1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Институциите и медиумите во „замка“ на дезинформациите

ДТЗ
11 април 2023

Најчести „произведувачи“ на дезинформации се разузнавачки групи, партии, институции, моќни структури, компании, партиски ботови, државни институции, кои имаат пред сѐ политички и економски цели.

https://p.dw.com/p/4Ps2j
дезинформации
Најчести „произведувачи“ на дезинформации се разузнавачки групи, институции, моќни структури, компании, партиски ботови...Фотографија: Imago Images/Panthermedia/O. Le Moal

Во дигиталната ера, дезинформациите брзо се шират, предизвикуваат значителна штета и ја поткопуваат довербата во институциите со потенцијално сериозни последици. Тие се сериозен проблем со кој новинарите секојдневно се соочуваат во својата работа. Како најголеми генератори на лажни, неточни информации и вести се сметаат социјалните мрежи и огромниот број портали (пред сѐ нерегистрирани).  

Најчести „произведувачи“ на дезинформации се разузнавачки групи, политички партии, моќни структури, компании, партиски ботови - пред сѐ за остварување политички и економски цели. Во некои случаи, дезинформациите може да се шират и од самите институции во обид да манипулираат со јавното мислење или да ја прикријат вистината, се посочува во анализата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) - „Улогата на институционалната транспарентност во справувањето со дезинформациите и шпекулациите во Северна Македонија“, која што е обид да се проникне во соодносот меѓу отворената и отчетна власт наспроти лажните/погрешни информации, кои ја поткопуваат довербата во државните институции. 

Истражувањето е фокусирано на државните институции на национално ниво и масовните медиуми (како традиционалните, така и онлајн-медиумите). Генералната цел е да се „детектира“ дали и колку (не)транспарентноста на институциите на државата може да придонесе во (борбата против) ширењето дезинформации. Дополнително, истражувањето има цел да ја одреди улогата на медиумите во тој „лавиринт“. Податоците за истражувањето се собирани во периодот помеѓу ноември 2022 и јануари 2023 година, а анализата се базира на деск-истражување, користење на релевантни документи, интервјуа со претставници на државните институции на национално ниво и фокусни групи со претставници на медиумите. 

Вечна борба на мускули и кондиција 

Анализата покажува дека медиумскиот пејзаж е „презаситен“, информациите дневно, од минута до минута, се менуваат, а новинарите, свесно или несвесно, неретко паѓаат во „замката“ да пренесат дезинформација или полувистина, особено за вести од странство, но и домашни, кога не можат да добијат релевантни информации, кога нема транспарентен канал. Затоа, како што е случајот со европскиот пристап, транспарентноста треба да игра клучна улога во македонскиот пристап кон справувањето со дезинформациите и да се смета за клучна алатка за решавање на проблемот со дезинформациите.  

Новинарите како пример за транспарентност ги посочуваат „Министерството за здравство во време на Ковид-кризата, денес во време на актуелната економска и енергетска криза Министерството за економијa, а најнетранспарентно е Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, од каде што буквално нема одговори на ниту едно новинарско прашање“. Според нив, многубројни се ситуациите во кои се води битка со државните институции за да се добијат бараните информации. Кога се работи за обични информации, одговорите се добиваат полесно, но кога се копа подлабоко во однос на функционирањето на институциите (на пример, информации за надоместоци за советници во министерствата), тогаш информациите потешко се добиваат. Во суштина, станува збор за „вечна борба на мускули и кондиција“. 

социјални мрежи
Како најголеми генератори на лажни, неточни информации и вести се сметаат социјалните мрежи и огромната бројка портали (пред сѐ нерегистрирани).  Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Со стандарди против дезинформации 

Отсуството на транспарентност на владините институции, како што се посочува во анализата, значи отсуство или скратување на правото на пристап на граѓаните до информации. Отсуството на транспарентност значи ограничување или дефицит на демократските процеси, а истовремено отвора простор за ширење дезинформации и шпекулации, со што се поткопува функционирањето на медиумите. Затоа во оваа „битка“ со дезинформациите неопходно е придржување до професионалните новинарски стандарди,но и на едукација за медиумска писменост. 

Борбата со дезинформации е комплексен процес со кој не можат сами да се изборат ни медиумите, ни институциите, ни граѓанските организации, а најмалку самите граѓани. И уште поважно, тоа е долготраен процес во кој еден од клучните фактори е општата, но и медиумската писменост. За тоа е потребен стратегиски план со добри мерки, што доследно ќе се имплементираат, со јасно дефинирање на дезинформациите, за да се избегне „стапицата“ од нивно слободно, волунтаристичко толкување и доведување во прашање на креирањето ефикасни и координирани политики и мерки за спречување на ширењето дезинформации, се посочува во анализата на ИКС.  

Ограничени капацитети 

Според анализата, државните институции имаат ограничени институционални капацитети во борбата со дезинформациите. Но, речиси исклучок се оние што тоа „отворено“ ќе го потврдат. Транспарентноста, односно „активната транспарентност“ високо поставена на агендата на институциите на централната власт, се реализира бавно и неуедначено, како законски, така и акциско-плански, како и во отсуство на меѓуресорска координација на мерките поврзани со зголемувањето на транспарентноста.  

Во исто време, битката со дезинформациите, во отсуство на усогласена дефиниција во државните институции, остава простор секој ресор одделно да пристапува кон нивно толкување. Тоа потенцијално влијае на ефикасноста во справувањето со дезинформациите. На тоа се надоврзуваат слабите институционални капацитети, кадровската екипираност и не/обученост на секторите за односи со јавноста за справување со дезинформациите што перманентно се шират и ја поткопуваат демократијата. 

Колку денес, соочени со вистинска „инвазија“ на дезинформации, отворената власт и медиумите можат да придонесат во битката со ова „зло“ што ја подрива демократијата?  Погледнато низ медиумската „лупа“, во анализата се посочува дека отвореноста на централната власт е далеку од посакуваното ниво. Перцепцијата на новинарите (и од електронските и од печатените медиуми), градена од непосредното искуство на „терен“, се движи од ставот дека институциите се затворени (особено Владата и министерствата, како и општините), поретко дека се релативно транспарентни, но се апострофира нивната формална транспарентност. Наспроти тоа, истражувањето „Индекс на активна транспарентност – 2022 година“ нотира дека Владата и министерствата имаат 85%, а одделно, Владата и Министерството за одбрана максимални 100%, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност. 

Во целина, транспарентноста на институциите на централната власт новинарите ја оценуваат пред сѐ како формално-правна и техничка, неретко и пи-аровска. Според нив, институциите не се отворени ако се следи 'секој чекор' на функционерот и од тоа се продуцира огромен материјал, туку кога новинарски тематски се обработува одредено прашање или проблем, но тука многупати се затајува. За новинарите транспарентна власт не е онаа со секојдневни соопштенија, фотографии, инсерти, тоа е само добар пи-ар“, се посочува во анализата на ИКС. 

медиуми
Анализата покажува дека медиумскиот пејзаж е „презаситен“, информациите дневно, од минута до минута, се менуваат, а новинарите, свесно или несвесно, неретко паѓаат во „замката“ да пренесат дезинформација или полувистинаФотографија: Fotolia/picsfive

Ризици 

Отсуството на транспарентност на институциите го зголемува ризикот од дезинформации, а тоа може да предизвика повреди на човековите права од различни аспекти, бидејќи не им овозможува на граѓаните информирано да го следат донесувањето одлуки во власта. Но, при обидот да се регулираат дезинформациите потребно е да постои свесност за ризиците.  

„Еден од главните ризици е потенцијалот за цензура и ограничување на слободата на говорот. Владите и приватните компании може да користат регулатива како начин да ги замолчат оние со кои не се согласуваат или да потиснат одредени видови информации“, се посочува во обемната анализа.  

Прекумерното регулирање на дезинформациите може да доведе до несакани последици и да ги задуши слободата на говорот и слободата на изразувањето. Дополнителни потешкотии произлегуваат од тоа што некои форми на дезинформации тешко може да се разликуваат од сатирата или пародијата, што може да доведе до цензура на легитимните форми на изразување. 

Поради тоа, во анализата на ИКС се посочува дека најдобриот пристап за справување со дезинформациите би требало да цели кон намалување на условите за создавање и ширење дезинформации, наместо кон нивно цензурирање. Најдобриот начин за постигнување на ова е проактивниот наместо реактивниот пристап, кој подразбира зголемување на медиумската писменост и институционалната транспарентност, отворена соработка меѓу различни засегнати страни, вклучувајќи влади, технолошки компании, медиуми и граѓански организации, во лоцирање и следење на проблемот, поттикнување саморегулација, особено кај медиумите и онлајн-медиумите, инвестирање во истражувања и намалување на структурните економски придобивки од ширењето дезинформации.  

лажни вести
Пристапот на Европската Унија кон справувањето со дезинформациите е особено релевантен за Северна Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУФотографија: picture-alliance/picturedesk.com/H. Fohringer

Европски искуства 

Пристапот на Европската Унија кон справувањето со дезинформациите е особено релевантен за Северна Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ. Во споредба со ЕУ, која има сеопфатен пристап за справување со дезинформациите, македонскиот пристап во справувањето со дезинформациите сè уште е во зародиш, а земјата е во процес на развивање ефективни мерки за справување со проблемот. 

Во пристапот на ЕУ за спречување на ширењето дезинформации се прави јасна дистинкција меѓу медиумите, особено јавниот сервис и социјалните медиуми како потенцијален извор или пренесувач на дезинформации. Една од најважните специфики на политиките на ЕУ е фактот што медиумите се третираат како субјект-партнер за спречување на ширењето дезинформации. Од тие причини европскиот пристап во спречувањето на дезинформациите е проследен со мерки и политики за јакнење на демократијата, кои подразбираат заштита на новинарската професија. Овие мерки се од особено значење и нудат насоки за националните стратегии и политики за спречување на дезинформациите во Македонија.

„Во овие рамки, треба да им се посвети внимание на европските мерки за заштита на новинарите, а особено на новинарките, од онлајн-закани. Потребно е усогласување на националното законодавство поврзано со медиумите со европската регулатива и со другите европски стандарди, саморегулаторни и корегулаторни акти, како и со препораките на Советот на Европа. Исто така, во националните стратегии и политики треба целосно да се интегрира Директивата на ЕУ за спречување на можноста да се покренуваат и да се злоупотребуваат судски постапки против новинарите. Директивата ги третира стратегиските тужби како посебна форма на вознемирување, којашто се потпира на неосновани или претерани судски постапки, кои најчесто ги покренуваат државните органи, моќните компании или моќни поединци“, укажуваат од Институтот за комуникациски студии.

 

Лажни вести и проверка на факти

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи