Бугарија доби вето за влез во Шенген зоната на ЕУ
8 декември 2022Шенген зоната на ЕУ ќе се прошири за првпат по 10 години, а новата земја-членка е Хрватска која последна влезе во Унијата во 2013 година.
„Министрите го одобрија влезот на Хрватска од 1 јануари 2023 година“, твитна чешкото претседателство со ЕУ.
Другите две земји- кандидати, Бугарија и Романија, како што беше и најавувано, беа блокирани од страна на Австрија и други членки на ЕУ, кои сметаат дека двете источно-европски земји не се подготвени за влез во зоната без граници на ЕУ.
Шенген зоната е најголемата светска зона за слободно патување. Ја сочинуваат 26 земји, од нив 22 членки на ЕУ, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Околу 1,7 милиони луѓе живеат во една Шенген држава а работат во друга. Околу 3,5 милиони луѓе ги минуваат внатрешните граници секојдневно.
За влез во Шенген зоната потребна е едногласна одлука на сите членки на ЕУ.
Европската комесарка за внатрешни работи, Илва Јохансон изјави дека е разочарана од блокадата на Бугарија и Романија и рече дека очекува тие да станат членки во следните две години.
„Што се однесува до Романија и Бугарија ние не сме единствени и тоа не прави слаби, а мене ме прави тажна“, изјави Јохансон.
Нови поделби во ЕУ?
Минатиот месец Европската комисија препорача сите три земји да станат членки на зоната. Истата препорака подоцна дојде и од Европскиот парламент.
Австрија беше најгласна во противењето за Бугарија и Романија, а нејзиниот министер за внатрешни работи Герхард Карнер најави вето на состанокот во Брисел. Австриските власти се загрижени дека укинувањето на границите би можело да ги претвори Бугарија и Романија во сообраќајници за баратели на азил.
- Хрватска и Шенген: долга граница, проблематични соседи
Слични забелешки доаѓаат и од Шведска и Холандија. Холандскиот премиер Марк Руте предизвика бура минатата недела кога алудираше дека бугарските граничари се поткупливи. И Унгарија најавуваше блокада на одлуката, на линија со политиката на премиерот Виктор Орбан да ги блокира сите одлуки на ЕУ поради запирањето на фондовите за неговата земја.
Аналитичарите предупредуваа дека одбивањето на трите земји да станат дел од Шенген би можело да предизвика поделби во ЕУ во време кога единството и безбедноста се клучни поради руската воена агресија врз Украина.