Со тужби против загаден воздух
8 октомври 2024Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните. Ова е ставот на Врховниот суд кој утврди начелен став со кој се отвораат вратите за граѓаните да можат да ја тужат државата поради загаден воздух. Тие во иднина ќе можат да покренат постапка пред Управен суд, поради енормно загадениот воздух. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во земјата секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани. Од 10 родени деца во земјата, едно починува поради загаден воздух.
Иницијатива од Охрид
Одлуката е донесена по иницијативата на Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, за утврдување начелен став и правно мислење, за тоа колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Ваквата иницијатива следи откако двајца македонски граѓани поднесoa тужби до Управниот суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита. за разлика од порано, Управниот суд во иднина ќе треба да се произнесе за ваквите тужби.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, вели дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право и непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓaните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.
„Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, вели Адеми.
Аргументи на експертите
Професорот Борче Давитковски, во својство на експерт, вели дека секој може да бара заштита и судот треба да носи одлуки со кои ќе ги натера надлежните органи да постапуваат согласно Законот за амбиентален воздух.
„Ова не е јавна тужба, ова е тужба за заштита на своето право. Не дај Боже ако на некој му е повредено правото и почине, после кој ќе го брани, фамилијата ли ќе го брани? Значи секој може да бара заштита и Судот треба тоа да го земе. Доколку јавните органи не ги презеле своите надлежности, согласно Законот за амбиенталниот воздух, треба Судот да носи пресуди со цел да им укажува на носителите дека судската власт е голем коректив на извршната власт. Судот и превентивно ќе дејствува со цел да ги натера надлежните органи, Градот Скопје, општините дека некој води грижа за граѓаните на оваа земја и дека треба да ги стават на столбот на срамот јавните органи коишто не постапиле согласни надлежностите“, вели Давитковски.
Тој посочи дека според податоците на Институтот за јавно здравје, во земјата секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани.
„Ако ги земете изминативе 32 години од кога постоиме, тоа значи дека ние сме изгубиле една десетина од населението само од загаден воздух и никој не одговара и никој не реагира. Втора информација која излезе деновиве е дека од 10 родени деца, едно починува поради загаден воздух во државата“, вели Давитковски.
Станува збор за податок којшто го објави УНИЦЕФ. Според оваа агенција, „секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“.
Повредување на правата
Судијката д-р Мирјана Лазарова Трајковска подвлече дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку може многу поголеми повреди да бидат извршени со не чинење. Во оваа насока, судијата Лазарова Трајковска потенцираше дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита подразбира и право на пристап до суд.
Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43: „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), лошиот квалитет на воздухот предизвикува повеќе од 300.000 предвремени смртни случаи во Европа, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.
Според проценките на ЕЕА, во 2019 година во Северна Македонија 3.400 луѓе починале како резултат на загаденост на воздухот со ПМ2,5 честички; 120 луѓе како резултат на загадување со азотен диоксид; и 90 поради загаденост на воздухот со озон. Доколку земјата почне да ги спроведува новите препораки на Светската здравствена организација за ограничување на аеро-загадувањето со ПМ2,5 честички на ниво на 5 микрограми на кубен метар во текот на годината, проценката е дека би биле спасени 2.500 прерано загубени животи.