Гувернер: Нема преживеани по падот на рускиот воен авион
24 јануари 2024Рускиот борбен авион кој се урна во пограничниот регион Белгород превезувал 65 украински заробеници, се вели од руски извори. Гувернерот Вјачеслав Гладков на онлајн платформата Телеграм соопшти дека нема преживеани. „Сите лица во авионот се мртви“, објави Гладков. Според наводи на руското Министерство за одбрана, покрај украинските заробеници, во авионот од типот Иљушин имало и шестмина членови на екипажот, како и тројца придружници на заробениците.
Гувернерот Гладков изјави дека авионот паднал во општина Корочански и дека спасувачите и иследниците се веќе на лице место. Според повеќе руски медиуми, авионот се урнал во близина на местото Јаблоново, на 45 километри од украинската граница.
Москва: Киев знаел за транспортот на воени заробеници
Москва упатува сериозни обвинувања против владата во Киев. „Украинското раководство многу добро знаеше за планираната размена на заробеници и беше информирано за тоа како ќе бидат транспортирани заробениците“, изјави шефот на Комисијата за одбрана на руската Дума, Андреј Картаполов. Притоа, тој не дава никаков доказ за да ја поддржи својата изјава. Картаполов понатаму тврди дека авионот бил соборен со американски или германски противвоздушни ракети. Според него, 65 воени заробеници во авионот оделе на планирана размена. Друг авион од типот Ил-76 со уште 80 затвореници се вратил назад откако бил соборен авионот, вели Картаполов, додавајќи дека вкупно требало да има размена на 192 Украинци за 192 руски заробеници.
Украина досега не се изјаснила околу наводните воени заробеници во авионот. Според Картаполов, воениот авион бил соборен со три противвоздушни ракети - или од американскиот систем Патриот или од германскиот систем Ирис-Т. Тврдењето засега не може да биде потврдено од назависни извори.