Хамас го нападна Израел: Прогласена воена состојба
7 октомври 2023Палестинските екстремисти од Појасот Газа денеска влегоа во јужниот и во централниот дел на Израел и истрелаа илјадници ракети кон земјата, откако екстремистичкиот Хамас, кој владее со Појасот Газа, најави почеток на нова воена операција. Бројот на жртви во изнанедувачкиот напад постојано се зголемија. Израелските итни служби потврдија дека досега загинале најмалку 22 лица.
Министерството за здравство на Израел пак соопшти дека во нападот се повредени 545 Израелци.
Ова може да биде почеток на нов голем конфликт меѓу Израел и милитантната палестинска група Хамас.
Лидерот на военото крило на Хамас, Мухамед Диеф, го најави почетокот на „Операцијата бура Ал Акса“.
„Што е доста, доста е“, рече тој во претходно снимената порака и ги повика Палестинците да се приклучат во борбата. Тој додаде дека над 5.000 ракети биле истрелани кон Израел.
Еден од лидерите на екстремистичката група Хамас, Салех Аури, кој живее во егзил, рече дека операцијата е одговор „на злосторствата на окупаторите“ и дека борците ја бранат џамијата Ал Акса во Ерусалим и илјадници палестински затвореници во Израел.
Припадници на Хамас во меѓувреме објавија видео на интернет во кое наводно се прикажани тројва Израелци кои биле земени како заложници за време на нападот и пренесени во Појасот газа.
Во првата јавна изјава израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за денешниот напад на исламскиот екстремистички Хамас, изјави дека земјата е во војна.
„Граѓани на Израел, ние сме во војна. И ќе победиме“, рече Нетанјаху пет часа по почетокот на нападот на членовите на Хамас, кој владее со Газа.
Тој се закани дека „непријателот ќе ја плати цената“ како никогаш досега.
Израелската војска, исто така, потврди дека земјата е во војна, како што изјави воениот портпарол Даниел Хагари.
„ИДФ (Израелските одбранбени сили) прогласија воена состојба. Ние сме во состојба на војна“, соопшти Хагари во живо и повтори дека биле истрелани повеќе од 2.000 ракети, дека „терористите се уфрлиле“ и оти некои сѐ уште се во Израел. Покрај тоа, тој порача дека Хамас „ќе се соочи со последиците и одговорноста“.
Во меѓувреме, израелската војска објави снимка од воздушни напади врз цели на Хамас во Појасот Газа во рамките на акцијата „Железен меч“ итно покрената како одмазда за масовниот утрински напад врз Израел.
Досега борбени авиони истрелале повеќе од 16 тони муниција, пренесуваат израелските медиуми.
Неколку баталјони на редовната армија се распоредени на границата на Појасот Газа додека војниците се борат со припадниците на Хамас кои сѐ уште се на израелска територија.