Интензивен руски напад врз Киев
16 мај 2023Украинскиот главен град Киев, според украински наводи, бил цел на голем руски воздушен напад. „Непријателот почна комплексен напад од повеќе правци и во исто време, со дронови, крилести ракети и веројатно балистички ракети“, соопшти воената управа на Киев на Телеграм.
Според соопштението, нападот бил „невообичаен според интензитетот и огромниот број ракети во многу кратко време“. Како што се вели од Киев, „големо мнозинство“ од „непријателските цели“ биле откриени и уништени на небото над Киев.
Ова е осми напад врз Киев овој месец. Нападот доаѓа еден ден по враќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски од патувањето во Италија, Германија, Франција и Велика Британија.
Британската влада вчера (15.05) ѝ вети на Украина испорака на стотици ракети за противвоздушна одбрана и борбени дронови. Новата воена помош ќе биде испорачана „во наредните месеци“, соопшти Лондон.
Како реакција на новата помош ветена од Лондон, Русија предупреди од „натамошно уништување“. Според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, испораката на тоа оружје немало да има „значително влијание врз текот“ на конфликтот, туку само ќе доведело до „уште поголемо уништување и борби“.