Дали учествувавте во наградната игра на еден актуелен затвореник за тешки кривични дела? Ако не сте, побрзајте може вие ќе сте среќникот кој ќе ја освои премијата од неговата таканаречена giveaway акција. Но чекајте, премијата е веќе освоена, во старт, и тоа од организаторот. Тој од затворските власти си добил прекин на извршување на затворската казна поради здравствени причини и итна потреба од лекување. Но наместо во болница, решил првин да намине во најголемата берза на неработници и измамници. Од каде што нѐ забавува нас, обичните смртници кои ја немаме привилегијата да рекетираме, крадеме, мамиме, а потоа да нѐ пуштат од затвор пред да ја одлежиме казната.
Се сеќаваме сите на лелеците преку медиумите дека човекот е смртно болен и дека треба да биде пуштен од затвор за да му биде спасен животот. Еве го сега жив и здрав, ниту болен, ниту му е загрозен животот, слободно шета, прави циркузи на социјалните мрежи, а тие што го пуштија се прават дека не гледаат. Болна е само нашата држава која падна на толку ниски гранки што поединци можат да купат било каква одлука од властите. Притоа е важно и да им се преклопат и интересите и тогаш правната држава исчезнува, чека свиткана во клопче, да улови некој ситен престапник и со сета сила да ја демонстрира својата моќ.
Друго објаснување нема за тоа што се случува пред очите на целата јавност. Претходно, компањонка на организаторот на наградната игра насмеана кажа дека од целата затворска казна од 7 години, само неколку месеци била во ефективен затвор. Останатиот период го поминала дома по разни правни основи. Други двајца славни осуденици за тешки криминали, корупција и злоупотреба на службена положба, си сменија лични карти и се прошетаа низ затвор од отворен тип, како да не беа главни ликови во криминалистичката серија за Македонија која се разликуваше од други светски филмови со таква тематика, само по тоа што беше вистинита.
Опасен преседан со 27 април
Дел од тој мрачен мозаик на политиката и правото во Македонија се и осудените за насилен влез во Собранието при смената на власта во 2017 година. Крвавите сцени од тој настан не го оставија рамнодушен никого, го обиколија и светот, за на крај протагонистите на овој катастрофален ден за демократијата да бидат „брендирани“ како уставобранители наместо како извршители на тешки дела против безбедноста на луѓето. Но, таа терминолошка трансформација, предизвикана од политички мотиви, во иднина може скапо да ја чини државата. Ако успеат повиците за ослободување на учесниците во крвавиот настан, во иднина може да се случат такви упади и во болници, тепање на лекари поради незадоволство од третмани на пациенти, упади во факултети и училишта и тепање на наставници и професори, па и упади во владата за да се подберат министрите и премиерот затоа што лошо владеат со државата. Секогаш ќе најдете незадоволни кои со малку мотивација ќе срушат ѕидови или ќе најдат некој да им ја отвори вратата и да го почнат својот криминален поход.
Како круна на дерогираниот правен систем во Македонија е и бегството на Блерим Рамадани во Косово, кој наместо во екстрадициски притвор беше пуштен во домашен притвор иако не е државјанин на Северна Македонија и нема живеалиште на територијата на државата. Повеќе од очигледно е дека бегството е помогнато и политички спонзорирано, а тоа не го ни крие групацијата која му помогна да избега, изложувајќи ја државата на потсмев и на недоверба дома и кај меѓународните партнери.
Затворските власти, а богами и политичките затвораат очи и молчат пред тоа очигледно изигрување со правото и правдата. А во меѓувреме се чудат зошто правната држава и судството во државата станаа невидливи дури и под микроскоп.
Бегство од затвори
Министерот Панче Тошковски неодамна ги обвини претходните власти дека во периодот 2023-2024 година избегале од затвор 200 затвореници. Но, вистинското прашање е како избегале? Се знае дека од затвор може да се побегне само ако затворските власти сакаат да побегнеш. Поинаку не е можно. Може некој да не се врати од викенд, но со организирана потера може да биде најден. Меѓутоа, вистинскиот проблем е што затворските власти мижат пред таквите појави, или поради нарачка од политиката, или поради сопствен интерес.
Не така одамна се случи шокантен настан во кој затвореник кој официјално се наоѓал во затвор а всушност бил пуштен на слобода под определени услови кои не ги почитувал, предизвика сообраќајна несреќа во која беше загубен и човечки живот. Затвореникот, повторно со звучно име и презиме, пред очите на своите блиски и познати си го живеел животот надвор додека обичните смртници мислеле дека е на издржување затворска казна поради криминално здружување и перење пари. Имаше и случај кога затвореник во бегство во центарот на Скопје усмрти човек со нож.
Прекин на извршувањето на затворската казна поради здравствени причини, по смената на власта, добиваат и осудените за насилството на 27 април 2017 година. Секоја власт си има свои миленици. Луѓе кои се покорисни надвор отколку зад затворски решетки. Тие луѓе се потоа вечно благодарни и ги даваат своите услуги според потребите на власта. Или партијата на власт.
Така и дојдовме до ситуација никој да не верува во правната држава. Досега ниту една власт не покажа волја да го штити и доследно да го спроведува правото и правдата. Напротив таа област стана како самопослуга, секој влегува и си зема што сака. На дело е giveaway правда, со подарување слобода надвор од сите процедури и критериуми. Како да заигра цела држава во филмот на еден славен затвореник, на кого сѐ уште му трае затворската казна но гордо се шета на слобода, парадирајќи со својата блескава одора како контраст на мрачната иднина на правото и правдата во Македонија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.