1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гир: Сами треба да одлучите за моделот на уставни измени

ДТЗ
3 април 2023

Според Гир, вклучувањето на други заедници во Уставот нема да ги загрози националните интереси и идентитетот во земјата. Словенечкиот премиер Роберт Голоб бара да нема дополнителни барања на патот на Македонија кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4Pe1e
Дејвид Гир
Според Гир, вклучувањето и на други заедници во Уставот нема да ги загрози националните интереси и идентитетот во земјата. Фотографија: Arbnora Memeti

Прашањето околу вметнување на Бугарите во Уставот е суверена одлука што треба да ја донесе самата држава, порача денеска амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, кој беше во работна посета на Општина Дебрца. 

„Инклузијата на одредени заедници во Уставот не ги загрозуваат националните интереси на државата. Но, сепак, тоа е прашање што треба да го донесе самата држава“, вели евроамбасадорот. Тој, сепак, има две забелешки, кои не се дел од јавната дебата по прашањето.

„Првата е дека живееме во исклучително важни времиња, со нов моментум во контекст на процесот на проширувањето на ЕУ, низ случувањата во Западниот Балкан. Тоа се заснива врз цврстата констатацијата дека се работи за заеднички интерес на ЕУ и на Западниот Балкан, како на економски така и на безбедносен план“, рече Гир. 

Кога станува збор за Република Северна Македонија, патот за членство на државата кон ЕУ е отворен, преговорите се во тек и Брисел сака да ја види земјата како полноправна члена на Унијата, со интерес за продолжување на тој процес. 

-„Што е однесува конкретно на измените на Уставот за вклучување на лицата кои се самоидентификуваат како Бугари, всушност тие промени нема да бидат драматични, туку ќе бидат само консолидација на и онака добрата оценка што ја ужива земјата кога станува збор за уредувањето на меѓуетничките односи“, смета евроамбасадорот. 

Хрватскиот модел како пример 

Хрватскиот модел, којшто често се споменува во јавноста изминатиот период, во контекст на уставните измени, според Гир, е земен само како илустрација. Оценувајќи дека не станува збор за драматични промени, според евроамбасадорот, секоја држава го уредува Уставот согласно своите специфики, интереси, околности. 

„Не се работи за драматични промени, тука мислам на промените за луѓето кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е чувствителен дел и само го консолидира највисокиот правен акт. Што се однесува до формата на уставот, знаете дека секоја држава има свој единствен модел и форма. Само за илустрација се повикуваме на Хрватска, која вклучува над 20 заедници без разлика дали се бугарска, албанска итн. Вклучувањето на заедниците не ги загрозува вашите национални интереси или вашиот идентитет. Ова е работа што треба сама да ја направи вашата земја“, вели Гир.

Тој неодамна во телевизиско гостување на Канал 5 рече дека „има примери во ЕУ на земји кои имаат Устави во кои се вклучени различни заедници, најочигледен пример за тоа е Хрватска која има 23 заедници впишани во Уставот, вклучувајќи ги Македонците, Албанците и Бугарите но тоа не влијае на природата на државата и на нејзините суштински интереси“. 

Не треба да има нови барања 

И словенечкиот премиер Роберт Голоб по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој е во работна посета на Словенија, потенцираше дека промената на Уставот е тежок процес, кој мора да се случи. Но, Словенија ќе инсистира да нема дополнителни барања на патот на Македонија кон ЕУ. 

Димитар Ковачевски Роберт Голоб
Словенија ќе инсистира да нема дополнителни барања на патот на Македонија кон ЕУ. Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

„Процесот на евроинтеграција на Северна Македонија не смее да запре и и верувам дека ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти во државата и тие ќе го разберат историското значење на овој момент. Евроинтегративниот процес на Северна Македонија не смее да запре со внесување на дополнителни билатерални прашања во агендата“, дециден е тој. 

„Ќе инсистираме да одиме понатаму со оние процеси кои веќе беа договорени со промената на Уставот и дека не смее да се внесуваат од друга страна никакви дополнителни барања во процесот на продолжување на преговори. Овој аспект е многу значаен бидејќи, за жал, се покажа дека соседите, и ние имавме такво искуство, се обидуваат да добијат нешто повеќе од државата и тука ќе стоиме на овој став, рече словенечкиот премиер. Тој изрази надеж дека до крајот на ноември ќе се исполнат сите услови и дека во декември ќе биде констатирано дека Северна Македонија ги исполнила сите услови од договорот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема