Има ли црна листа на бугарски граѓани во Македонија?
18 мај 2023Има ли „црна листа“ на бугарски граѓани во Македонија? Оваа дилема ја наметнуваат дел од бугарските пратеници и медиумите во Софија, откако му беше забранет влезот на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во Северна Македонија на 6 мај 2023 година. Ковачев сакаше да учествува на панихидата на бугарските воени гробишта во Ново Село, кај Струмица. Бугарската социјалистичка партија (БСП) и бугарските медиуми со прстот посочија кон македонскиот претседател Стево Пендаровски, наведувајќи дека „го одобрил составувањето на црните списоци за бугарските граѓани и политичари“.
Македонскиот претседател на дискусија организирана од белградскиот Центар за безбедносна политика на тема „Руска агресија против Украина: нов импулс за проширување на ЕУ“ во средата (17 мај) порачал дека доколку европратениците сакаат да дојдат во Република Северна Македонија како дел од делегација на ЕП, тие се добредојдени, но во лично својство, без разлика кои се нивните мотиви, постои можност да им биде забранет влез во земјата.
Осврнувајќи се на седницата на Советот за национална безбедност одржана на почетокот на годината, пред одбележувањето на годишнината за смртта на Гоце Делчев, на која се очекуваше да пристигнат луѓе од Бугарија, тој потсетил дека од безбедносните служби имале информации дека постои можност за провокации и лица кои не треба да се пропуштаат во земјава. „Имавме сеопфатни информации. На некои луѓе не им беше дозволен влез во земјата. Оценуваме која личност, во која прилика, не треба да биде примена. Вакви лица кои покажуваат иредентистички ставови кон нашата држава нема да бидат примени. Не можете да се криете зад вашиот формален статус“, посочал Пендаровски според БТА.
Пораките на Пендаровски
Станува збор за седница на Советот за безбедност, која што се одржа на 23 јануари во Вилата Водно. Претседателот Стево Пендаровски по средбата предложи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата во Северна Македонија. Освен Џамбаски, како што беше најавено, на листата на непожелни личности на кои би им бил забранет влезот во земјата би можеле да се најдат и други бугарски државјани, за кои постојат сомневања дека се поврзани со руската разузнавачка служба. Ваквиот чекор беше преземен во пресрет на најавите дека организирана група од Бугарија на 4 февруари ќе дојде во земјата за да присуствува на одбележувањето на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Темата околу листата на „непожелни гости“ повторно се отвора откако Андреј Џамбаски деновиве не допатува во Скопје во својство на европратеник, иако беше најавено дека ќе биде дел од Мешовитиот комитет што заседаваше во Скопје.
Барања кои немаат допирна точка со ЕУ
Претседателот Пендаровски на форумот во Скопје се осврна и на билатералниот спор со Бугарија, како пречка во македонските интеграции кон ЕУ. Тој изјави дека пред две и пол години Бугарија почна да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ критериумите.
„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“, рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека таков дијалог не прилега од страна на земја-членка на ЕУ.
Изјавата на Пендаровски е дадена на форум на кој присуствуваше и Весела Чернева, поранешна советничка на бугарскиот премиер, Кирил Петков. БГНЕС, известувајќи за форумот, наведува дека Пендаровски го одобрил создавањето на „црни списоци“ за бугарските граѓани и политичари.
„Не можете да се криете зад вашиот став и истовремено да браните позиции кои ја нарушуваат јавната безбедност во Македонија. Лицата кои имаат територијални претензии нема да влезат во Македонија“, пишуваат бугарските медиуми, повикувајќи се на изјави на Пендаровски.
И лидерката на БСП, Корнелија Нинова, денеска посочи дека „Пендаровски го одобрил составувањето на црните списоци за бугарските граѓани и политичари“. „Имаше многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Република Северна Македонија. Времето потврди дека ние од „БСП за Бугарија“ бевме во право кога со нашите гласови не го поддржавме влезот на РСМ во Европската Унија, но тоа не е доволно“, истакна Корнелија Нинова, коментирајќи ја изјавата на Пендаровски дека се одлучува кое лице, во која прилика не смее да биде дозволено во Северна Македонија, вклучително и на некои европратеници.