1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Господ ја чуваше кралицата

9 септември 2022

Елизабета беше одлична кралица, речиси совршена, можеби една од најголемите. Таа беше еден од ретките суверени позајмени во служба на демократијата. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Gc3o
Queen Elizabeth
Фотографија: Frank Augustein/PA Wire/dpa/picture alliance

Елизабета Втора, според Божја волја Кралица на Велика Британија и Северна Ирска, нејзините други поседи и територии, поглавар на Комонвелтот и бранител на верата - како што гласеше нејзината официјална титула, беше родена на 21 април 1926 година во 2:40 наутро. Породена е со царски рез, во домот на нејзиниот дедо од мајчина страна Клод Боуз-Лајон, ерл од Стратмор, на улица Брутон број 17, во лондонската населба Мејфер.

Елизабета Александра Мери од Виндзор  толку долго беше кралица, што забораваме дека не беше родена да кралствува. Имала само 10 години кога абдикацијата на нејзиниот чичко Едвард Осми, одлучен да се ожени за екстравагантната Американка Волис Симпсон, во 1936 година ќе го постави на тронот нејзиниот татко како Џорџ Шести, а со тоа и ќе ја определи неа во линија на наследство.

Факт дека една ваква случајност ќе произведе толку долговечен монарх, кој речиси беспрекорно ќе владее, со исклучок на една можеби голема грешка, и притоа ќе ја освои безрезервната љубов на нацијата и на целиот свет. Во исто време ќе се претвори во симбол и огледало на својата земја, неверојатен подвиг за кој било државен лидер, дотолку повеќе што станува збор за жена во еден свет доминиран од мажите.

Токму поради фактот што Елизабета случајно стапнува на престолот поради абдикација, британското општество претендираше, како и таа самата, да владее и да биде кралица до денот на нејзината смрт. Во монархиите, како и во Црквата, се подразбира дека мандатот на поглаварот е доделен според Божјата волја. Смртта е единствениот пристоен и законит, а во исто време и нужен и конечен начин за окончување на функцијата. Оттука и долгото чекање и вечната припрема на сега идниот крал Чарлс Трети, треба да биде вреднувано и ценето низ призмата на оддаденоста кон службата на Елизабета, како и нејзината силна одлучност да го испере наследството кое беше сфатено како фамилијарен грев.

Други колумни од авторот: Атентат врз Дугин или врз Путиновата идеја за империјална Русија?!

Од друга страна пак, нејзината долговечност и недискутабилна способност во извршување на работата, остава тешко наследство за кралството, особено за првиот во редот Чарлс, кој во старт е осуден да ја изгуби секоја споредба со Елизабета, така можеби и повторно разгорувајќи ги сомнежите околу опстојувањето на монархијата. По неа, секој иден крал или кралица, ќе делуваат, во најмала рака, како помали и помалку важни.

Сведок на бурни времиња

Нормално е во моментот на  нејзиното заминување  да превладува еден мистичен дух кој го опкружуваше целото нејзино владеење. Елизабета Втора беше последниот жив сведок на бурниот 20-ти век, најстар шеф на држава во светот и кралица која била најдолго на тронот во британската историја. Повеќе од 70 години Елизабета беше сликата и огледалото преку кое се огледуваа нејзините сограѓани. Уште пред да стапи на тронот, Елизабета беше олицетворение на колективната британска меморија. Родена набрзо после крајот на крвавата Прва светска војна и крвавиот крај на уште една европска династија, онаа на Романови, Елизабета ќе биде сведок на еден од најбурните периоди на Европа, што од скандалите во сопствениот двор, што од подемот на Хитлер и Мусолини, годините на отпорот и Втората светска војна, распадот на Британската империја, епохата на Студената војна, падот на Берлинскиот ѕид и на комунизмот, интернет револуцијата, па се до Брегзит и актуелната војна во Украина. Додека  Елизабета Втора  беше на тронот, се сменија 15 различни шефови на влади - од Винстон Черчил до Лиз Трас. Пречекот на новиот премиер на 6 септември 2022 година беше последното јавно појавување на ослабената кралица.

Елизабета си заминува како кралица на срцата и кралица на историјата.

Стапнува на тронот како млада и убава 25 годишна жена која само што дознала за смртта на својот татко за време на сафари во Африка. Брзо се враќа во Лондон за церемонијата на инкоронација во Вестминстер. Од нејзиниот срамежлив и скромен поздрав од Бекингамската палата може да се прочита олеснувањето на нацијата тукушто излезена од траумата на Втората светска војна, се уште жртва на економска криза и мизерија. Подоцна, заедно со сопругот Филип и гнездото на деца, кучиња и коњи, сликана на пикници, со смешните фризури, одеднаш здолништата над колена и голите раменици, Елизабета и нејзиното семејство ќе бидат репрезенти на „бумот“ на шеесетите.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Владееше во годините на индустриската деградација, тероризмот на ИРА, Тачеризмот и кризата на рудниците и работниците, во времето на панкот и рокот, кој нечесто наоѓаше инспирација или непријател во неа. Од баронските титули за Битлси до Ед Ширан и Елтон Џон, преку одбиената почест од Дејвид Боуви и Пол Велер или караниците околу одликувањето помеѓу Мик Џегер и Кит Ричардс, Елизабета беше и кралица на музиката. Титула која сепак ќе мора да ја сподели со уште една кралица - Фреди Меркјури, лидерот на „Queen“ и изведувач на полемичната „Killer queen“, неповторлив имитатор со круна на главата. Незаборавен ќе остане и нападот од „Sex Pistols“ и нивната „God Save The Queen“, епска од самиот омот, каде на удар е монархијата и самиот лик на кралицата. God save the queen/The fascist regime/They made you a moron/A potential H bomb. Кралицата ќе го прими ударот без растревожување. Ништо помалку важно за нотирање е парчето на Морисеј, фронтменот на „Smiths“, кој никогаш не бил нежен кон монархијата, до степен да ја осуди како „спротивна со секакво појмување на демократијата“. Во „The Queen is dead“ Морисеј ѝ посакува еднаква судбина на кралицата како онаа на Марија Антоанета. Her very Lowness with her head in a sling/I'm truly sorry, but it sounds like a wonderful thing.

Сите скандали во семејството

Ништо од тоа нема да ја намали нејзината популарност, дури ни кога кралското семејство ќе западне во модерните зависности и страсти, било дрога, тајни релации и прељуби, разводи и караници меѓу роднини, па се до обвиненијата за педофилија на принцот Ендрју, „црната овца“ на семејството. Во цело тоа време кралицата ќе продолжи во духот на мотото „Keep Calm and Carry On“, да ги извршува своите должности, дозволувајќи му на народот да се идентификува со монархијата, што само кажува за успешната травестија на куќата од Виндзор со животот на обичниот човек.

Други колумни од авторот: Македонија е неспремна за Големата војна

Но, никој не е безгрешен и Елизабета ќе направи грешка која можеше да ја чини тронот или во најмала рака да ја сруши нејзината репутација и омиленост кај јавноста. Довербата беше разнишана во 1997 година, кога на Британците им делуваше премногу студено што кралицата упорно остана на одмор во Балморал кога почина принцезата Дијана, додека народот јавно прикажа слики на автентична тага, шок и емоција за трагичната и прерано завршена бајка на Лејди Ди. И во тој случај кралицата ќе покаже дека е способна да го направи тоа за што многу политичари денес се неспособни, да се извини и да ја поправи ситуацијата. По многу двоумење, Елизабета тагуваше јавно поради загубата на нејзината поранешна снаа, принцезата Дијана. По сугестија, ако не и наредба на Тони Блер, кралицата ќе се врати во Лондон, ќе го спушти знамето на Бекингамската палата на половина копје и со стиснати заби ќе се обрати до нацијата: „Сите се обидовме на свој начин да се справиме со тоа. Не е лесно да се изрази загубата, бидејќи по почетниот шок е присутна мешавина од многу емоции: неверување, лутина и грижа за оние што остануваат“. Нацијата ќе ѝ прости и набрзо потоа анкетите за одобрување на монархијата повторно ќе скокнат над 70%.

Ако „Фирмата“, како што иронично се нарекува кралското семејство опстојува како единствена традиција во една длабоко напредна и реформирана земја, како уникатна туристичка и културна атракција, тогаш заслугата е пред се нејзина. Елизабета беше одлична кралица, речиси совршена, можеби една од најголемите. Остана верна на принципот според кој качена е на тронот за да не прави ништо, имајќи пред се само церемонијална улога во водењето на државата. На почетокот на своето владеење ќе каже: „Не можам да ве водам во битка, не можам да ви носам закони или да ја раководам правдата, но можам да ви дадам нешто друго – да ви го дадам срцето“. Но, Елизабета ќе направи и повеќе од тоа.

Како во случајот со Јужна Африка кога ќе и се спротивстави на Маргарет Тачер која не сакаше да се санкционира апартхејдот во земјата. Кралицата ќе се залага и ќе обезбеди санкции за сегрегацискиот режим и потоа ќе воспостави силни политички односи со Мандела. Истото ќе го направи и против Мугабе, кога ќе обезбеди исфрлање на Зимбабве од Комонвелтот во 2003 година. Во сите пресудни и одлучувачки моменти Елизабета ќе биде дискретна и обединувачка сила на внатрешен план, но и поголем и попозитивен дипломатски фактор од тоа што ѝ се препишува и признава.

Највеќе од се, Елизабета демонстрираше во преку седумте децении служба непоколебливо чувство на должност, воздржаност и одговорност, нешто што треба да е лекција за секој државник, било да е републиканец или монархист. Кралицата беше еден од ретките суверени позајмени во служба на демократијата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.