Година на избори, но и на надеж за европерспектива
2 јануари 2024Проширувањето на ЕУ останува во фокусот на белгиското претседателство со ЕУ,кое постави три приоритети за следните шест месеци: заштита на европските граѓани, зајакнување на европската економија и подготовка за заедничката иднина. Во третиот приоритет се сместени и прашањата што ги засегаат земјите од Западен Балкан во однос на нивната интеграција, меѓу кои и Северна Македонија.
Подготовката на ЕУ за ефикасен одговор на предизвиците во иднина, ги опфаќа токму напорите за олеснување на процедурите за донесување одлуки на европските институции, за конструирање на буџетот, за даночните и сите други политики што се поврзани со подготовката на ЕУ за следното проширување.
Бидејќи изборите за нов состав на Европскиот парламент ќе се одржат од 6-ти дo 9-ти јуни, на законодавен план ќе останат на располагање само четири месеци, со оглед дека во април ќе се одржи последната пленарна седница на ЕП. Според тоа, напорите ќе бидат насочени да се заврши што повеќе работа на законодавен план во првите четири месци, а последните два месеца да бидат насочени кон расправа за иднината на ЕУ, за подготовка на новиот стратешка програма на Унијата за периодот од 2024 до 2029 година и на подготовка на следниот институционален циклус со нов состав на ЕП и нова Европска комисија.
Поместени очекувања
РСМ во првата половина на годината е пред двојни избори - претседателски и парламентарни, што ги исклучи очекувањата дека за време не белгиското претседателство може да биде направен одреден исчекор, врзан со условот за спроведување на уставни измени, за кои во актуелниот парламентарен состав досега не се обезбеди поддршка од неопходното двотретинско мнозинство. Премиерот Димитар Ковачевски во новогодишната честитка изрази очекување дека во 2024 година ќе се реализира напредок.
„Ако 2023 година беше година на нови можности, очекувам 2024 да биде година на остварување на европерспективите. Година во која сите заедно ќе работиме на исполнување на европската агенда, на исполнување на нашата втора, долгоочекувана цел по нашето членство во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ“, порача Ковачевски.
Периодот на застој ќе биде искористен за јавноста да биде уште повеќе информирана за конкретните придобивки од интеграцискиот процес, членството во ЕУ и реформите поврзани со приближувањето до европските вредности. За таа цел во последната декада од декември лани, Владата најави дека ја почнува новата кампања „Европска иднина, поблиску од кога било“, преку панел дискусии, информативни видео спотови, видео анимации, билборди и дигитална содржина за социјалните медиуми, која ќе трае 45 дена.
Со кампања или без неа, изборниот процес автоматски ги насочува очекувањата за придвижување на интеграцијата за периодот по изборите.
„Кога веќе ја загубивме целата 2023-та, годинава би морале да направиме исчекор со почеток на преговорите по поглавја, дали со поголемо парламентарно мнозинство или со дополнителни преговори со ЕУ и/или Бугарија, останува да видиме и да се надеваме“, изјави во вчерашното интервју за ДВ, директорот на Македонскиот центар за меѓународно соработка (МЦМС) Александар Кржаловски.
Камен на сопнување
Уставните измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав, Софија не го третира како билатерално прашање, туку како европско, со оглед дека двете земји во 2022 го прифатиле европскиот (француски) предлог. Бугарскиот дипломат Здравко Попов во разговор за БНР оцени дека нерешените прашања ги засегаат и Албанија, и Балканот, и Европа.
„Можеби трпението на Албанија и на Брисел во одреден момент ќе биде исцрпено и ништо чудно да го променат овој пакетен -пристап, т.е. да ги депакетираат двете земји и да ја пуштат Албанија да се движи сама во преговарачкиот процес. Македонските колеги треба сериозно да размислат за ова прашање. Тие можат се однесуваат инаетливо во однос на бугарската заедница, но таа инаетливост може да се покаже како камен на сопнување и за нивната иднина во ЕУ“, оценува Попов.
Поради геополитичките вектори во регионот, светот, во Источна Европа и Блискиот Исток, според него, Брисел и Вашингтон трескавично бараат формула за забрзана интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
„Основниот надворешнополитички интерес на САД во однос на Балканот е поврзан со безбедноста. Следствено, тоа прашање за безбедноста не може да застане некаде, како половина пресврт, само со членство во НАТО (...) Треба да се направи и другиот дел - интеграцијата. И затоа се бара, според мене, забрзано (формула - н.з.), вклучително можеби и барање на накаква нова политичка конфигурација во Македонија, која би можела да ја премобилизира, така да се каже, политичката елита на Скопје, да донесе малку побрзо решение на интеграциски план“, изјави Попов.
Јакнење на безбедноста и економијата
Покрај прашањата за кои се заинтересирани земјите од Западен Балкан, во фокусот на белгиското претседателство се приоритетите - заштита на европските граѓани, и зајакнување на европската економија. Приоритетот - заштита на граѓаните, се однесува на зајакнување на границите, јакнење на социјалната и здравстввена програма, зачувување на единството, обезбедување поддршка за Украина, борба против организираниот криминал, против тероризам и јакнење на отпорноста на ЕУ кон хибридни закани.
Во овој корпус спаѓа и Пактот за управување со азил и миграција, кој за двете прашања предвидува побрза и поефикасна постапка, хармонизирана на ниво на ЕУ низ пет закони. Тој беше политички догoворен во декември лани, а треба официјално да биде ратификуван пред новите европски избори.
За еден месец треба да се одржи и вонреден самит на лидерите на Унијата, на кој треба да постигнат договор за ревизија на седумгодишниот буџет, кој вклучува и помош за Украина во износ од 50 милијарди евра. Начелниот договор на 26 земји-членки за ова беше постигнат на самитот во декември, но Унгарија го блокираше.
Приоритетот - зајакнувањето на европската економија се однесува на законодавството за зелениот договор и имплементација на зелената и дигиталната транзиција со цел зајакнување на европската конкурентност. На крајот од јуни Белгија претседавањето ќе ѝ го предаде на Унгарија.