1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓоковиќ - тениска легенда со гребнатини

Обработка: | Иван Ѓерковиќ
30 јануари 2023

Ѓоковиќ е еден од најголемите, ако не и најголемиот тенисер што оваа планета досега го видела, пишуваат меѓу другото германските медиуми. Тие пренесуваат и многу лична оценка на Борис Бекер.

https://p.dw.com/p/4MroP
Новак Ѓоковиќ е повторно прв на АТП-листата
Новак Ѓоковиќ е повторно прв на АТП-листатаФотографија: David Gray/AFP

Сите германски медиуми ја пренесоа веста дека Новак Ѓоковиќ по десетти пат го освои Австралија Опен, дека тоа му е 22. грен слем, со што се изедначи со Рафаел Надал и дека од овој понеделник повторно е на врвот на АТП-листата.

„Гран слем историја“, оценува Спорт 1 на својот интернет портал: „Финалето пред околу 15.000 гледачи во преполната арена Род Лејвер беше спортски спектакл. Ѓоковиќ и Циципас приредија одлична вечер.“

Шпортшау, спортска програма на јавниот сервис АРД, известува вака: „Со исклучителни сервиси, силни враќања и одлични челични нерви во тешко извојуваниот втор сет, Ѓоковиќ го принуди својот грчки противник да оди повторно и повторно до своите граници за да дојде до каква било шанса. (…) Разликата во години - најголема досега меѓу двајца финалисти на Австралија Опен во професионалната ера (11 години и 28 дена) - не беше забележлива. Ѓоковиќ делуваше дека е во форма, свеж и многу мотивиран“.

Борис Бекер „сосема лично“ за победата на Ѓоковиќ

„Со овој успех Ѓоковиќ се враќа на врвот на светската ранг листа и таму го заменува сонародникот на Надал, Карлос Алкараз. Ѓоковиќ на тој начин влегува во својата 374-та недела како број еден во светот, со што го зголемува својот рекорд на таа листа“, потсетува германската спортска информативна агенција СИД.

Весникот Велт ја истакнува оценката на Ѓоковиќ дека „со оглед на околностите“ ова е „најголемата победа“ во неговиот живот. Весникот наведува и кои се овие „околности“: „Иако Ѓоковиќ загуби само еден сет на турнирот, патот до титулата му беше поплочен со пречки. Тој беше под будното око поради настаните од претходната година и беше обвинет дека ги лажирал проблемите со ногата, се бранеше од наводите за наводно неовластено одење во тоалет и јавно го бранеше својот татко поради инцидент со проруска група гледачи“.

Се огласи и поранешниот тренер на Ѓоковиќ, Борис Бекер, кој за Еуроспорт Германија изјави: „Имаше многу прекрасни, емотивни, спортски моменти на овој Австралија Опен и многу ми е тешко да кажам што беше најемотивното, најубавото. Лично, морам да кажам дека за мене победата на Новак Ѓоковиќ, неговиот 10. триумф во Мелбурн и22. грен слем, е апсолутен врв на овогодишниот Австралија Опен“.

Новак Ѓоковиќ со трофејот од Австралија Опен
Новак Ѓоковиќ со трофејот од Австралија ОпенФотографија: Paul Crock/AFP

Тениска икона со гребнатини

„Новак Ѓоковиќ по триумфот во Мелбурн е повторно број еден во светот. И со право, бидејќи Србинот е најкомплетниот тенисер“, се вели во коментар на весникот Рајнфалц.

„Ѓоковиќ многу ја посакуваше таа 22. грен слем титула. Тоа беше триумфално враќање на местото што го сака, но каде што - и по своја вина -  беше понижен откако беше исфрлен претходната година поради статусот на вакцинација“.

„Новак Ѓоковиќ поларизира. Тој ја сака својата земја. Отворено ја покажува својата национална гордост. Но, не им се допаѓа на сите. Тој е решителен и горд амбасадор на својата земја, бидејќи во првите години од кариерата како Србин се чувствуваше како аутсајдер“.

„Ѓоковиќ е еден од најголемите, ако не и најголемиот, тенисер што некогаш го видела оваа планета: тој помина 373 недели како број еден во светот, повеќе од кој било друг досега. Тој, кој зборува седум јазици, со својата ментална сила ги става сите во сенка“, пишува весникот и заклучува: „Ѓоковиќ е тениска икона, додуша со гребнатини“.