1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСеверна Кореја

Хакери од Северна Кореја украле преку една милијарда долари

ЖА /АРД
7 февруари 2023

Северна Кореја ја финансира својата нуклеарна програма преку организиран сајбер криминал, соопштија ОН. Во изминатите шест години хакерите украле 1,2 милијарди долари.

https://p.dw.com/p/4NBdz
Северна Кореја организира хакерски напади
Северна Кореја организира хакерски напади Фотографија: Jochen Tack/IMAGO

Северна Кореја постојано тестира оружени системи, нуклеарното оружје би требало да и` послужи како средство за заплашување на Западот. Ланската година беше во знакот на лансирања на различни ракети под водство на Ким Јонг Ун. Интерен извештај на ОН сега покажува како се финансира тој потфат – имено, низ хакерски пљачкашки походи и сајбер напади.

Ова покажува „дека 2022 година во Северна Кореја била рекордна за кражба на виртуелен имот“, се тврди во доверлив експертски извештај на ОН во кој имала увид германската новинска агенција ДПА. Се проценува дека владините хакери во изминатите шест години украле до 1,2 милијарди долари. Парите кои често анонимно се вложувани во криптовалути, земјата која се наоѓа под меѓународни санкции ги користи за финансирање на својата нуклеарна и ракетна програма.

Балоните кои го разбеснуваат Ким

Северна Кореја ја забрзува програмата за нуклеарно вооружување

Во меѓувреме, експерти од ОН гледаат значајно забрзување на програмата на Пјонгјанг за нуклеарно вооружување. Залихите на збогатен ураниум би требало да се зголемат, се вели во извештајот. На почетокот на годинава Ким најави зголемување на нуклеарниот арсенал и на ударната сила на својата земја, што ќе придонесе за заострување на тензиите на Корејскиот полуостров.

ОН лани известија дека Северна Кореја уште од 2017 година се подготвува за изведување на својата прва нуклеарна проба. Неодамна се продолжени градежните работи во подземната постројка за атомски проби, Пунги-ри во северниот дел од земјата. Извештаите на ОН сведочат за испалени најмалку 73 балистички ракети во 2022 година, од кои42 во последните четири месеци, со што Пјонгјанг ги крши резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Хакерите постапуваат паметно

Вината за сајбер нападите од Северна Кореја се гледа првенствено во државната хакерска група Лазарус и нејзините подгрупи. ОН регистрирале се` пософистицирани напади на уценувачки софтвери и хакови усмерени на пазарот на криптовалути. Во т.н. рансомвер напади, напаѓачите продираат во системите, ја преземаат контролата и вршат заклучување. Податоците се обично шифрирани и повторно достапни дури откако жртвата ќе плати откуп.

Една од користените измами од страна на хакерите е заразување на одредена организација активна во крипто бизнисот со малвер (штетен софтвер) заради пресретнување на трансферот на пари. „Покрај тоа, хакерската група како дел од кампањата регистрира лажни домени кои имитираат познати банки и компании на ризичен капитал“, се наведува во извештајот.

Северна Кореја исто така се обидува да украде НФТ („Non-Fungible Tokens") по пат на т.н. фишинг напади (мрежна кражба на идентитети). НФТ се посебна дигитална имотна вредност, се користат и за идентификација на оригиналноста на дигитализирана содржина како уметност или музички дела. Вредноста на поединечни НТФ понекогаш се мери со милиони долари.

Северна Кореја се потпира на застрашување

Со ракетните тестовии својата нуклеарна програма Ким Јонг Ун сака да го зголеми притисокот врз светската заедница заради укинување на санкциите против неговата земја. Истовремено, дипломатските односи со САДсе прекинати по неуспешниот втор самит на Ким со бившиот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година.

САД во мај ланската година не успеаја во Советот за безбедност на ОН да протуркаат резолуција за построги санкции кон Пјонгјанг поради ветото ставено од Кина и од Русија.