Гутереш: Блискиот Исток на „работ на бездна“
16 октомври 2023Со оглед на тоа што на Блискиот Исток е на, како што рече, „работ на бездна“, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на итно ослободување на заложниците киднапирани од исламистичкиот Хамас и брз хуманитарен пристап до Појасот Газа. „Секоја од овие две цели е легитимна“, рече Гутереш. „Тие не треба да станат преговарачки инструменти и мора да се спроведат бидејќи тоа е правилна работа.“ Појасот Газа „остана без вода, струја и други основни добра“, објасни Гутереш. ОН имаат залихи на храна, вода, медицински материјали и гориво во Египет, Јордан, Западниот Брег и во Израел кои можат да се испратат „во рок од неколку часа“. Меѓутоа, персоналот на ОН мора да биде „во можност“ да ги донесе овие залихи во Појасот Газа безбедно и без попречување, и да ги дистрибуира низ палестинската територија.
И СЗО апелира до двете страни
Слична изјава даде и шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус. СЗО го повикува Хамас да ги „ослободи цивилните заложници“, рече Тедрос, се наведува во соопштението. Покрај тоа, СЗО „продолжува да го повикува Израел да се придржува до своите обврски според меѓународното право за заштита на цивилното население и здравствените установи“. Шефот на СЗО ги опиша нападите на Хамас како „неоправдани и ужасни“. Тие се „варварски и треба да се осудат.“ Истовремено, тој рече дека многу загрижен поради израелските напади врз палестинските цивили.
Тедрос исто така, стравува дека „повикот до 1,1 милион луѓе да се евакуираат од северот кон југот на Појасот Газа во толку краток временски рок ќе доведе до хуманитарна трагедија“. Според израелската војска, повеќе од 600.000 жители на Појасот Газа веќе тргнале на југ.