Обраќање: Бајден „удри“ по Трамп, без да му го спомене името
8 март 2024Американскиот претседател Џо Бајден го искористи своето годишно обраќање за состојбата во нацијата за да го повика Конгресот да ослободи помош за Украина и да апелира до израелската влада со оглед на драматичната ситуација во Појасот Газа. Демократот повеќепати се дистанцираше од неговиот претходник и веројатен предизвикувач Доналд Трамп за различни прашања од внатрешната и од надворешната политика. Иако не го спомена републиканецот по име, генерално не остави сомнеж на кого мисли, а Бајден експлицитно ги осуди и неговите изјави за НАТО. „Па, мојот претходник, поранешниот републикански претседател, му рече на Путин, цитирам: 'Прави што сакаш'“, рече Бајден. „Мислам дека тоа е нечуено, опасно и неприфатливо“, додаде тој.
Трамп неодамна за време на својот говор во рамките на предизборна кампања јасно стави до знаење дека нема да обезбеди американска поддршка на сојузниците во НАТО со мали трошоци за одбрана во случај на руски напад. „Мора да му се спротивставиме на Путин“, нагласи Бајден пред двата дома на парламентот. Тој увери дека „нема да попушти“ пред рускиот претседател Владимир Путин. „Мојата порака до претседателот Путин, кого го познавам долго време, е едноставна: Нема да бегаме“, рече тој. „Ако некој во оваа просторија мисли дека Путин ќе запре на Украина, тоа е погрешно. Ве уверувам дека нема.“
Бајден повторно го повика Конгресот да ослободи повеќе американска помош за земјата нападната од Русија. „Украина може да го спречи Путин ако застанеме покрај Украина и испорачаме оружје“, рече Бајден. Украина не бара американски војници и ние нема да испратиме, нагласи тој. Тој ги обвини Републиканците дека сакаат САД да ја напуштат својата водечка улога во светот.
Апел до Израел
Со оглед на војната на Блискиот Исток, Бајден потврди дека САД планираат привремено пристаниште за испорака на помош во Појасот Газа. Тој ја осуди драматичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, вети дополнителна помош за луѓето таму и го повика израелското раководство подобро да ги заштити цивилите. „Убиени се повеќе од 30.000 Палестинци, од кои повеќето не се поврзани со Хамас“, рече тој. Децата останаа сираци, луѓето ги загубија своите домови и беа раселени. Многумина се без храна, вода и лекови. „Тоа е срцепарателно.“ Бајден итно апелираше до израелското раководство да даде свој придонес за хуманитарната грижа за палестинското цивилно население. „Израел мора да дозволи повеќе испорака на помош во Газа и да обезбеди хуманитарните работници да не бидат фатени во вкрстен оган“, предупреди демократот. „Хуманитарната помош не смее да биде споредна или да се користи како услов за преговарање. Заштитата и спасувањето на невините луѓе мора да имаат приоритет.“
Бајден, исто така, го повтори својот повик за итен шестнеделен прекин на огнот. Американскиот претседател нагласи и дека Израел има право да ја нападне терористичката милиција Хамас како одговор на нивниот брутален напад на 7 октомври. Палестинската организација, класифицирана како терористичка организација од САД и од ЕУ, може „денес да стави крај на овој конфликт“ со ослободување на заложниците киднапирани во Појасот Газа, рече Бајден.
„Нема да раздвојувам семејства“
Што се однесува до внатрешната политика, американскиот претседател јасно стави до знаење дека нема да ја следи политиката на неговиот претходник кога станува збор за важното прашање за миграцијата. „Нема да раздвојувам семејства“, рече тој. Нема да им забрани на луѓето да влезат во земјата поради нивната религија. Само една недела по преземањето на функцијата, Трамп воведе забрана за луѓето од неколку претежно муслимански земји, предизвикувајќи ужас ширум светот. Републиканецот, исто така, нареди семејствата кои дошле илегално во САД да бидат држени во притвор додека трае нивниот процес за азил или статус на имигранти во земјата. „Нема да ги демонизирам имигрантите и да кажам дека тие се отров во крвта на нашата земја“, рече Бајден повикувајќи се на неодамнешната изјава на Трамп.
Повик за одбрана на демократијата
Бајден, исто така, ги повика луѓето да ја бранат демократијата во САД со сите сили. „Заканата за демократијата мора да биде одбиена“, рече тој. „Мојот претходник и некои од вас овде се обидуваат да ја закопаат вистината за 6-ти јануари“, рече тој, мислејќи на Трамп и на упадот во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на Трамп насилно навлегоа во седиштето на американскиот Конгрес во главниот град, Вашингтон. Според Бајден, насилниците кои дојдоа во Вашингтон да го запрат мирниот трансфер на власта и да ја сменат волјата на народот не биле патриоти. Заговорот за поништување на изборниот резултат претставува „најголема закана за демократијата од Американската граѓанска војна“, рече претседателот на САД, додавајќи дека Америка била силна, а демократијата победила. „Мојот живот ме научи да ја прифатам слободата и демократијата“, рече Бајден. Тој, како што истакна, е посветен на иднината „заснована на основните вредности што ја дефинираат Америка: чесност, пристојност, достоинство, еднаквост. Почитување на сите. Давање фер шанса на сите и да не ѝ се даде на омразата безбедно засолниште.
„Некои луѓе на моја возраст гледаат поинаква приказна: американска приказна на огорченост и одмазда. Тоа не сум јас“, рече Бајден.
Како најголема пречка за Бајден во актуелната кампања за претседателските избори важат неговите години, а тој во говорот се осврна и на тоа. „Во текот на мојата кариера, секогаш одново ми кажуваа дека сум премногу млад и премногу стар. Без разлика дали млад или стар, отсекогаш сум знаел што е исправно“, рече тој, додавајќи дека идејата на Америка е дека сите се создадени еднакви и заслужуваат да бидат третирани еднакви во текот на животот. „Никогаш целосно не ја спроведовме оваа идеја, но никогаш не се ни оддалечивме од неа. И јас сега нема да се оддалечам од неа“.
Оптимизам во економската политика
Бајден изрази оптимизам дека луѓето во САД наскоро ќе ги почувствуваат резултатите од неговата економска политика. „Потребно е време, но американскиот народ почнува да го чувствува тоа“, рече тој. „Платите продолжуваат да растат, а инфлацијата продолжува да опаѓа“. Наместо да увезуваат странски производи и да извезуваат американски работни места, САД сега извезуваат американски производи и создаваат американски работни места во земјата, рече Бајден, додавајќи дека неговата цел е средната класа да напредува. Затоа што, ако на средната класа ѝ оди добро, на богатите сè уште ќе им оди многу добро, порача американскиот претседател, велејќи дека е важно синдикатите да станат посилни.