1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Херсон повторно под украинска контрола

СН/агенции
11 ноември 2022

По неколкумесечна окупација, руската војска го напушти стратешки важниот град. Населението на Херсон со радост ги поздрави украинските војници кои влегоа во градот.

https://p.dw.com/p/4JPMv
Славје на улиците и ентузијастички пречек на украинските војници во Херсон
Славје на улиците и ентузијастички пречек на украинските војници во ХерсонФотографија: Cover-Images/IMAGO

По повлекувањето на руските војници од јужниот украински град Херсон, жителите кои останаа во градот славеа со веење украински знамиња и автомобилски сирени. На видео снимки од Херсон објавени денеска може да се види дека сино-жолтото знаме на Украина повторно е поставено на врвот на зградата на локалната администрација. Украинските војници што навлегоа во градот беа ентузијастички дочекани со прегратки и аплаузи од толпата.

„Керсон се враќа под контрола на Украина“, соопшти Министерството за одбрана во Киев, повикувајќи ги преостанатите руски војници „веднаш да се предадат“. Патиштата за повлекување на „руските напаѓачи“ се под оган од украинската армија, се вели во соопштението. „Секој руски војник кој ќе даде отпор ќе биде елиминиран. Сепак, оние кои ќе се предадат ќе останат живи, соопшти Министерството.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го нарече повлекувањето на Русија од Херсон „уште една важна победа“ за Украина.  Последните случувања докажаа: „Што ѝ да каже или направи Русија - Украина ќе победи“, напиша Кулеба на социјалните мрежи.

Русија објави целосно повлекување од Херсон

Според руската армија, таа го завршила повлекувањето од северот на украинската област Херсон. Во 5:00 часот (04:00 часот по средноевропско време) „префрлањето на руските војници на левиот или источниот брег на реката Днепар заврши“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана во Москва објавено во онлајн сервисите. „Ниту едно парче воена опрема и оружје“ не е оставено на другата страна на реката, се вели во соопштението.

Украински знамиња насекаде во Херсон по повлекувањето на руските сили
Украински знамиња насекаде во Херсон по повлекувањето на руските силиФотографија: REUTERS

Во средата, Русија најави повлекување на војниците од  Херсон, бидејќи снабдувањето на  сопствените војници станало невозможно, на пример поради мостовите кои повеќе не се употребливи. Оттогаш, украинските вооружени сили јавуваат за постепен напредок во регионот. и ослободување на неколку градови во регионот. По неуспехот на напредувањето кон Киев и повлекувањето кај Харков, ова се смета за уште еден воен пораз за Русија.

Херсон беше првиот голем урбан центар што руските сили го освоија по нападот врз Украина на 24 февруари, кој Москва го нарече „специјална воена операција“. Тоа беше и единствениот регионален главен град под руска контрола во Украина.