1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Илон Маск го купи Твитер и ги отпушти шефовите

ЖА / Тагесшау
28 октомври 2022

Милијардерот Илон Маск сепак го купи Твитер, цената е 44 милијарди долари. Прво што направи Маск – им даде отказ на водечките менаџери, јавуваат американските медиуми

https://p.dw.com/p/4InOV
Илон Маск го презема Твитер
Илон Маск го презема ТвитерФотографија: DADO RUVIC/REUTERS

Според извештаите на повеќе американски медиуми, милијардерот Илон Маск по низата турбуленции сепак го купил Твитер, за цена од 44 милијарди американски долари. Официјалната потврда за зделката би требало да стигне по отворањето на њујоршката Вол стрит берза.

На својот сопствен Твитер-профил, Маск само индиректно го потврди купувањето. „Птицата е ослободена“, напиша тој.

Се чини дека раководството е отпуштено

Маск им дал отказ на повеќе водечки менаџери, меѓу нив и на досегашниот шеф во Твитер, Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефицата на правната служба, Виџаја Гаде, како што известува весникот „Вашингтон пост“. Најмалку еден од менаџерите е спроведен надвор од централата на фирмата, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на добро информирани личности.

Според „Блумберг“, Маск има намера првично самиот да го преземе кормилото на Твитер, но долгорочно, водечката функција би можел да му ја довери на некој друг. Маск, меѓу другото е на чело на производителот на автомобили „Тесла“ и на неговата  вселенска компанија „Спејс- икс“. Тој исто така води помали проекти, како што се компанијата за изградба на тунели  „Боринг компани" и истражувачката  компанија „Неуралинк", која развива технологија за директно поврзување на луѓето и компјутерите.

Денеска попладне по локално време истекува судскиот рок во кој купувањето мора да биде завршено. Доколку се пробие рокот, зделката која со месеци бележеше натегања и беше спорна, би се нашла на суд.

Избегнат правен спор

Илон Маск во април изјави дека сака да го купи Твитер за 44 милијарди долари. Но,  во јули се откажа,  тврдејќи дека Твитер погрешно го информирал за бројот на спем и лажни профили на мрежата. Компанијата ги отфрли обвинувањата и се обрати до суд  за да го принуди Маск да го заврши купувањето. На почетокот на октомври, Маск најави дека сепак сака да го купи Твитер согласно на првобитниот план. Судењето, кое веќе беше планирано, е одложено, но судијата како услов постави рок до кој Твитер и Маск треба да постигнат договор.

Огромно кратење на работни места или не?

Американските медиуми јавуваат дека Маск денеска планира во голем стил да им се претстави на вработените на Твитер. За него тоа не би бил лесен настап, по месеци јавно критикување на компанијата и нејзината управа. Неодамнешните извештаи за голем бран отпуштања и гаснење работни места исто така предизвикаа несигурност меѓу вработените. Се наведува и дека Маск ја отфрлил информацијата според која оваа недела планирал отпуштање на три четвртини од вработените во главното седиште на компанијата.

Илон Маск и биткоинот - „љубовна афера“ од интерес?

Маск во повеќе наврати најави големи промени на Твитер, на пример, конверзија во мултинационална апликација. Како урнек би можела да му послужи апликацијата WeChat, доста популарна во Азија. Тоа е комбинација од социјална мрежа и мобилна апликација, со која можат да се плаќаат сметки, да се играат игрички, да се пренесуваат податоци и слично. Во отворено писмо до огласувачите на Твитер (оние кои огласуваат и плаќаат реклами на Твитер), Маск опишал што планира да направи. Платформата Твитер мора да биде топла, пријатна и посакувана за сите. Не смее да стане место на ужас, каде може сѐ да се каже – без последици. Критичарите меѓутоа стравуваат дека под Маск говорот на омраза и дезинформациите можат да се зголемат.

Смее ли Трамп повторно да твита?

Едно од најважните прашања: дали на бившиот американски претседател Доналд Трамп ќе му биде вратен Твитер-прифилот кој му беше одземен? Кога тоа се случи, тој имаше околу 90 милиони следачи, а само мал дел од нив го следат на неговата сопствена платформа Truth Social. Одлуката за блокирање на пристапот на Трамп на Твитер, Илон Маск ја нарече „погрешна и глупава“.