1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласачките места за Бугарите - лакмус за состојбите

14 март 2023

Прашање пред секој изборен циклус: колку Македонци имаат бугарско државјанство? Според Софија, од 2001 до 2022 година 129.382 Македонци побарале, а 99.340 добиле бугарско државјанство.

https://p.dw.com/p/4Odbo
избори во Бугарија
Гласачка кутија - избори во БугаријаФотографија: BGNES

Во пресрет на парламентарните избори во Бугарија закажани за втори април, се утврдува бројот на гласачки места во РСМ на кои Бугарите ќе го искористат правото на глас. Ова била и една од темите на кои вчера во Тетово разговарале бугарскиот амбасадор во РСМ, Ангел Ангелов, и тетовскиот градоначалник, Билал Касами. Веста за средбата Општина Тетово ја објави на Фејсбук: „Една од темите на разговор беше и организацијата на избирачко место во Тетово за бугарските граѓани кои би сакале да гласаат на парламентарните избори на 2-ри април. Градоначалникот Касами и амбасадорот Ангелов се обврзаа да обезбедат избирачко место за граѓаните на Општина Тетово кои имаат бугарско државјанство“.

Бугарските медиуми нотираат дека покрај Тетово, каде за првпат ќе има избирачко место, бугарските државјани ќе можат да гласаат и на избирачки места во Струмица, Кавадарци, Велес, Охрид, Прилеп, Битола и Скопје. За парламентарните избори во Бугарија во ноември 2021 година, на дотогашните седум избирачки места во РСМ, гласале околу 650 бугарски државјани. Таа бројка била помала на парламентарните избори во октомври 2022, кога на истите места гласале вкупно 461 бугарски државјани.

Пасошка служба во Бугарија
Пасошка служба во Бугарија - намален е бројот на Македонци кои побарале и добиле бугарско државјанствоФотографија: BGNES

Отежнат пристапот до бугарско државјанство

Пред секој изборен циклус во соседната земја се актуелизира прашањето колку Македонци имаат бугарско државјанство. „Сѐ помалку Македонци барале да станат бугарски државјани во последните 3 години, но причината за тој тренд не биле толку билатералните односи меѓу двете земји или бугарското вето, туку новите законски недоразбирања“, објави „24 часа“.

Според весникот, кој објавува објаснување од Министерството за правда, причина за тоа биле големиот број досиеја за бугарско државјанство, но и потребата од вршење дополнителни проверки од страна на МНР и МВР за вистинитоста и веродостојноста на приложените документи, со кои се утврдува бугарското потекло. Тоа вообичаено требало да се докаже со официјални документи кои бугарската држава или институции ги издале на нивни родители, баби, дедовци, како што се извод од книга на родените, воени книшки, крстеница, медал, орден, диплома...Проблемот бил што повеќето апликанти немале такви документи, претежно во бившите ју-републики и Северна Македонија, наводно, поради тоа што биле изгубени или уништени за време на српската окупација, кога Бугарите биле прогонувани, затворани, убивани.

Со овие случаи до 2021 година се занимавала Државната агенција за Бугарите во странство, која барала и посредни документи и докази, со статистики, мислења на историчари и интервјуа со апликантите, и доколку можело да се докаже дека барателот е потомок на Бугарин, агенцијата го издавала потребниот сертификат. Таа практика била прекината во 2021 година со промена во законот, после редица скандали кои покажале дека без никаква причина се издавале такви потврди на Македонци, Срби, Албанци и други. Во 2013 година, тогашниот заменик министер за правда, Илија Ангелов, двапати го известил Обвинителството дека Агенцијата издавала потврди за потекло со прекршување на законот. Проверката покажала дека од 810 случајно избрани досиеја помеѓу 2011 и 2013 година, 717 не биле поткрепени со никакви документи. Од Агенцијата, пак, како основа за издавањето на потврдите ги навела книгите „Не заблудата, туку лагата за Гагаузите“, „Бугарите во Албанија и Косово“ и други, а на други апликанти им признала потекло само поради нивното членство во организации од типот „Бугарите во Албанија“.

Пасош, Бугарија
Скандали: До бугарски пасош се стигнувало со поткуп и потврди за бугарско потекло на странски државјани без законска основаФотографија: BGNES

По скандалите- измени во законот

Во 2018 година беше уапсен тогашниот претседател на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев. Според Обвинителството, тој лично барал и примал поткуп за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани без законска основа, а во некои случаи потврдите биле издавани дури и за еден ден. Обвиненија беа поднесени и против поранешниот главен секретар на секторот, Красимир Томов, и уште две лица. Поради корупција, во јуни 2021 година, Вашингтон ги стави под санкции и им изрече забрана на Харалампиев, Томов и нивните семејства за влез во САД. По овој скандал, 44-тото Народно собрание формираше Анкетна комисија која предложила измени во законот за државјанство и тие во март 2021 година биле усвоени, а со нив и` се забранило на Државната агенција да издава такви потврди. Тоа требало да го прави нов Консултативен совет, кој сѐ уште не е формиран, поради тоа што земјата до денес нема редовна влада.

Со бугарски пасош до посветла иднина!?

„Како службена влада, нашата работа е да успееме максимално да го придвижиме напред прашањето за добивање бугарско државјанство. Следниот чекор е да се создаде Консултативен совет при МНР, во кој ќе заседават луѓе со историско или друго знаење, кои ќе се произнесат и ќе помогнат во оние ситуации во кои работите не се сосема јасни или ако недостига одреден документ“, најави пред две недели службениот министер за правосудство, Крум Зарков, за „Bg-onair“

Според податоците, во 2022 година бугарско државјанство добиле 1.982 Македонци, во 2021 година 7.681, а во 2020 година 9.098. Податокот за 2023 година не е познат, освен дека лани вкупно 2.660 лица добиле бугарско државјанство. Од друга страна, 247 лица се откажале од бугарски пасоши, а меѓу нив имало лица кои претпочитале да бидат државјани само на Северна Македонија.

„Иако процедурите се забавени, а бугарското потекло потешко ќе се докажува, сепак Македонците се први меѓу странците кои го бараат нашиот пасош“, пишува „24 часа“.

Повикувајќи се на извештај на Министерството за правда, весникот објавува дека од 2001 до 2022 година за бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а добиле 99.340. На второ место биле граѓаните на Молдавија (35.706) потоа на Украина (16.720), на Србија (11.081) и на Албанија (6.527).

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи