Заканите на Трамп дека ќе го врати Панамскиот канал под контрола на САД или неговото инсистирање Америка да го купи Гренланд, можеби само наликуваат на помпезниот медиумски имиџ и пристап на новиот американски претседател, но во суштина, настапот на Трамп е мотивиран од сериозни геополитички интереси.
Во првиот случај целта е да се избегне други странски земји, почнувајќи од Кина, да воспостават контрола над еден од најважните поморски теснеци и трговски патишта, додека вториот случај се однесува на Русија и на неизбежната трка за освојување на Арктикот. Америка е современата империјална таласократија, како и доминаторот на морињата Англија пред неа, и таа ги контролира и гарантира поморските патишта и особено поморските теснеци, кои ги има преку 200 на планетава. Оттука, Трамп и Америка одлично знаат дека тој којшто го контролира морето или океаните, фактички го контролира копното. Контрола која Америка нема намера да ја изгуби.
Но, поголемата порака на Трамп кој за помалку од месец дена ќе биде инаугуриран како претседател е насочена од самиот старт кон атак врз глобалните интереси на Кина и на Русија. Па така, Трамп веднаш им порачува на своите стратешки ривали кои сериозно напреднаа во последните 25 години, дека Америка под него ќе има сосема поинаков пристап од порано кога станува збор за стратешката рамнотежа, особено во поглед на економијата и на трговијата.
Што се однесува до Панамскиот канал најочигледниот мотив за реакцијата на Трамп е дека Американците го имаат изградено, дека згрешиле што и го вратиле на Панама и сега се приморани скапо да плаќаат за негово преминување. САД ја заменија Франција во 1904-та година во намерата да го спојат Атлантскиот со Тихиот океан, завршувајќи ги во 1914-та 82 километри од каналот. Во 1977 година, Картер преговараше за враќање на каналот на Панама, нешто што ќе се случи во 1999 година, под услов американците и понатаму да можат да го користат по разумна и исплатлива цена. Но, како последица на климатските промени кои допринесоа за рекордна суша во Централна Америка, што само го направи каналот потежок за управување, процентот на бродови кои го користат за премин се намали за 29 проценти.
Како последица на тоа, за и понатаму да биде функционален одговорните за инфраструктурата ги зголемија цените и до 300 илјади долари за поголемите теретни бродови, со можност за премин преку ред за цена од 4 милиони долари. Тоа го збесна Трамп затоа што дури 80% од сообраќајот е наменет за американски бродови, кои сега се приморани да плаќаат далеку повисоки суми.
Геополитички проблем
Но, како што рековме, проблемот е и геополитички. Пекинг стана вториот најголем клиент на Панамскиот канал и веќе презема сериозни инфраструктурни инвестиции во Панама и во Хондурас, каде веќе успеа и да издејствува повлекување на признавањето на Тајван. Воедно, Кина е сопственик на две од петте најголеми пристаништа на обата краја од каналот и веќе гради мост во вредност од милијарда долари кој што би поминувал преку каналот, што само говори за зголеменото влијание на Пекинг во дворот на САД. Следната логична цел на Кина би била целосно да го откупи управувањето со каналот, имајќи предвид дека проектот за алтернативен морски пат во Никарагва им пропадна. Оттука јасно е дека Трамп сака да влијае на кинеските странски инвестиции во овој дел од светот и да го нападне „made in China”, со цел да ја поврати глобалната трговска рамнотежа во сопствена корист.
Што се однесува до Гренланд, кој беше тема уште за време на првиот мандат на Трамп, контролата над островот би значела обезбедување на огромна предност во однос на рутите кои водат кон Арктикот и кои забрзано се отвараат како последица на топење на ледот. Тие би биле корисни од трговски аспект, но уште повеќе од воен, со цел да се пресретне влијанието и подемот на Кина и Русија.
Гренланд е најголемиот остров на планетата, кој со климатските промени не е важен само заради рутите кон Арктикот, туку и заради огромните резерви на ретки материјали кои се кријат под почвата и кои се клучни за новите технологии. Да се има под контрола Гренланд би им дозволило на американците да им ги поматат сметките на Кина и Русија во трката за Арктикот, но и би им дозволило да ја зајакнат воздушната база Путифик, порано позната како Туле, која се наоѓа на северо-западот од островот и која е најсеверната воена база на Америка на планетата. Плановите на САД се оваа база да се претвори во стожер на антиракетната одбрана на целата НАТО алијанса, според моделот на иранскиот „Iron Dome“.
Трамп уште во 2019-та се обиде да го наметне својот предлог за купување на Гренланд од Данска, слично како што Америка ја купи и Алјаска од Русија во 1867 година. Но, тогаш Копенхаген отсечно одби да разговара на оваа тема. Сега, Трамп повторно тргнува во офанзива, надевајќи се дека може економски и финансиски да го убеди локалното население кое би имало најголеми придобивки од евентуалниот премин под американски суверенитет. Трамп има намера да ја промени геополитичката слика помеѓу Арктикот и северниот Атлантик, како и во исто време да им упати порака на сите сојузници и непријатели дека нема лесно да се откаже од своите намери.
Растечки притисок ос САД
Ако на се ова го додадеме и зајадливото исмевање на канадскиот премиер Трудо, чија политичка кариера виси на конец, и кој според Трамп би требало на стане гувернер на 51-та американска држава, како и намерата да воспостави поморска блокада над Мексико со цел да ги уништи нарко картелите, тогаш јасно ни станува дека идниот американски претседател има ургентна намера да ја промени архитектурата на глобалната трговија и безбедност и така да ја поврати улогата на САД како глобален полицаец, за сметка на стратешките ривали како Кина и Русија.
Тоа значи дека и европските и НАТО партнерите на САД се осудени да бидат ставени под растечки притисок од страна на Америка. Веќе протече информацијата дека Трамп има намера да го зголеми воениот придонес на НАТО членките од 2 на 5 проценти од државниот БДП. Односно, пораката до сојузниците и до противниците е дека со Трамп ништо нема да биде како што било порано. Тоа сигурно ќе ја погоди и ЕУ на полето на царините и огромниот трговски суфицит кои одредени европски земји го имаат во однос на Америка.
Со други зборови, заканите кон Панама, Данска, Канада или Мексико, се и закана до ЕУ и до Европа, која мошне брзо ќе мора да разбере дека правилата на игра се променети и како последица на тоа да се обиде да зборува и да дејствува како еден глас и едно тело. Гледајќи од друга страна каков конзервативен проселитизам Трамп успеава да направи кај европските десничари, па дури и кај екстремната десница, или продорот што го прави во земји како Унгарија, Словачка, Италија, Холандија и останати, ќе забележиме дека ќе биде исклучително тешко за ЕУ да остане обединета во своите позиции кон САД. Поверојатно е дека секоја засебна земја ќе бара начини како да му се додвори на Трамп и на тој начин да биде поштедена од неговите планови и промени.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.