и мочурливата вегетација да ја покрие дупката што ја остави фрлениот камен во водата. 

Речиси веднаш по прес-конференцијата на Гешев, одговари и Бојко Борисов, притиснат од новинарски прашања. Од неговиот наратив беше јасно дека разговарал со Гешев за ситуацијата, иако тој негираше дека му понудил амбасадорскo местo и повлекување. Сепак, неговиот аргумент во оваа насока беше слаб - дека тој не одлучува за амбасадорските места. Тоа е точно, но сепак, доколку има влада „Габриел“, таа ќе треба да ја донесе одлуката заедно со претседателот Радев, што му дава можности на Борисов значително да придонесе за тоа. 

Даниел Смилов
Даниел Смилов, автор на анализатаФотографија: BGNES

Борисов е изненаден од фактот што Гешев го споменува само него, а не и другите партии кои бараат негова оставка. И тука нема простор за изненадување, бидејќи ставот на останатите е одамна познат. Дури неодамна, политичките покровители на Иван Гешев, ГЕРБ и ДПС - партиите што го лансираа на функцијата - почнаа да бараат негова смена. А за останатите, нема толку наталожени корупциски сомнежи и скандали. Во оваа смисла, конфликтот е навистина во рамките на групацијата која досега дејствуваше синхронизирано. И порано функционери испаѓале од неа, значи не е преседан. Вообичаено губитникот или заминувал во егзил или чувал омерта до одреден степен. И најчесто се случуваа и двете. 

Како Дамоклов меч

Целиот овој скандал покажува што ја чека Бугарија во иднина доколку за лидерскиот проблем во ГЕРБ и ДПС не изнајде некое трајно решение. Ќе биде многу тешко да се формираат влади, особено ако овие партии го задржат своето влијание. И ако се формираат влади, тие ќе бидат ранливи на такви скандали и интерни војни. Коцкарскиот скандал „Бошков“, „Барселона гејт“, купчињата пари над фиоките, вреќите со пари за автопатиштата итн. - сето тоа ќе продолжи да виси како Дамоклов меч над секоја влада избрана со учество на одредени познати партии.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема