1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Градбите од стратешки интерес не ги ограничуваат правата

31 октомври 2024

Уставниот суд реши да не поведе постапка по две иницијативи- вели дека градбите од стратешки интерес не може да се основа за ограничување на правото граѓаните да побараат судска заштита за одложување на експропријацијата

https://p.dw.com/p/4mQez
Уставниот суд реши да не поведе постапка по две иницијативи
Уставниот суд реши да не поведе постапка по две иницијативиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Неосновано е тврдењето дека терминот „градби од стратешки интерес“ е недефиниран, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до  правна несигурност,  оцени Уставниот суд.

Судот вчера реши да не поведе постапка по две иницијативи - една од Хелсиншкиот комитет, друга од адвокат од Прилеп, кои оспоруваа членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, односно од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на  инфраструктурниот коридор 8  и коридорот 10.

Според Судот неосновано е тврдењето дека со оспорените одредби се повредува уставно-загарантираното право на граѓанинот да бара судска заштита на своите права, бидејќи градбите од стратешки интерес сами по себе не може да претставуват основ за ограничување на правото на граѓаните да побараат судска заштита за одложување на експропријацијата или одземање на владението како едно од овластувањата кои произлегувале од правото на сопственост.

Правна заштита на сопственоста

Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп кој е подносител на едната иницијатива сметал дека исклучокот содржан во член 10 став 4 од Законот, според кој на стратешкиот партнер му се дозволува да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување барање за доделување концесија од страна на инвеститорот, не е во согласност со владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок. Навел конкретен случај каде без физибилити студија за оправданоста на доделување на концесијата на добра од општ интерес, без процена на влијанието врз животната средина, како и  без спроведени други активности неопходни за спроведување на постапката,  се прави штета на локалитетот Ореовец каде граѓаните кои живеат непосредно до ископот, се соочуваат со последици, вклучително и последици за животинскиот и растителниот свет.

Жители на Ореовец летово не дозволуваа камиони на  „Бехтел и Енка“  да пристапат до ископот на ридот во близина, жалејќи се дека дел од куќите претрпеле оштетување од минирањата на ридот: распукале ѕидови на дел од куќите, а оштетувања претрпела и локалната црква. Претходно протестии имаше и кај месноста Црн Камен, а на почетокот на годината протестираа и жителите од Горна и Долна Бањица, кои се противеа на поставување градежна база на нивните ниви од кои им зависи егзистенцијата.

Законот веќе го поминал филтерот на уставноста

Уставниот суд при расправата и одлучувањето утврдил дека веќе има заземено став дека Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел, во предметот во кој претходно бил оспорен Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и Коридорот 10д.

Коридор 8 Северна Македонија
Неосновано е тврдењето дека терминот „градби од стратешки интерес“ е недефиниран, оцени Уставниот суд - Коридор 8Фотографија: Elona Elezi/DW

„Во наведениот закон, кој веќе го има поминато филтерот на уставноста, Законодавецот точно утврдува што е јавен интерес, го издигнал на ниво на стратешка важност и предвидува за кој дел од постојната законска регулатива во целост или делумно нема да се применува за да може да се олесни реализацијата на стратешкиот проект“, соопшти Уставниот суд.

Од Уставниот суд наведуваат дека легитимната цел на Законодавецот претставува реализација и заштита на вредности коишто ги афирмира Уставот. Според член 56 став 1 од Уставот, добрата во општа употреба какви што несомнено се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестиции или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, претставуваат добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според членот 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

„Ваквите уставни вредности се нераскинливо поврзани и меѓусебно условени со цел корпус на економски права кои произлегуваат од Уставот. Општествената оправданост и стратешките интереси произлегуваат од реалната состојба во Републиката во поглед на патната инфраструктура, безбедноста на патиштата, регионалното поврзување, регионалниот развој, регионалното поврзување со паневропски коридори и импликациите односно последиците од таквата состојба во економската реалност во државата. Овие уставни вредности го оправдуваат јавниот, односно стратешкиот интерес на државата“, наведуваат од судот.

Не се повредува правото на сопственост

Согласно претходната уставно-судска практика, Судот вчера оценил дека не се повредува правото на сопственост, бидејќи се предвидува заштита на сопственоста на недвижноста на начин и со закон е обезбеден надоместок на штета, како и судска заштита.

Дополнително при расправата за предметот, Судот утврдил дека веќе има заземено став за т.н. Закон за утврдување на стратешки партнер за Коридорите 8 и 10, согласно кој, Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел.

Коридор 8 Северна Македонија
Експропријацијата на имотите низ кои треба да поминуваат автопатите од Коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ е во текФотографија: Elona Elezi/DW

„Судот во тој предмет утврди дека законот во целост е во согласност со уставните одредби, односно го имал предвид фактот дека кога станува збор за предмети од стратешка важност кои се утврдени со закон, дел од постојната регулатива во целост или делумно нема да се применува за да се олесни реализацијата на стратешкиот проект, што значи Законодавецот има право и овластување со законски измени во повеќе закони да воспостави нов правен режим за такви проекти чија стратешка важност и јавен интерес е претходно утврден во законскиот интерес за градби“, се вели во соопштението..

Повисоки плати или застој во експропријацијата

И покрај почетните проблеми, експропријацијата на имотите низ кои треба да поминуваат автопатите од Коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ е во тек.

„Досега половина од постапките се завршени, а останати се околу 2.400 предмети“, рече пред три дена директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.

„До Нова Година ќе ја завршиме ескпропријацијата целосно, а тоа ќе овозможи „Бехтел и Енка“ да работи непречено. За еден месец, расчистивме и два километри траса од дрвна маса, кој не била ни отпочната. Важно е дека работиме како тим и посветено за да се заврши овој проект“, порача Трајановски.

Но, оние кои го понесоа товарот на интензивно работење на тие постапки - вработените во Државното правобранителство, вчера протестираа во Гостивар, незадоволни од висината на платите, во висина од околу 28.000 денари.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски на прес-конференција изјави дека доколку не им се покачат платите ќе стапат во штрајк на 11-ти ноември, а тоа ќе значи и застој во решавањето на предметите поврзани со експропријацијата на парцели низ кои минуваат трасите за автопатските делници. Протестите ќе траат по два часа во текот на денот, а нивна цел е да се прифати барањето за исплата на додаток на плата во висина од 30% од платата.