1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободените затвореници пречекани во Германија, Русија, САД

СН | АРД | агенции
2 август 2024

Први часови на слобода: Два авиони со ослободените затвореници слетаа на аеродромот во Келн/Бон. Таму ги пречека канцеларот Шолц. Вкупно пет Германци беа дел од големата размена на затвореници меѓу Русија и Западот.

https://p.dw.com/p/4j1eD
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги пречекува двата авиони со разменети затвореници
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги пречекува двата авиони со разменети затворенициФотографија: Marvin Ibo Güngör/Bundesregierung/Getty Images

Два авионa со ослободени затвореници, според новинската агенција ДПА, слетале на аеродромот Келн/Бон во четвртокот (1 август, 2024) околу 23 часот. Таму ги пречека германскиот канцелар Олаф Шолц.  „Сите пристигнаа тука во добра состојба“, изјави канцеларот, кој имал опсежен разговор со нив: „Беше многу трогателно. Многумина не го очекуваа тоа“. Шолц ја означи размената на затвореници со Русија како правилна одлука. „Иако постоеја сомнежи во оправданоста на оваа размена на затвореници, тие исчезнаа по разговорот со оние кои сега се на слобода“,

Германскиот канцелар уште истакна: „Оние кои мораа да се плашат за своите животи, бидејќи се залагаа за демократија и за слобода, можат да сметаат на помош и на заштита, тоа е дел од нашето самопоимање како демократско и хуманистичко општество“.

Ослободувањето на определени затвореници - тешка одлука

Размената на затвореници со Русија и со нејзиниот партнер Белорусија, Шолц го означи како тешка одлука, особено имајќи го предвид ослободувањето на таканаречениот убиец од Тиергартен, Вадим Красиков, кој беше во затвор во Германија. Рускиот претседател Путин, според Шолц, покажал посебен интерес за Красиков, кој беше осуден во декември 2021 година за убиство на грузиски Чеченец во бегалство во Берлин.

Канцеларот Шолц даде изјава на аеродромот во Келн/Бон откако ги пречека разменетите затвореници
Канцеларот Шолц даде изјава на аеродромот во Келн/Бон откако ги пречека разменетите затворенициФотографија: Christoph Reichwein/dpa-Pool/picture alliance

Красиков, сметаат безбедносните експерти, го извршил злосторството по налог на руската држава. „Никому не му падна лесно одлуката да се ослободи убиец осуден на доживотен затвор по само неколку години затвор“, рече Шолц на аеродромот во Келн/Бон, додавајќи дека владината коалиција заеднички ја донела одлуката по грижливи консултации и одмерувања.

Разочарување поради ослободувањето на Красиков

Роднините изразија разочарување. „Нецели пет години по убиството“, убиецот ангажиран од шефот на Кремљ Путин е „повторно на слобода“, порачале роднините на жртвата на убиството кои живеат во Германија, соопшти нивната адвокатка Инга Шулц. Ослободувањето на Красиков за нив била катастрофална вест: „Од една страна, среќни сме што нечиј живот е спасен. Во исто време, многу сме разочарани поради тоа што се чини дека во светот нема закон, дури и во земјите каде што законот важи за врховна инстанца“.

Роднините реагираат со олеснување

Рускиот претседател Владимир Путин ги пречека ослободените затвореници на московскиот аеродром Внуково. „Сите ќе бидете номинирани за државни признанија“, рече тој во обраќањето до нив. „Повторно ќе се сретнеме и ќе разговараме за вашата иднина. Сега би сакал да ви честитам за враќањето во татковината“, истакна рускиот претседател.

Рускиот претседател Путин се ракува со „убиецот од Тиергартен“ Вадим Красиков, по неговото пристигнување на аеродромот Внуково во Москва
Рускиот претседател Путин се ракува со „убиецот од Тиергартен“ Вадим Красиков, по неговото пристигнување на аеродромот Внуково во МоскваФотографија: Mikhail Voskresensky/ITAR-TASS/IMAGO

Роднините на затворениците со олеснување реагираа на ослободувањето. „Не верувавме и ништо не знаевме до последен момент“, изјави за новинската агенција АФП, Татјана Јашина, мајка на ослободениот руски опозиционер Илја Јашин. Таа рече дека сега се чувствува „уморна“. 41-годишниот Јашин беше човек од доверба на опозицискиот политичар Борис Немцов, кој беше убиен во 2015 година, и пријател на Алексеј Навални, кој почина неодамна во руски затвор. На крајот на 2022 година, тој беше осуден на осум и пол години затвор за критикување на руската агресорска војна во Украина. Сопругата на ослободениот активист за човекови права Олег Орлов, Татјана Касаткина, изјави за АФП дека не очекувала размената на затвореници да биде „толку голема“. „Цел ден седев на врел јаглен“, рече таа. „Тој само ми се јави и ми рече: ’Знаеш ли? И јас реков: 'Да!'“

Најголема размена на затвореници од крајот на Студената војна

Русија ослободи 15 затвореници, меѓу кои четворица со германски пасоши. Ова го вклучува и Германецот Рико К., кој беше осуден на смрт, па помилуван во Белорусија. САД обезбедија ослободување на американскиот новинар Еван Гершкович и на поранешниот американски маринец Пол Вилан. Според кабинетот на турскиот претседател, размената вклучува вкупно 26 лица од САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија - тоа е најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна. Вкупно 13 лица беа однесени во Германија, три во САД и десет лица за возврат во Русија. Кабинетот на турскиот претседател подоцна ги допрецизираше своите изјави, велејќи дека во бројката од 26 ослободени има и две малолетни лица. 

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата заменичка Камала Харис го пречекаа ослободениот Американец Еван Гершкович
Американскиот претседател Џо Бајден и неговата заменичка Камала Харис го пречекаа ослободениот Американец Еван Гершкович во воздухопловната база ЕндрусФотографија: Manuel Balce Ceneta/AP/dpa/picture alliance

Бајден и Харис ги пречекаа ослободените затвореници во САД

Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис во петокот вечерта (по локално време) ги пречекаа американскиот новинар Еван Гершкович, поранешниот американски војник Пол Вилан и новинарката Алсу Курмашева. Припадници на семејствата и пријателите на тројцата ослободени затвореници исто така беа во воената воздухопловна база Ендрус во близина на Вашингтон и реагираа со овации при нивното пристигнување. Чувството е „прекрасно“ да им се посака добредојде назад на американско тло, рече Бајден. Американскиот претседател истакна и посебна благодарност до земјите како Германија и Словенија, кои преку нивното дејствување ја овозможиле размената на затвореници.