1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Хуманитарната ситуација во Газа се` покритична

ЖА / агенции
13 ноември 2023

СЗО се жали на ситуацијата во болницата Ал-Шифа во Појасот Газа, во која уште се наоѓаат повеќе од 2.000 луѓе. Според Израел, Хамас има командна централа под клиниката.

https://p.dw.com/p/4YkfF
Болницата Ал-Шифа во Појасот Газа
Болницата Ал-Шифа во Појасот ГазаФотографија: Khader Al Zanoun/AFP

Светската здравствена организација повторно се пожали поради „ужасните услови“ во најголемата болница во Појасот Газа, со кој владее терористичката организација Хамас. Во  болницата Ал-Шифа се наоѓаат повеќе од 2.000 луѓе, вклучувајќи, според претпоставките, преку 600 пациенти, напиша СЗО на платформата Х, поранешен Твитер, повикувајќи се на информации на палестинското Министерство за здравство, кое е подредено на Хамас. Поради  борбите во непосредна близина  и недостиг од гориво, речиси не е можно здравствено згрижување, тврди СЗО.

Според тие наводи, пациенти веќе не можат да добијат дијализа, а предвремено родени бебиња се пренесени од инкубаторите во операциони сали, при што умреле две бебиња и десет други пациенти. Информациите кои ги објави бирото на ОН за итна помош, ОЦХА, се базираат и на податоци од палестинското Министерство за здравство во Западниот Брег и не можат да бидат независно проверени.

Израел негира напад и опколување на болницата

Израел го обвинува радикално исламистичкиот Хамас  дека има командна централа под болницата, но ги демантира информациите за напади врз клиниката. „Во изминатите часови се проширени лажни вести за опколување на болницата Ал-Шифа и напад врз неа, тоа не е точно“, изјави армискиот портпарол Даниел Хагари на викендот, потврдувајќи единствено борби во близина на болницата. Освен тоа, израелската армија е во редовен контакт со болничкиот персонал, изјави Хагари.

За британски Би-Би-Си раководен лекар од болницата негираше присуство на Хамас во неа. „Тоа е огромна лага. Имаме медицински персонал, пациенти и бегалци, ништо друго“, тврди шефот на Хируршкото одделение Марван Абу Саада.

Повремен прекин на контакт со болницата

Според шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус, неговата организација привремено загубила контакт со нејзините соговорници во болницата, но во меѓувреме тој е повторно воспоставен, но „за жал, болницата веќе не ја извршува својата функција, веќе три дена меѓу другото нема струја и вода“, напиша тој на платформата Х.

На ова претходеа драматични предупредувања од страна на организацијата Лекари без граници – доколку борбите не престанат- или барем пациентите не бидат евакуирани, „болниците ќе се претворат во мртовечници.“ Бирото на ОН за координирање на хуманитарните акции, ОЦХА, објави дека 20 од 36 болници во Појасот Газа веќе се надвор од функција.

Најголемата болница во Појасот Газа, Ал-Шифа
Светската здравствена организација повторно се пожали поради „ужасните услови“ во најголемата болница во Појасот Газа, Ал-ШифаФотографија: Maxar Technologies/Handout/REUTERS

Противречни изјави за снабдување со гориво

На викендот од Хамас контролираното палестинско Министерство за здравство соопшти дека причина за прекин на работата на болницата Ал-Шифа е тоа што нема веќе гориво за генераторите за струја.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, без да наведе детали, тврдеше дека Израел понудил испорака на гориво за болницата, но Хамас тоа го одбил. Претходно Израел забрануваше испорака на гориво во Појасот Газа со аргумент дека Хамас ќе го користи за воени цели. Соопштението на израелското Министерство за надворешни работи според кое Хамас ја спречил болницата да користи 300 литри гориво кои израелските војници ги депонирале покрај болницата, нејзиниот раководител Мохамед Абу Саламиа го означи за „лага и клевета“. Тој не ги демантираше наводите за депонирани буриња со гориво, но укажа дека количината би била доволна само за петнаесет минути работа на болничките генератори. Освен тоа, кај болничките тимови постоел страв да бидат убиени ако ја напуштат болничката зграда. Ако Израел навистина сака да испорача гориво, тоа би го сторил во соработка со Црвениот крст или други меѓународни организации, истакна тој.

6.000 пациенти треба да бидат пренесени на безбедно место

Палестинската Црвена полумесечина укажува на нужноста од евакуација на друга болница во Појасот Газа, Ал-Кудс, која престана со работа во неделата поради недостиг од гориво за генераторите.

Израелските војници се стационирани во нејзина близина, а околу 6.000 пациенти, медицински персонал и засолнети бегалци треба да бидат евакуирани и пренесени на безбедно место, велат од Црвената полумесечина.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа во неделата соопшти дека САД упатиле повик до Израел да избегнува борби во близина на болници во Појасот Газа. „САД се против битки во болници каде невини луѓе и пациенти можат да се најдат меѓу фронтовите“, изјави Џејк Саливен за Си-Би-Ес.