1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Пожарот во Севастопол е резултат на напад со дрон?

ЕМФ | агенции
29 април 2023

Во градот Севастопол, на полуостровот Крим, се запали резервоар за гориво. Гувернерот поставен од Москва вели дека пожарот е предизвикан од напад со дрон.

https://p.dw.com/p/4QhyA
Пожар во резервоар за гориво во Севастопол, на Крим
Пожар во резервоар за гориво во Севастопол, на КримФотографија: Sevastopol Governor Mikhail Razvozhaev telegram channel/AP/dpa/picture alliance

Гувернерот на Севастопол, Михаил Расвошајев, кој е поставен од страна на Москва, соопшти дека денеска (29.04), по напад со дрон, се запалил резервоар за гориво. Гувернерот на пристанишниот град на полуосторовот Крим на Телеграм напиша дека „според првичните информации пожарот е предизвикан од напад со дрон“ и дека површината на пожарот е „околу 1000 квадратни метри“.

Површината на пожарот е „околу 1000 квадратни метри“, наведе гувернерот на Севастопол
Површината на пожарот е „околу 1000 квадратни метри“, наведе гувернерот на СевастополФотографија: Viktoriya Sukonnikova/Karina Sapunova/TASS/dpa/picture alliance

Гувернерот го повика населението на смиреност и подоцна соопшти дека „никој не е повреден“. Ситуацијата, според него, е ставена под контрола и не постои опасност за цивилната инфраструктура.

Расвошајев на Телеграм напиша и дека пожарот нема да влијае на „снабдувањето со гориво на Севастопол“, затоа што „овие резерви не се користеле за снабдување на бензинските пумпи“. Ваквата изјава на гувернерот упатува на тоа дека станува збор за резервоар за гориво за воени цели.

Севастопол на Крим е седиште на руската Црноморска флота. Стратешки важниот пристанишен град од почетокот на руската инвазија на Украина е повеќепати напаѓан со дронови.